Кои витамини и минерали се потребни за време на бременоста?

За време на бременоста треба да се обрне посебно внимание на исхраната. Во тој период неопходни се и додатоци (витамини и минерали) за да се надополнат сите хранливи материи потребни за раст и развој на бебето. Зошто се потребни суплементите „Мама не си сама“ побара стручни совети од доц. д-р Корнелија Трајкова, специјалист гинеколог акушер во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

  • Здравата исхрана е најдобриот начин за да се добијат потребните витамини и минерали. Но пред планирана бременост, како и за време на бременоста и на периодот на доење потребите на организмот се поинакви и вообичаено недостигаат клучните хранливи материи кои се неопходни за добар раст и развој на плодот, како и за заштита на здравјето на бремената жена. Во согласност со постојаните истражувања и следења, воспоставени се јасни препораки за суплементација во овие периоди, вели гинекологот Трајкова.

 

Таа ги посочува следниве суплементи:

Витамини

  • Фолната киселина е витамин од групата Б и е клучен фактор во создавањето на ДНК. Учествува во формирањето на сите нови клетки и е неопходна за нормален развој на нервниот систем. Помага да се спречат дефекти на нервниот систем. Важно е внесувањето биолошки активна форма на фолната киселина каква што е четвртата генерација на quatrefolic. Суплементацијата со фолна киселина е особено важна во периодот на планирање бременост и во првите недели, уште пред потврдувањето на бременоста, бидејќи тогаш започнува формирањето на феталната нервна туба. Препорачана дневна доза е 400 микрограми.
  • Витаминот Д помага во апсорпцијата на калциум и одржува нормални нивоа на калциум и на фосфор, кои се суштински минерали за правилно формирање на коските. Неопходен е за здрави заби. Недостигот од витамин Д е ризик за рахитис и за остеомалација кај возрасните. Препорачана дневна доза е 10 микрограми.
  • Витамин А – во согласност со актуелните препораки за антенатална грижа, бремените жени треба да бидат информирани дека суплементацијата со витамин А (внесување поголемо од 700 микрограми) може да биде тератогена, па затоа треба да се избегнува. 
  • Витаминот Б12 учествува во создавањето еритроцити и во одржувањето здрав нервен систем. Има улога во процесот на делба на клетките. Недостигот може да биде причина за чувство на замор и на летаргија, како и за појава на т.н. пернициозна анемија. Се препорачува внесување во комбинација со фолна киселина.
  • Тијамин (витамин Б1) – заедно со другите витамини од Б-групата помага во ослободувањето и во искористувањето енергија од храната и има улога во одржувањето на нервното и на мускулното ткиво.
  • Рибофлавинот (витамин Б2) е важен за одржување здрава кожа, здрави очи и здрав нервен систем. Му помага на телото да ја ослободи енергијата од јаглехидратите.
  • Нијацинот (витамин Б3, витамин ПП) помага во процесот на ослободување енергија од храната и на одржување здрав нервен и дигестивен систем. 
  • Пантотенската киселина помага во ослободувањето енергија од храната и го намалува заморот. 
  • Витаминот Б6 учествува во процесот на ослободување енергија од протеините и од јаглехидратите од исхраната. Има улога и во формирањето на хемоглобинот.
  • Витаминот Ц придонесува за нормално создавање колаген и за нормална функција на кожата и ја зголемува апсорпцијата на железо.
  • Витаминот Е ги штити клетките од оксидација. 
  • Биотинот придонесува за одржување здрава кожа и коса.

 

Минерали 
 
  • Јодот е неопходен за создавање тироидни хормони, кои, пак, се неопходни за обезбедување нормален развој на мозокот и на нервниот систем на фетусот, како и за раниот живот на новороденчето. Ниското ниво на тироидни хормони во раната бременост може да резултира со нарушен слух и вид, па сѐ до тешка ментална ретардација на плодот. Во периодот на доење новороденчињата се целосно зависни од мајчиното млеко за потребните резерви на јод. Потребите од јод кај жените се зголемуваат за време на бременоста и на доењето за да се обезбеди соодветна количина на јод за фетусот. 
  • Железото придонесува за нормална когнитивна функција, за нормално создавање еритроцити и хемоглобин, како и за нормално пренесување на кислородот низ телото. Тоа придонесува за намалување на заморот и на истоштеноста. Во согласност со актуелните препораки, не се препорачува рутинско внесување кај сите бремени жени, но многу често е потребно дополнително внесување пониски дози, особено по 28. гестациска недела, кога се зголемуваат потребите. Високите дози може да имаат несакани ефекти, како на пример гадење, повраќање, затвор, болки во стомакот...
  • Калциумот е потребен за одржување здрави коски и заби.
  • Цинкот и селенот придонесуваат за одржување здрава коса и здрави нокти.
  • Магнезиумот придонесува за правилно функционирање на нервниот систем и за мускулната функција. Помага за релаксација на мускулатурата.
Елементи во траги
  • Бакарот е елемент кој има улога за нормална пигментација на кожата и на косата.
  • Хромот има улога за нормален метаболизам на макронутриентите и за одржување нормално ниво на глукоза во крвта.
  • Молибденот придонесува за нормален метаболизам на сулфурните аминокиселини.
  • Манганот придонесува за одржување нормален метаболизам.

Според гинекологот Корнелија Трајкова, најдобар избор се комбинациите на суплементи кои докажано помагаат за нормален тек и исход на бременоста, кои ги содржат сите неопходни супстанции, кои се едноставни и безбедни за употреба и кои немаат несакани ефекти.

 

 

Може ли да се спречи појавата на стрии во бременост?

Стриите за многу жени претставуваат естетски проблем, кој понекогаш влијае и врз нивната самодоверба, бидејќи поради нив не се задоволни од изгледот на телото.

Дали таткото треба да е присутен на породувањето?

Присуството на таткото за време на овој процес може да има огромно значење не само за него туку и за мајката и за бебето.

Кои прегледи и кога треба да ги направите ако сте бремена?

Редовните прегледи и анализи во текот на бременоста се од клучно значење за навремена детекција на ризик-фактори и на отстапувања

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!