Пробиотици за бебињата родени со царски рез: дали се неопходни?

Во современата медицина сѐ повеќе се зборува за значењето на цревниот микробиом уште од првите денови на животот. Начинот на раѓање има големо влијание врз развојот на добрите бактерии, а токму тука се отвора прашањето дали на новороденчињата родени со царски рез им е потребна пробиотска поддршка. На ова тема „Мама не си сама“ разговараше со д-р Мери Калајџиева-Зип, специјалист по педијатрија во ЈЗУ Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир.

Формирањето здрав микробиом започнува уште од раѓањето и има долгорочно влијание врз имунитетот и врз целокупното здравје на детето. Во последниве две децении во стручната литература, но и во средствата за информирање, голем број истражувања и написи ги прикажуваат позитивните ефекти од примената на пробиотиците – вели педијатарот.

Што се пробиотиците и зошто се важни?

Докторката објаснува дека според Светската здравствена организација „пробиотиците се живи микроорганизми кои администрирани во соодветната количина водат кон здравствена придобивка за домаќинот“ (СЗО 2001). Самиот збор има латинско потекло – pro bios или за живот – вели таа и додава:

Сите ние живееме опкружени со микроорганизми. Тие се наоѓаат на нас и во нас. Во суштина имаме 10-пати повеќе микроби отколку наши сопствени клетки. Бактериите во нашиот цревен систем или таканаречен цревен микробиом имаат исклучително важна улога не само во дигестијата и во апсорпцијата на хранливите материи, туку и во отстранувањето на штетните материи и на патогените микроорганизми, во синтезата на витамините, во хормоните, во невротрансмитерите... И, секако, од исклучителна важност е нивната улога во иницијацијата и во долгорочното програмирање на нашиот имунолошки систем, односно на нашиот имунитет. Токму поради сево ова од огромно значење е воспоставувањето нормална цревна флора од почетокот на животот – посочува д-р Калајџиева-Зип.

Кога започнува формирањето на микробиомот?

Според педијатарот, голем број фактори влијаат врз цревниот микробиом: здравјето на идната мајка, бременоста, начинот на породување, исхраната со мајчино или со вештачко млеко, употребата на антибиотици...

Иако во минатото се сметаше дека плодот во мајчината утроба живее во стерилни услови, новите истражувања укажуваат на можен трансфер на бактерии во текот на бременоста. За здравјето на своето идно дете мајката придонесува со водење здрав живот во текот на целата бременост: добра исхрана, редовни контроли, избегнување штетни супстанции (цигари, алкохол и сл.). Сепак, најголем пренос на микроорганизми врз новороденото настанува во текот на породувањето. При вагиналното породување штотуку роденото е изложено на мајчината вагинална микрофлора, кај која доминираат таканаречените добри бактерии од соевите лактобацилус, бифидобактерии итн., додека, пак, новородените родени со царски рез се населуваат со бактерии кои се наоѓаат на кожата на мајката и во болничката околина. И во непосредниот период по раѓањето постојат разлики. Кај вагинално родените новородени се реализираат ран контакт кожа на кожа, ран прв подој, почести подои... Исхраната со мајчино млеко, покрај со хранливи материи, богата е и со повеќе од стотина докажани антиинфективни фактори и со многу значајните олигосахариди, кои промовираат развој на добри бактерии и придонесуваат за воспоставување здрава цревна флора. Кај новородените родени со царски рез неретко е одложено започнувањето со доење – успорена лактација – поради што имаме почеста употреба на вештачки млека, што во голема мера влијае врз забавеното населување на цревниот тракт со добри бактерии. Иако изменетиот микробиом или дисбиозата кај новородените со царски рез со текот на времето ќе се коригира бидејќи станува збор за динамичен процес на развој во текот на првите две-три години од животот, според податоците од медицината базирана на докази, тоа води кон почеста појава на одредени заболувања (почеста појава на атописки болести, астма, алергии на храна, обезитет или дебелина, дијабетес, инфламаторни заболувања на цревата итн.) – објаснува д-р Калајџиева-Зип.

Кога и како да се користат пробиотиците кај бебињата родени со царски рез?

Специјалистот по педијатрија објаснува дека суплементацијата на новородените родени со царски рез, започната од првиот ден на животот, со препарати кои содржат барем два вида пробиотски соеви, може да ги коригира составот и функцијата на цревниот микробиом, имитирајќи ја природната колонизација како и кај родените по вагинален пат.

Се препорачува започнатата суплементација уште во родилиштата да продолжи во текот на првите три месеци. Советувањето и практичната помош за мајките околу доењето дополнително ќе влијаат врз подобрувањето на микробиомот, а сето претходно заедно за здрав имунитет и за метаболички и невролошки раст и развој – советува д-р Мери Калајџиева-Зип.

 Совети за родителите

Најважно е родителите да бидат информирани и да донесуваат одлуки во соработка со стручно лице, советува д-р Калајџиева-Зип.

Посакувајќи најдобро здравје за своето новородено, веројатно, секоја трудница и штотуку породена мајка е исправена пред голем број дилеми: дали на моето новородено му се потребни пробиотици, од огромната палета на пробиотици понудени на пазарот кои се најдобри, кога да започнам, колку долго треба да се примаат... Затоа консултирајте се со вашиот педијатар – порачува таа.

Зошто многу новороденчиња добиваат жолтица и кога е опасна?

Неонаталната жолтица, или бебешка жолтица, е состојба која се јавува кај многу новороденчиња, кога кожата и белките на очите добиваат жолта нијанса.

Предвремено родени бебиња – големи предизвици за малите херои!

Предвремено родени бебиња, познати како прематурчиња, се бебињата родени пред 38. гестациска недела.

Ран почеток на здрав живот: зошто е важен скринингот кај новородените?

Раѓањето на детето е еден од најважните моменти во животот на секое семејство. Покрај грижата за растот и развојот на новороденчето, од клучно значење е и навременото откривање на одредени здравствени состојби кои не се видливи при раѓање.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!