Примитивни рефлекси кај бебињата – кога се појавуваат и кога исчезнуваат?

Примитивните рефлекси се природни, неволни и инстинктивни движења кои новороденчето ги прави како одговор на одреден надворешен стимул. Тие се присутни уште од раѓање и претставуваат важен показател за правилно функционирање и развој на нервниот систем, за Мама не си сама објаснува д-р Шпреса Муаремоска-Усеини, специјалист по педијатрија во ЈЗУ Специјална болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир.

Овие рефлекси се контролирани од мозочното стебло и од ’рбетниот мозок – делови од централниот нервен систем кои се одговорни за основните функции неопходни за преживување. Како што мозокот созрева, примитивните рефлекси постепено исчезнуваат и се заменуваат со волеви, контролирани движења. Овој процес се нарекува интеграција на рефлексите и е дел од нормалниот невролошки развој – вели педијатарот.

Кои се најчестите рефлекси кај новороденчињата?

Доктор Муаремоска-Усеини подетално ги објаснува најчестите примитивни рефлекси кај бебињата, односно кога се јавуваат, што ги предизвикува и како реагираат новороденчињата:

1. Моров рефлекс (рефлекс на запрепастување)

Моровиот рефлекс е еден од најпрепознатливите примитивни рефлекси, посочува педијатарот.

Кога е присутен?

Присутен е од раѓање и вообичаено се интегрира до 4., а најдоцна до 6. месец.

Што го предизвикува?

  • Ненадејна промена на положбата на главата
  • Силен звук
  • Интензивен извор на светлина

Како изгледа?

Бебето нагло ги оддалечува рацете од телото и ги отвара прстите како лепеза, додека нозете кратко се испружуваат. Потоа ги прибира рацете кон телото, а реакцијата често е проследена со плач, посочува д-р Муаремоска-Усеини.

2. Рефлекс на барање со усни (Rooting-рефлекс)

Овој рефлекс му помага на новороденчето да ја пронајде дојката или цуцлата при хранење, објаснува педијатарот.

Кога е присутен?

Од раѓање и се интегрира до 3., односно до 4. месец.

Како се предизвикува?

Нежен допир во близина на аголот на устата.

Како реагира бебето?

Главата ја врти спрема страната од која доаѓа допирот за да го пронајде изворот на храната, вели докторката.

3. Рефлекс на цицање

Според педијатарот, рефлексот на цицање е неопходен за успешно хранење на новороденчето.

Кога е присутен?

Од раѓање, а се интегрира најдоцна до 5. месец.

Како се предизвикува?

Со ставање прст, брадавка или цуцла во устата.

Како реагира бебето?

Започнува силно, ритмично цицање – објаснува д-р Муаремоска-Усеини.

4. Рефлекс на фаќање (палмарен и плантарен)

Овој рефлекс ја покажува природната способност на новороденчето цврсто да фати предмет или прст.

Кога е присутен?

Од раѓање, а се интегрира помеѓу 3. и 4. месец.

Како се предизвикува?

Со допир на дланката или на стапалото веднаш под коренот на прстите.

Како реагира бебето?

  • илно ги свиткува прстите и го фаќа предметот што ја предизвикал дразбата – посочува педијатарот.

5. Асиметричен тоничен рефлекс на вратот (ATNR)

Според докторката, овој рефлекс е дел од нормалниот моторен развој во првите месеци од животот.

Кога е присутен?

Се појавува во периодот од раѓањето до вториот месец, а се интегрира најдоцна до шестиот месец.

Како се предизвикува?

Со вртење на главата на едната страна.

Како реагира бебето?

Екстремитетите од едната страна ги испружува на страната спрема која е свртено лицето, додека, пак, екстремитетите од другата страна се свиткуваат на спротивната страна. Оваа положба често се опишува како мечувалец – вели педијатарот д-р Шпреса Муаремоска-Усеини.

6. Рефлекс на автоматско одење

Иако новороденчето сè уште не може самостојно да оди, во првите недели од животот може да покаже движења кои наликуваат на чекорење.

Кога е присутен?

Најчесто се појавува околу четвртиот ден по раѓањето, a се интегрира околу вториот месец.

Како се предизвикува?

Кога стапалата ќе се постават на цврста подлога, а телото се држи во исправена положба.

Како реагира бебето?

Изведува наизменични движења на нозете кои потсетуваат на чекорење – објаснува педијатарот.

Кога е потребна лекарска проценка?

Навремената појава и исчезнувањето на примитивните рефлекси се важен дел од следењето на невролошкиот развој на новороденчето и доенчето.

Отсуството на одреден рефлекс кога се очекува да биде присутен, неговата асиметрија или задржувањето по возраста кога треба да се интегрира може да укажуваат на нарушување во развојот на нервниот систем. Во такви случаи е потребна навремена проценка од педијатар, а, доколку е неопходно, и дополнителна евалуација од детски невролог – советува специјалистот по педијатрија д-р Шпреса Муаремоска-Усеини.

Што да направите ако вашето бебе има наслаги (лушпи) на кожата на главата?

Дали има простор за загриженост ако на кожата на главата на новороденчето се појават наслојки во форма на лушпи? За каква состојба станува збор, зошто се јавуваат и во кои случаи да се побара лекарска помош.

Сè што треба да знаете за ММР-вакцината

Вакцините штитат од сериозни, животозагрозувачки и неретко смртоносни болести. Тие му помагаат на имунолошкиот систем да ги спречи.

Какви движења треба да прават бебињата според возраста?

Секое умерено движење на бебето е добро за неговиот развој.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!