
На сите луѓе им е потребен допир, но на бебињата им е најпотребен.
Допирот е од суштинско значење за опстанокот на цицачите, а контактот кожа на кожа им овозможува на мајките и на бебињата да ги користат сите свои сетила во негувањето на оваа нова и витална врска. Со оваа порака педијатарот д-р Снежана Палчевска-Коцевска го започна разговорот со тимот на „Мама не си сама“ за тоа колку е значаен контактот кожа на кожа за мајката и за бебето.
- За време на бременоста бебињата се во нераскинлива врска со своите мајки: добиваат топлина, храна, заштита и кислород од телото на својата мајка. Потоа доаѓа породувањето и бебињата одеднаш се наоѓаат без непосреден пристап до овие суштински потреби. Не е изненадувачки што многу студии укажуваат на голем број придобивки за бебињата кои ја искусуваат негата кожа на кожа (понекогаш наречена нега на кенгур) со своите мајки. Кога бебињата голи се припиени на кожата на својата мајка, тие се најблиску до топлината и до сигурноста на која биле одомаќинети во матката. Ако мајката не може веднаш да обезбеди нега кожа на кожа, на пример, по породување со царски рез, таткото на бебето може да го стори тоа, советува д-р мед. науки Снежана Палчевска-Коцевска, специјалист педијатар неонатолог во клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Кои се придобивките?
Според педијатарот, грижата кожа на кожа обезбедува многу придобивки за бебињата.
- Ја подобрува функцијата на срцето и на белите дробови, ги регулира телесната температура на бебето и нивото на шеќер во крвта, обезбедува трансфер на добри бактерии и помага во ублажувањето на секоја болка од клиничките процедури. Бебињата поминуваат низ драматична транзиција по раѓањето додека се подготвуваат да го земат првиот здив надвор од матката. Оние кои се држат кожа на кожа до нивните мајки имаат тенденција порано да се приспособат од оние кои не го прават тоа. Можеби срцевите звуци на мајката и шемите на дишење му се познати на бебето откако ќе помине време во матката. Секое новороденче кога ќе биде ставено на стомакот на својата мајка веднаш по раѓањето, има способност самостојно да ги најде градите на мајка си и да одлучи кога да цица. Природните инстинкти на будното бебе може да му помогнат да ја лоцира дојката, да се зацврсти за неа и да цица, под услов да е во близок контакт со својата мајка, објаснува д-р Палчевска - Коцевска.
Бебето кое има контакт кожа на кожа со мајката помалку плаче!
Истражувањата покажуваат дека бебињата кои растат со контакт кожа на кожа, особено од мајката, се склони да плачат помалку од оние кои се одвоени од своите мајки, посочува докторката.
- Плачот на новороденчето некои го нарекуваат повик за неволја од одвојување, забележувајќи дека тоа е рефлекс на цицач за повикување на мајката кон младите. Во постнаталниот период повеќето бебиња престануваат да плачат откако ќе се соединат со своите мајки. Размислувајќи антрополошки за плачот на бебето, се чини разбирливо дека бебето има помала веројатност да плаче кога чувствува заштита и сигурност од својата мајка. Принципот Rooming In дополнително ја овозможува оваа сигурност кај новороденото и овозможува чест контакт со мајката, вели д-р Снежана Палчевска-Коцевска и додава дека студиите за бебиња врз кои се изведуваат клинички процедури покажуваат дека бебињата чувствуваат помалку болка кога се држат кожа на кожа за време (или веднаш по) процедурата и дека времетраењето на болката се скратува со близок контакт. Контактот кожа на кожа е, исто така, покорисен од давањето орална гликоза (шеќерна вода, традиционално решение) за ублажување на болката за време на земањето крв од петицата кај новороденото. Колку подолго трае негата кожа на кожа толку подобро бебето ги поднесува симптомите на болка. Споредбата од 30 минути нега на кенгур, 15 минути нега за кенгур и нега во инкубатор покажа најголемо олеснување од болка и од плачење при подолг контакт кожа на кожа, објаснува таа.
Преку овој контакт родителите ги дознаваат потребите на бебето
Времето поминато со бебето по раѓањето им дава можност на родителите да научат за неговото однесување – знаци на глад, знаци на ситост, знаци на непријатност итн., посочува педијатарот.
- Тоа што го има бебето во близок контакт кожа на кожа ѝ помага на мајката побргу да ги научи сигналите на своето бебе. Добрата комуникација меѓу бебето и мајката ја зајакнува мајчината самодоверба, но им помага и на бебињата да развијат чувство на доверба и на сигурност, вели д-р Палчевска-Коцевска, неонатолог во клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Како да применувате кожа на кожа со вашето бебе
Негата кожа на кожа не е ништо ново, но била потисната во современиот здравствен и социолошки систем. Во минатото тоа бил единствениот начин за нега веднаш по породувањето, вели педијатарот и за „Мама не си сама“ споделува неколку корисни совети како да практикувате кожа на кожа веднаш по раѓањето на вашето бебе, а и потоа.
- Земете го вашето бебе во прегратка веднаш по раѓањето. Првиот час (или повеќе) по раѓањето дава прекрасна можност да започнете нега кожа на кожа. При негата кожа на кожа бебето е голо (сува капа е во ред, како и пелена) и се става на голите гради на мајката, меѓу нејзините гради, покриено со ќебе за да не се разладуваат и мајката и бебето. Во текот на престојот во болница бидете со бебето во иста соба (Rooming In), што ќе ви даде повеќе можности да го држите вашето новороденче во рацете и кожа на кожа. Подоцна во домот практикувајте да носите марами околу вратот во кои удобно ќе биде легнато вашето бебе како во гнездо и постојано во контакт со вас, препорачува д-р Палчевска-Коцевска.

Допирот кожа на кожа го смирува бебето!
Педијатарот советува да го смирувате вашето бебе за време на хранењето.
- За него е тоа нова вештина која треба да ја совлада. Ако вашето бебе покажува знаци на вознемиреност за време на хранењето, грижата кожа на кожа може да му помогне да се чувствува поудобно зајакнувајќи го неговото чувство на сигурност и помагајќи ја неговата транзиција кон цицање. Бебињата треба да ја зајакнуваат вратната и грбната мускулатура со лежење на стомак, а, наедно, со тоа се намалува шансата за деформирање на главчето од лежењето на грб додека спие. Но, времето за стомак не мора да биде на подот – може да биде на вас!
- Соблечете го вашето бебе на пелена, соблечете се и вие и ставете го на гради. Држете ја едната рака на него заради стабилност и покријте го со чиста прекривка преку грбот за да го стоплите.
- Читајте заедно. Бебињата сакаат да ги слушаат смирувачките тонови на гласовите на нивните родители и реагираат со големо внимание кога им се зборува на типичен родителски начин.
- Вежбајте масажа за доенчиња. Бебињата уживаат и во други форми на допир кожа на кожа, вклучително и масажа. Постојат многу пристапи за масажа на бебе, но оваа практика е најсмирувачка и најкорисна кога се користи како предвидлив дел од секојдневната рутина на бебето, препорачува неонатологот д-р Снежана Палчевска-Коцевска.
Вклучете го и татo за нега кожа на кожа
Педијатарот советува да оставите време за нега кожа на кожа и со таткото.
- Негата кожа на кожа од татковците е корисна и за бебето и за таткото! Татковците можат да одвојат барем еден час секој ден кој ќе е само за нив и за бебето за да се релаксираат заедно кожа на кожа. Во деновите кога немате можност за практицирање на контактот кожа на кожа, едноставно гушкајте го вашето бебе колку што можете почесто. Тоа е добро за него, а добро е и за вас, потенцира д-р Палчевска-Коцевска.