Кои симптоми се знак за депресија по породувањето?

 

Постнаталната депресија е развој на депресивна состојба по породувањето и во првата година од животот на бебето. Мајките во текот на овој период повторно доживуваат различни биолошки, психолошки и социјални промени.
Дали промените по породувањето се вообичаени и нормални или, пак, станува збор за постнатална депресија, за „Мама не си сама“ објаснува психијатарот проф. д-р Славица Арсова.

 

  • Веднаш по породувањето следува силен хормонски пад, кој, од една страна, условува одредени психолошки промени, како на пример емоционална раздразливост, плачливост, одредена несигурност, страв, промени во дневно-ноќниот ритам, а, од друга страна, се создаваат и промени во семејното функционирање со вклучувањето на новиот мал член. Бебето е тоа кое во овој период бара да бидат задоволени неговите базични потреби, како што се исхранувањето, хигиената, топлината, спиењето, а сето ова е новина како за мајката така и за таткото и за целото семејство, вели проф. д-р Славица Арсова, психијатар и раководител на Кабинетот за третман на жени во бременост и по породување на Универзитетската клиника за психијатрија.

Според неа, доколку не постојат јасни ризик-фактори, како на пример депресивност во текот на бременоста, нарушување на телесното или на ментално здравје на мајката и на бебето, тешкотии во текот на породувањето, предвремено породување, минати душевни нарушувања, насилство во семејството, самохрани родители или родители од социјално загрозени средини, тогаш оваа ситуација би била минлива и во рамките на т.н. постнатална тага, но доколку ризик-факторите се присутни, висок е ризикот за развој на т.н. постнатална депресија, која е сериозна состојба како за мајката така и за идниот развој на бебето, односно детето.

 

 

Ако е мајката депресивна, големи се шансите и детето да стане депресивно

Децата кои растат со депресивни мајки имааат висок ризик за отежнат развој, но и за појава на сопствена депресивност во текот на детството и на адолесценцијата или натаму во животот, посочува психијатарот Арсова.

  • Нелекуваните депресивни состојби во бременост се основен ризик - фактор за постнатална депресија, односно депресија по породување. Ова мора да се разликува од т.н. постнатална тага или baby blues состојба, која се јавува во првите две недели по породувањето и која е следена со малку покачена раздразливост и со плачливост на мајката, но тоа што ја разликува од постнаталната депресија е способноста на мајката да се грижи и за себе и за бебето. Депресивните мајки не се способни да се грижат ниту за себе ниту за бебето и, во најлош случај, се оптоварени со депресивни мисли и со нереални содржини, како на пример пропаст, силно чувство на вина, можна сомничавост, идеи за сериозни болести (свои или на бебето) и самоубиствени идеи. Третманот на овие состојби се состои од нефармаколошки и од фармаколошки дел, т. е. третман со психотераписки интервенции или со помош на безбедна антидепресивна терапија со ССРИ-препарати, посочува психијатарот Славица Арсова.

 

 

 

 

 

Релацијата мајка – дете е многу важна за развојот на детето

Создавањето релација мајка–дете во првата година по породувањето е од исклучителна важност и за мајката и за идниот развој на бебето.

Како да препознаете дека детето има анксиозност?

Анксиозното растројство е често растројство со кое се соочуваат сѐ поголем број деца и млади.

Како да ги надминете психолошките предизвици при третманот на стерилитет?

Паровите или поединечно жената или мажот кои не можат да имаат деца и кои поминуваат низ третман на стерилитет можно е да се соочат со одредени психолошки предизвици

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!