Зошто малите деца не треба често да користат паметни телефони?
Паметните телефони, телевизијата и таблетите во овој период се пречка за развојот на детето.
Скршеницата или фрактурата претставува прекин на континуитетот на коската. Кај децата скршениците се едни од најчестите повреди, особено затоа што се тие активни, трчаат, скокаат, возат велосипед и тротинет, а понекогаш и паѓаат. Скршениците се една од најчестите итни состојби во детската возраст, кои побаруваат консултација, преглед и натамошен третман од детски хирург. Скелетната траума во детската возраст значително се разликува од онаа кај возрасната популација, па и методите на третман се различни кај децата и кај возрасните. За тоа зошто се појавуваат скршеници, какви видови скршеници постојат, како да ги препознаете симптомите, што да направите ако се сомневате во скршеница кај вашето дете и како се лекуваат скршениците кај децата, „Мама не си сама“ побара одговори од асс. д-р Биљана Андоновска-Доковска од ЈЗУ Универзитетска клиника за детска хирургија.
Познатиот американски ортопед доктор Walter Blount во педесетите години на минатиот век ја издал книгата Fractures in Children, во која прв нагласил дека скршениците во детската возраст имаат огромен потенцијал да се ремоделираат поради тоа што коската се наоѓа во фаза на раст. Детето не треба да биде третирано како мал човек. Децата имаат посебни и специфични физиолошки и биолошки карактеристики, па третманот мора да биде приспособен на детската возраст, потенцира докторката.
Зошто доаѓа до скршеници кај децата?
Според д-р Андоновска-Доковска, најчесто скршениците настануваат како резултат на повреди во домот, повреди за време на спортски активности и игра, повреди во училиште, а помалку од 5 % како резултат на сообраќаен трауматизам, но како можна причина се јавуваат и врсничкото, односно семејното насилство, особено кај децата под 3-годишна возраст. Скршениците се една од најчестите повреди кај децата и се сретнуваат на секоја возраст, но пикот на инциденцијата е 12 години за девојчињата и 15 години за момчињата.
Разлики меѓу скршениците кај децата и возрасните
Детската коска е попорозна и пофлексибилна и може да издржи поголема деформација пред да се скрши целосно, а има и многу поголем потенцијал за ремоделирање. Коскената архитектура кај децата се состои од плоча на раст или физа, секундарен осификациски центар или епифиза, метафиза и од дијафиза. За разлика од релативно зрелата коска кај возрасните, секој од овие делови на детската коска минува низ физиолошки и биомеханички промени во структурата и осификацијата, посочува докторката.
Постои група на скелетни повреди кои се уникатни за детската возраст. Тука спаѓаат: повредите на епифизната плоча, торус-скршениците, greenstick скршениците, пластичната деформација и авулзиските скршеници. Во детството лигаментарниот апарат е посилен во однос на епифизните плочи. Како резултат на тоа, кај децата инциденцијата на шинувања или на дисторзии и повреди на лигаментите е многу помала во однос на бројот на скршеници. Поради тоа, при повреда поверојатно е дека ќе настрада епифизната плоча. Оштетувањето на физата, пак, односно на плочата за раст на коската, може да доведе до стопирање на растот на коската со последователен деформитет и скратување, за „Мама не си сама“ објаснува д-р Биљана Андоновска-Доковска од Клиниката за детска хирургија.

Која тип на скршеница е најчест кај децата?
Дури 50 % од скршениците што се сретнуваат до 12-годишна возраст се greenstick фрактури, кои се нецелосни скршеници, а настануваат кога силата дејствува странично врз коската, при што се крши едниот кортекс, а целовитоста на кортексот од спротивната страна е зачувана, при што коската се витка како зелено (младо) гранче. Еластичноста на детската коска дозволува и нејзино виткање, односно пластична деформација, а без прекин на кортексот. Според анатомската локализација, почести се фрактурите на долгите коски на горниот екстремитет во споредба со долниот, и тоа најчесто фрактурирана коска е дисталниот радиус, односно скршеница на ниво на рачниот зглоб, следена од фрактура на дисталниот хумерус, односно скршеница на ниво на лакотниот зглоб, објаснува д-р Андоновска-Доковска.
Како да ги препознаете симптомите и што да направите?
Кај повредено дете родителите треба да се посомневаат во постоење скршеница доколку на местото на повредата е видлив оток или деформитет или доколку детето се жали на болка и не го движи екстремитетот, по што веднаш треба да се постави импровизирана имобилизација со марама околу вратот, која ќе ја држи раката, или некоја мазна тврда подлога под екстремитетот фиксирана со завој, кој ќе ги опфати екстремитетот и подлогата, и да се упатат во најблискиот хируршки центар, советува д-р Андоновска-Доковска.
Како се лекуваат скршеници кај децата?
Кога детето ќе биде донесено во хируршки центар, по прегледот треба да се направи рендгенографија. Доколку се потврди фрактура и во зависност од типот на фрактурата, дали е со дислокација или без неа и дали е отворена фрактура или не, натамошниот третман може да е конзервативен или оперативен, посочува докторката.
Конзервативниот третман подразбира третман на скршеницата со поставување имобилизација со лонгета или ортоза, без репозиција, доколку фрактурираните фрагменти не се дислоцирани и имаат задоволителна положба, или поставување гипсена лонгета или циркуларен гипс по направена мануелна репозиција доколку фрактурираните фрагменти се дислоцирани. Репозицијата подразбира мануелно извлекување на повредениот екстремитет и местење на фрактурираните фрагменти за да се доведат во една задоволителна положба, односно да се во добра рамнина и со доволна контактна површина меѓу себе. Најсоодветно е репозицијата да се прави под РТГ-контрола и во блага седација. Доколку репозицијата не се прави под РТГ-контрола, по секој обид за репозиција мора да се направи контролна рендгенографија. Ако е задоволителна, се продолжува со конзервативен третман и со редовни последователни амбулантски контроли.
Оперативниот третман подразбира затворена репозиција под РТГ-контрола и перкутана фиксација на фрактурираните фрагменти со соодветен остеосинтетски материјал или отворена репозиција, при која оперативниот пристап е со рез на ниво на фрактурата, при што коскените фрагменти се видливи и се репонираат под окото, а потоа се фиксираат со соодветен остеосинтетски материјал. По оперативниот третман следува неколкудневно болничко лекување, а потоа и редовни амбулантски контроли, сѐ до целосното залекување на скршеницата со формирање нова коска (калус) и нејзино ремоделирање, по што следува уште една хируршка интервенција за вадење на остеосинтетскиот материјал. Многу важен дел од лекувањето на скршениците, конзервативно или оперативно лекувани, е физикалната терапија, која има цел враќање на целосната функција на екстремитетот. По третман на каков било тип на скелетна повреда, неопходна е навремена консултација со физијатар по претходна проценка од детски хирург, објаснува асс. д-р Биљана Андоновска-Доковска од Клиниката за детска хирургија.
Паметните телефони, телевизијата и таблетите во овој период се пречка за развојот на детето.
Оваа состојба најчесто се јавува во зимските месеци или при температурни разлики и не треба да се игнорира честото и долготрајно течење на носот кај детето.
Конјунктивитот или розово око е воспаление на обвивката на окото (конјунктивата) што ја покрива внатрешноста на очните капаци и надворешниот дел на очното јаболко.