Кои витамини и минерали се потребни за време на бременоста?
Здравата исхрана е најдобриот начин за да се добијат потребните витамини и минерали.
Стриите за многу жени претставуваат естетски проблем, кој понекогаш влијае и врз нивната самодоверба, бидејќи поради нив не се задоволни од изгледот на телото. Овие промени на кожата во форма на линии се почести кај бремените жени. Зошто се појавуваат, на кој дел од кожата на телото повеќе се застапени, како се третираат, дали претставуваат здравствен проблем и може ли да се спречат, одговор на овие прашања Мама не си сама побара од проф. д-р Катерина Дамевска, специјалист дерматовенеролог на Универзитетската клиника за дерматологија – Скопје.
Повеќе од 90 % од бремените жени развиваат стрии (striae gravidarum) во пределот на стомакот, градите и задникот. Станува збор за црвени, виолетови или темнокафени вдлабнати линии, резултат на оштетувањето на подлабоките структури во кожата. Кај жените со светол тен стриите имаат розикава до црвена боја. Кај жените со потемен тен стриите се темноцрвени, виолетови или кафени. Потребни се околу 6 месеци за стриите да добијат светла боја и да се стеснат, со што ќе станат помалку видливи, објаснува професорката Дамевска.
Причини за појава на стрии
Според дерматологот, за појава на стриите влијание имаат генетските фактори. Ако вашата мајка има стрии, многу е веројатно дека ќе ги имате и вие. Втора причина е забрзаното истегнување на кожата, особено во пределот на стомакот. Имено, кожата на стомакот не може толку бргу да се приспособи на брзиот раст на стомакот (поради растот на плодот, но и поради зголемувањето на масното ткиво). Трета причина се хормоните во бременоста, кои ја менуваат структурата на колагените снопови во кожата.
Кога се јавуваат стриите?
Најголем број од жените развиваат стрии во третиот триместар. Сепак, кај некои трудници тие стануваат видливи веќе при крајот на третиот или четвртиот месец од бременоста, вели професорката по дерматологија Дамевска и објаснува дека развојот на стриите има три стадиуми.
Како да се спречи појавата на стрии?
Најдобра превенција, според дерматологот Дамевска, е одржување на еластичностa на кожата.
Нежна масажа со препарати кои ја навлажнуваат и ја мастат кожата. Овие препарати обично содржат растителни масла (кокосово, маслиново, бадемово) или витамин Е. Искуствено, овие препарати имаат позитивен ефект, како на пример избегнување сувост или непријатно чувство на затегнатост. Сепак, не постојат студии кои со сигурност докажуваат дека овие состојки имаат превентивно дејство. Самото масирање има позитивен ефект врз прокрвеноста на кожата, што е од корист. Од големо значење е општата исхранетост и хидратација на организмот. Познато е дека витаминот Ц има позитивен ефект врз колагените и еластичните влакна. Прекумерната тежина е додатен фактор кој го засилува создавањето на стриите, посочува проф. д-р Катерина Дамевска од Клиниката за кожни болести.
Други методи за третман на стрии
Професорката по дерматологија наведува и други методи за третман на стрии, но потенцира дека тие се забранети или не се препорачува да се применуваат во бременост и при доење.
Препарати со ретиноиди (ретинол или третиноин) кои покажуваат ефикасност во ремоделирањето на колагенот. Тие препарати се забранети во периодот на бременост и на доење. Потоа, методи кои со различен успех се применуваат се ласерите, хемиските пилинзи, микродермоабразијата, терапијата со ултразвук, радиофреквенцијата, мезотерапијата или нивни комбинации. Набројаните методи се небезбедни во текот на бременоста. Пред да се решите за некој скап метод, побарајте информација од лекарот кој ја прави процедурата за очекуваните ефекти, односно за процентот на успешност, советува дерматологот Дамевска и нагласува дека стриите не се знак на некој проблем или недостиг ниту кај мајката ниту кај бебето. Не постои метод кој 100 % ќе ја спречи појавата на стрии, ниту, пак, метод кој 100 % ќе ги отстрани стриите.
Здравата исхрана е најдобриот начин за да се добијат потребните витамини и минерали.
Кај некои симптомите се поизразени, а други, пак, не чувствуваат никаква промена.
Колку време трае бременоста, како се развива фетусот, кога почнуваат да се оформуваат органите на бебето...