Рефлукс кај доенчињата: безопасна фаза или потреба од третман?

Регургитацијата, или популарно наречена блуцкање, е честа појава кај доенчињата. Многу родители се загрижуваат кога ќе забележат дека нивното бебе го враќа млекото по оброкот, но во најголем дел од случаите ова е нормален физиолошки процес. Сепак, понекогаш оваа појава може да биде знак за состојба или за болест која бара внимание.

Гастроезофагеалниот рефлукс (ГЕР) претставува враќање на желудочната содржина во хранопроводот, додека, пак, гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) е потешка форма преку која рефлуксот предизвикува симптоми или компликации. За причините, симптомите и за тоа како се поставува дијагнозата и како се третираат овие состојби кај доенчињата, за „Мама не си сама“ објаснува д-р Билјана Христовска, специјалист по педијатрија во ПЗУ „д-р Билјана Христовска“.

Што е гастроезофагеален рефлукс?

Гастроезофагеалниот рефлукс (ГЕР), или само рефлукс, е еден од најчестите проблеми во доенечкиот период поради кој родителите се јавуваат на педијатар во примарната здравствена заштита, вели педијатарот.

ГЕР е состојба кога желудочната содржина се враќа во хранопроводот, проследена со регургитација или со повраќање. Тоа е физиолошки процес кој се јавува кај здрави доениња неколкупати дневно по јадење, трае околу три минути и понекогаш е проследен со симптоми на блуцкање, т. е. регургитација. Најчесто рефлуксот се намалува со текот на времето. Тој е присутен кај 70 % од доенчињата до четвртиот месец од животот, а најголем број доенчиња го надраснуваат овој проблем до 1 година (останува само кај 5 % од децата по првата година) – посочува д-р Христовска.
 

Која е причината за настанувањето на гастроезофагеалниот рефлукс?

Како што објаснува педијатарот Христовска, постои еден прстенест мускул на долниот крај на хранопроводот кој го одделува од желудникот и со неговото стегање не се дозволува храната од желудникот да се враќа назад. Но, понекогаш тој мускул се релаксира во погрешно време или не се затвора како што треба, па тоа овозможува храната од желудникот да се врати назад во хранопроводот, а понекогаш и во устата или во носот.

 

Кои се симптомите и знаците на гастроезофагеалниот рефлукс кај доенчињата?

Според специјалистот по педијатрија, кога бебињата имаат рефклукс, тие блуцкаат. Тоа најчесто се случува по хранење. Рефлуксот се разликува од повраќањето бидејќи за него е потребна поголема сила и е поексплозивно. Со блуцкањето најчесто излегува храна или течност од устата, а понекогаш и од носот. Бебињата со физиолошки рефлукс немаат нелагодност и не се вознемирени.

Што е гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ)?

Според д-р Христовска, за ГЕРБ зборуваме кога рефлуксната желудочна содржина предизвикува проблеми и/или компликации. Таа ги објаснува симптомите кои се разликуваат во зависност од возраста на детето.

Симптомите на ГЕРБ кај доенчињата вклучуваат:

  • вознемиреност и неутешно плачење по јадење (грчеви);
  • регургитација и повраќање;
  • повраќање во млаз повеќепати во текот на денот;
  • загрцнување, свиркање во градите, отежнато дишење;
  • примеси на крв во столицата;
  • блуцкање кое продолжува по првата година;
  • одбивање храна или јадење само во мали количини;
  • ненапредување во тежината.

 

Симптоми на ГЕРБ кај поголемите деца се:

  • епигастрична болка проследена со жарење;
  • отежнато и болно голтање проследено со ждригање;
  • респираторни симптоми: дисфонија, зарипнатост, хронична кашлица и бронхитис.

 

Како се дијагностицира ГЕРБ?

Педијатарот за „Мама не си сама“ посочува дека не постои дијагностичка постапка која би послужила како златен стандард во дијагностицирањето на ГЕРБ кај доенчињата.

Секако дека детално земената анамнеза, целосниот физикален преглед на детето и постоењето на повеќето од горенаведените симптоми се основа за поставување на дијагнозата, па затоа дополнителни медицински тестови најчесто и не се потребни. Сепак, добро е да се знае дека постојат следниве дијагностички тестови: 24-часовна пХ-метрија со импеданса, манометрија, ендоскопија, контрасни снимања со бариум и нуклеарна сцинтиграфија – вели д-р Христовска.

Како се третира гастроезофагеалниот рефлукс кај доенчињата?

Според педијатарот, по разговорот со родителите и објаснувањето на состојбата, најпрвин е потребно да се направат одредени измени во навиките на хранење на бебето кои ќе ги намалат епизодите на блуцкање, како што се:

  • избегнување прејадување (давањето помали оброци, а почесто помага да се намали рефлуксот);
  • хранење на доенчето во тивка, мирна средина;
  • подждригнување на бебенцето пред и по хранењето;
  • држење на бебето исправено барем 15 до 30 минути по хранењето, поставено во антирефлукс-положба во текот на целиот ден (лежење под агол од 45 до 60 степени);
  • забрана да се пуши околу доенчето бидејќи чадот го влошува рефлуксот.

Ако доенчето е на доење, треба да се охрабрат родителите тоа да продолжи, а бебињата хранети со формула понекогаш се префрлаат на исхрана со специјална антирефлукс-формула.

Во случај на постоење компликации од ГЕРБ, а доколку вообичаените горенаведени постапки не ги намалуват симптомите на ГЕРБ, се даваат лекови блокатори на протонска пумпа, кои го намалуваат штетното влијание на желудочната киселина врз хранопроводот, но не ги намалуваат епизодите на ГЕРБ, објаснува д-р Христовска и како заклучок наведува дека во случај на постоење рефлукс кај бебињата, потребно е најпрвин преку разговор со родителите тие да се уверат дека во најголем процент состојбата е транзиторна, бебињата ја надраснуваат, а дека само кај мал процент остава последици, за кои, сепак, има медицински третман.

Кога и како да почнете со храна кај вашето доенче?

Кога доенчето ќе наврши 4 месеци, може да се започне со воведување еден оброк наместо еден подој или млечен оброк.

Ран почеток на здрав живот: зошто е важен скринингот кај новородените?

Раѓањето на детето е еден од најважните моменти во животот на секое семејство. Покрај грижата за растот и развојот на новороденчето, од клучно значење е и навременото откривање на одредени здравствени состојби кои не се видливи при раѓање.

Што треба да знаете за предвремено родените деца?

Многу родители не се подготвени за предвремено породување. И тогаш наместо да се радуваат на здравиот плач на бебето кое им ја исполнува куќата

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!