Кои се првите симптоми на бременост?
Кај некои симптомите се поизразени, а други, пак, не чувствуваат никаква промена.
Посакуваната бременост, освен убави и среќни моменти за жените и општо за паровите, носи и одговорност и обврски за редовни прегледи, контроли и испитувања. Токму редовните прегледи и анализи во текот на бременоста се од клучно значење за навремена детекција на ризик-фактори и на отстапувања, со цел успешно завршување на бременоста со здрава мајка и со здраво дете.
Кои прегледи и кога треба да се направат за „Мама не си сама“ објаснува доц. д-р Корнелија Трајкова, специјалист гинеколог акушер во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Што треба да се направи во првиот триместар?
По потврдата на бременоста основно е да се разговара со жената, односно да се добијат податоци за нејзината здравствена состојба, за минати заболувања и за хронични здравствени проблеми; да се измери крвниот притисок, да се пресмета индексот на телесна маса (body mass index) и да се даде совет за хигиенодиететски режим и за текот на бременоста. Се препорачуваат следните лабораториски анализи: крвна слика, одредување на крвната група, Rh-фактор, утринска гликемија (шеќер) на гладно, како и биохемиска и микробиолошка анализа на урината, а, во согласност со националните препораки, и микробиолошки брисеви од вагината и од грлото на матката. Треба да се понуди тестирање за HIV, сифилис, Hepatitis B и за TORCH. Кај Rh-негативни жени се препорачува индиректен Кумбсов тест, кој, доколку е негативен, се повторува по 28. гестациска недела, објаснува гинекологот д-р Корнелија Трајкова.
Таа посочува дека ултразвучен скрининг во првиот триместар се прави од 11. до 13 + 6 гестациска недела. Може да се понуди во комбинација со анализа на биохемиски маркери од крвта за статистичка калкулација на ризик или да се дополни со неинвазивен пренатален тест (NIPT).
Прегледи во вториот триместар од бременоста
Во вторите три месеци од бременоста, според д-р Трајкова, потребно е да се направи ултразвучен скрининг за структурни аномалии, со проценка на должината на цервикалниот канал од 18. до 22. гестациска недела; скрининг за гестациски дијабетес од 24. до 28. гестациска недела, а по индикација и порано; скрининг за анемија и крвна слика во 28. гестациска недела, како и индиректен Кумбсов тест кај Rh-негативни жени, советува гинекологот.
Кои прегледи се прават во третиот триместар?
Во последните три месеци од бременоста гинекологот Трајкова советува да се направи ултразвучен скрининг за фетален раст и развој од 28. до 32. гестациска недела и проценка на локализацијата на постелката по 32. гестациска недела.
Скрининг за инфекции: брис од вагина за бактериолошка анализа и брис за Streptococcus agalactiae – Group B Streptococcus (GBS) од 34. до 36. гестациска недела, односно колку е можно поблиску до веројатниот термин за раѓање.
Од 36. до 40. гестациска недела се препорачуваат прегледи еднаш неделно, а по потреба и почесто. По 40. гестациска недела 2-3-пати неделно, а по потреба и почесто.
Според д-р Корнелија Трајкова, редовните ултразвучни прегледи треба да се практикуваат еднаш месечно и да вклучуваат следење на растот на плодот, на движењата, на количеството на плодова вода, на структурата на постелката, а по 36. гестациска недела и на поставеноста на плодот. Во склоп на редовните прегледи се препорачуваат мерење на крвниот притисок и биохемиска анализа на урината, со цел скрининг за инфекции и за присуство на протеини во урината, а пожелно е еднаш месечно да се прави и крвна слика, доколку има можност за тоа.
Кај некои симптомите се поизразени, а други, пак, не чувствуваат никаква промена.
Здравата исхрана е најдобриот начин за да се добијат потребните витамини и минерали.
Колку време трае бременоста, како се развива фетусот, кога почнуваат да се оформуваат органите на бебето...