Нега на папочето без стрес: сè што треба да знаат родителите

Негата на новороденчето носи многу радости, но и одредени грижи, особено кај родителите кои за првпат се соочуваат со ова искуство. Новороденечкиот период претставува чувствителна фаза во животот на детето, во која правилната нега е од исклучително значење за неговото здравје и правилен развој. Еден од најважните аспекти на раната нега е грижата за папочето (папочниот остаток), кое по раѓањето претставува потенцијална влезна точка за инфекциите. Соодветната хигиена и навременото препознавање на знаците на инфекција се клучни за превенција на компликации и за обезбедување квалитетен почеток на животот. За тоа што претставува и како правилно да се негува папочето, кои промени се нормални и како да се спречат инфекциите кај новороденчето, Мама не си сама побара одговори од д-р Сашко Николовски, специјалист по педијатрија во ПЗУ „Реоника“.

Што е папочето и како настанува?

За време на бременоста папочната врвца го поврзува фетусот со плацентата и овозможува пренос на кислород и хранливи материии и отстранување на отпадните метаболни продукти при растот и развојот. По раѓањето папочната врвца се пресекува, а мал дел од неа останува прикачен за стомачето на новороденчето – тоа е папочниот остаток или папочето.

Вообичаено, папочето се суши, потемнува и спонтано паѓа во период од 7 до 14 дена, а кај некои бебиња и до 21 ден. По неговото отпаѓање кожата постепено зараснува, објаснува педијатарот.

Правилна нега на папочето кај новородените

Доктор Николовски во неколку точки посочува како правилно да го негувате папочето на вашето бебе.

1. Одржување хигиена

Најважно правило при нега на папочето е одржувањето чистота и сувост. Пред секоја манипулација со папочето родителот или негувателот треба темелно да ги измие и да ги дезинфицира рацете.

Папочето не треба да се допира непотребно, ниту да се влече, дури и ако изгледа како да е речиси паднато.

2. Чистење на папочето

Во повеќето случаи доволно е папочето да се одржува суво и чисто. Доколку е потребно чистење (на пример, ако има секрет или ако се извалка со урина или со столица), тоа се прави на следниов начин: со стерилна газа или памук натопени со превриена вода или со средство препорачано од здравствен работник нежно се чисти околу основата на папочето, а потоа се остава целосно да се исуши.

Не се препорачува користење алкохол, пудри или кремови без препорака од лекар.

3. Менување пелена и облекување

Пелената треба да биде поставена така што папочето ќе остане откриено и суво. Пелената треба внимателно да се превитка под нивото на папочето. Облеката на новороденчето треба да биде:

  • од природни материјали (памук),
  • чиста и лабава,
  • да не создава притисок или триење во пределот на папочето.

4. Капење на новороденчето

Додека папочето не отпадне и раната целосно не зарасне, се препорачува бебето да се бања со сунѓер, без потопување во вода. По отпаѓањето на папочето може да се започне со нормално капење, но секогаш со внимание и со нежност.

Нормални промени при заздравување на папочето

Според педијатарот, одредени промени се сметаат за нормални во процесот на заздравување, а тоа се:

- потемнување и сушење на папочето,

- мало количество на сув крвав секрет при отпаѓањето,

- благо влажна површина по отпаѓањето на папочето.

Овие појави не се причина за загриженост доколку не се придружени со други симптоми, посочува д-р Николовски.

Знаци на инфекција на папочето (омфалитис)

Педијатарот Николовски алармира дека инфекцијата на папочето е сериозна состојба која бара итна лекарска проценка, па затоа советува дека родителите треба внимателно да ги следат следниве знаци:

1. Локални знаци

- Црвенило околу папочето, кое се шири

- Оток и затегнатост на кожата

- Топлина при допир

- Гноен, жолтеникав или непријатен мирислив исцедок

- Постојано крвавење

2. Општи симптоми кај новороденчето

- Покачена телесна температура или ниска температура

- Раздразливост или летаргија

- Слаб апетит или одбивање храна

- Забрзано или отежнато дишење

- Промени на бојата на кожата

Појавата на кој било од овие симптоми бара итна консултација со педијатар.

Превенција на инфекциите на папочето

Превенцијата е најдобриот начин за заштита на здравјето на новороденчето, а како што за „Мама не си сама“ објаснува д-р Николовски таа вклучува:

- редовна и правилна хигиена;

- избегнување домашни лекови и непроверени методи;

- следење на упатствата дадени во родилиштето;

- редовни педијатриски контроли.

Кога треба задолжително да се побара лекарска помош?

Според педијатарот, лекарска помош треба да се побара веднаш доколку:

- папочето не отпадне по 3 недели;

- има знаци на инфекција;

- се јави силно или продолжено крвавење;

- состојбата на бебето нагло се влоши.

Совети за родителите

Негата на папочето кај новороденчињата е едноставна, но исклучително важна задача, која бара внимание, трпение и информираност. Со правилна хигиена, внимателно набљудување и навремена реакција при појава на алармантни знаци може значително да се намали ризикот од инфекции и од компликации. Улогата на родителите е клучна во обезбедувањето безбедна и здрава средина за новиот член на семејството, заклучува педијатарот Николовски.

Рефлукс кај доенчињата: безопасна фаза или потреба од третман?

Регургитацијата, или популарно наречена блуцкање, е честа појава кај доенчињата. Многу родители се загрижуваат кога ќе забележат дека нивното бебе го враќа млекото по оброкот, но во најголем дел од случаите ова е нормален физиолошки процес.

Првите звуци во животот: зошто е важен скринингот на слухот кај бебињата?

Слухот е од клучно значење за правилен развој на говорот, јазикот и комуникацијата кај децата. Затоа, уште во првите денови по раѓањето е важно да се провери дали новороденчето слуша добро.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!