Нормални промени во бременоста или знаци за депресија

Зошто кај некои жени во текот на бременоста се јавува депресија, кои се симптомите, кај кои жени ризикот е поголем, како влијае таквата состојба врз плодот и врз трудницата и што може да предизвика депресивна состојба? Одговор на овие прашања Мама не си сама побара од професорката Славица Арсова од Клиниката за психијатрија.

Бременоста е период кој е проследен со голем број промени и предизвици. Имено, се очекува таа да се реализира тогаш кога мајката се чувствува подготвено (овде мислиме на зрела и полнолетна личност) и кога одлуката за неа е по сопствена волја и желба, посочува психијатарот Арсова.

  • Доколку сето ова е така и доколку е таа со добро телесно и ментално здравје, ризикот од нарушување на здравјето на мајката и на бебето во текот на овој период е мал или никаков. Бременоста значи период на одредени биолошки промени, вклучувајќи хормонски, особено на естрогенските и на прогестеронските хормони, промени на телесниот изглед, а и одредени промени во начинот на функционирање. Очекувано е мајките во текот на бременоста да имаат одредени (нормални) психолошки промени, кои биле во рамките на одредена поголема раздразливост, повремена плачливост, како и промени во распложението или во навиките за хранење и за спиење, но сето тоа да не го нарушува нејзиното функционирање, објаснува проф. д-р Славица Арсова, психијатар и раководител на Кабинетот за третман на жени во бременост и по породување на Универзитетската клиника за психијатрија.

 

Бременоста е нормален период и не е болест, но кај некои жени се јавува депресија

Психијатарот Арсова истакнува дека бременоста е нормален период во животот на жената и не е болест, туку значи уредно функционирање како во домот така и на работното место или во социјалната средина. Но, според неа, тоа не е секогаш така. 

  • Кај некои жени ова е период кога тие не се во целост способни самостојно да функционираат, ниту, пак, да се грижат за себе, за своето здравје и за здравјето на нероденото бебе. Мајките кај кои постојат одредени ризик-фактори се со повисок ризик од развој на одредена депресивност во текот на бременоста, која се нарекува антенатална депресија, вели професорката Арсова.

 

Таа ги наведува следните ризик - фактори за појава на депрeсија за време на бременост:

  • малолетни мајки;
  • постари прворотки;
  • мајки кои имале минати епизоди на депресија или друг вид епизоди;
  • мајки со веќе нарушено телесно или ментално здравје;
  • самохрани мајки;
  • жени кои трпеле или кои трпат семејно насилство;
  • жени кои потекнуваат од посиромашни и примитивни средини

 

 

Депресијата за време на бременост е сериозен ризик за плодот

Развојот на депресивност во текот на бременоста или антенаталната депресија, според психијатарот Арсова, води до продлабочување на ризичното поведение, кое, пак, значи сиромашна нега за себе и за плодот, како на пример нередовни контроли кај гинеколог, матичен доктор и кај психијатар, неследење на докторските совети и препораки, слабо исхранување или неправилно исхранување, тераписка несоработка, пушење, алкохол или користење психоактивни супстанции, а сето ова само ја продлабочува антенаталната депресија, односно депресијата во бременоста.

  • Депресијата во текот на бременоста или антенаталната депресија може да почне во кој било триместар. Таа може да е присутна уште пред забременувањето, може да се развива уште од самиот почеток или при крајот на бременоста. Се манифестира со намалено расположение, безволност, раздразливост, со нарушено исхранување и спиење, нарушена грижа за себе и за домот, како и со избегнување социјални контакти и редовни здравствени прегледи. Покрај тоа, може да се прибегне и кон обиди за самолекување со помош на алкохол, злоупотреба на анксиолитици или на психоактивни супстанции и кон засилено пушење, вели психијатарот Арсова.

Таа посочува дека непрепознаените и нелекувани депресивни состојби во бременост даваат висок ризик од неуредна бременост, предвремено продување, од недоволна зрелост на бебето, бебиња со мала родилна тежина или од породување со царски рез.

  • Предвременото породување и бебињата со мала родилна тежина или со недоволна зрелост, пак, се услов за вложување дополнителни телесни и ментални сили на мајката и на семејството околу грижата за нив, со оглед на тоа дека бараат подолготрајна хоспитална нега и подолго одвојување од семејната средина и со оглед на отежнатото доење и исхранување и на ризикот од развој на некои компликации. Од друга страна, ова, пак, е ризик за исцрпување на телесните и на менталните сили на мајката и за евентуален развој на постнатална депресија. Покрај тоа, постои и висок ризик од самоубиствено однесување, особено при крајот на бреместа или веднаш по породувањето, објаснува професорката Арсова од Клиниката за психијатрија.

 

 

 

 

Драга мама, грижата за себе по породувањето е исклучително важна за здравјето на твоето бебе!

И покрај сите обврски во текот на денот, родилките мора да најдат време и за себе затоа што за здраво бебе потребна е здрава мајка.

Како да препознаете дека детето има анксиозност?

Анксиозното растројство е често растројство со кое се соочуваат сѐ поголем број деца и млади.

Како да ги надминете психолошките предизвици при третманот на стерилитет?

Паровите или поединечно жената или мажот кои не можат да имаат деца и кои поминуваат низ третман на стерилитет можно е да се соочат со одредени психолошки предизвици

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!