Кои се првите симптоми на бременост?
Кај некои симптомите се поизразени, а други, пак, не чувствуваат никаква промена.
Колку време трае бременоста, како се развива фетусот, кога почнуваат да се оформуваат органите на бебето... Одговор на овие, но и на сите прашања поврзани со бременоста „Мама не си сама“ побара од доц. д-р Корнелија Трајкова, специјалист гинеколог акушер во клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Бременоста трае 40 т.н. гестациски недели и е поделена во три тримесечја, односно триместри, почнувајќи од првиот ден на последното менструално крвавење. Може да се пролонгира најдоцна до 42 гестациски недели, односно до две недели по веројатниот термин за раѓање. Секој триместар се карактеризира со одредени фази во развојот на плодот и со промени во организмот на жената, посочува гинекологот Трајкова.
Првите три месеци се многу важен период за развојот на плодот
Прв триместар е периодот од почетокот до 12. гестациска недела (г. н.), кој е многу важен за развој на фетусот. Ова е периодот кога започнува развојот на сите органи и формирањето на постелката, што е многу важно, за нормален тек на следните фази од бременоста.
Прв месец, односно 1-4. г. н. – бременоста, всушност, настанува во текот на третата недела, кога сперматозоидот и јајце-клетката се спојуваат и создаваат зигот, кој се всадува во ѕидот на матката и се развива т.н. бластоциста, а таа понатаму во ембрион.
Во вториот месец или 5-8. г. н., вообичаено по изостанок на менструација, се детектира и се потврдува бременост. Во овој период расте и се развива ембрион. Се формира т.н. неврална туба, основа за нервниот систем на плодот. Започнува циркулацијата и се детектира срцева акција на ултразвук. Се развиваат ситни пупки од кои ќе се развијат раце и нозе. Се формираат крвни клетки и започнува циркулацијата. Се формираат зачетоци на уши, очи и на уста. Започнува формирањето коски, кои ја заменуваат меката ’рскавица. Започнува формирањето на гениталиите. Главата на ембрионот е голема во однос на телото. Рацете и стапалата имаат изглед на мрежа. Папочната врвца е целосно развиена и помага во транспортот на кислород и на крв до ембрионот. Ембрионот е долг околу 2 cm.
Во третиот месец, од 9 до 12. г. н., ембрионот станува фетус и почнува до добива човечки изглед. Се развиваат цртите на лицето, екстремитетите, органите, коските и мускулите. До крајот на 12. недела е развиен полот. Во овој период се формираат почетоците на забите и на пупките за вкус. Рацете и стапалата со прстите се целосно формирани. Ноктите на рацете и на нозете почнуваат да се развиваат и да се формираат надворешните уши. Започнуваат движења како на пример отворање и затворање на тупаниците и на устата. Се јавуваат движења во зглобовите на рацете и на нозете. Коските се стврднуваат. Во 12. недела сите органи, екстремитети, коски и мускули се оформени, но ќе продолжат да се развиваат за да станат целосно функционални. Започнува функцијата на циркулаторниот, дигестивниот и на уринарниот систем. На крајот на 12. недела фетусот е долг околу 6-6,5 см, објаснува д-р Корнелија Трајкова, специјалист гинеколог акушер.
Во вториот триместар мајката ги чувствува движењата на плодот
Втор триместар е периодот од 13. до 28. г. н., кога почнуваат да се чувствуваат и движењата на плодот.
Во 4. месец (13-16 г. н.) се формираат гласните жици, главата почнува да расте пропорционално со телото, кожата почнува да се задебелува, почнуваат да растат фини влакненца, надворешните гениталии се целосно развиени и почнуваат да се формираат отпечатоците на прстите. Започнува развојот на белите дробови, а започнуваат и поспецифични движења, како на пример цицање на палецот или насмевка. Фацијалните структури, усните и ушите се развиени.
Во 5. месец (17-20 г. н.) се формира верникс, белузлава заштитна материја која ја штити феталната кожа, и нежни лануго-влакненца. Започнува циклусот на спиење и на будност. Растат ноктите на крајот на прстите.
Во 6. месец (21-24 г. н.) се развива коскената срцевина и започнува создавањето на црвените крвни зрнца. Феталните движења се координирани и чести. Белите дробови се развиени, но сѐ уште недоволно зрели. Фетусот тежи околу 900 г.
Во 7. месец (25-28 г. н.) фетусот продолжува да созрева и да развива резерви на телесни масти, ја менува положбата и реагира на стимули. Нервниот систем бргу созрева. Белите дробови на фетусот почнуваат да создаваат сурфактант, супстанција која му помага да дише по раѓањето. Фетусот може да ги отвора и да ги затвора очите. На крајот на вториот триместар фетусот тежи околу 900-1400 грама, вели гинекологот Трајкова
Во третиот триместар тежината на плодот се зголемува најмногу
Трет триместар е периодот од 29. до 40. г. н., кога фетусот бргу ја зголемува тежината, додавајќи телесни масти.
Во 8. месец, односно 29-32 г. н., фетусот продолжува да созрева и да развива резерви на телесни масти. Мозокот се развива најбргу и реагира на стимули. Повеќето органи се добро развиени, иако белите дробови се сѐ уште незрели. Јасно се чувствуваат движењата и се разликуваат фазите на будност и на сон. Кожата повеќе не е проѕирна. Освен белите дробови и мозокот, повеќето други органи се добро формирани и подготвени за раѓање.
Во 9. месец (33-36 г. н.) фетусот продолжува да расте и да созрева. Белите дробови се речиси зрели; коските на фетусот се стврднуваат; верниксот, кој ја штити кожата на фетусот, почнува да станува погуст; мозокот на фетусот продолжува да расте; се губат лануго-влакненцата; има влакна на главата; се намалува количината на амнионската течност, а постелката почнува да зрее.
Кај некои симптомите се поизразени, а други, пак, не чувствуваат никаква промена.
Присуството на таткото за време на овој процес може да има огромно значење не само за него туку и за мајката и за бебето.
Здравата исхрана е најдобриот начин за да се добијат потребните витамини и минерали.