Од симптоми до лекување – што треба да знаете за долнореспираторните инфекции кај децата?
Бронхитисот, пневмонијата и бронхиолитот се најчестите инфекции на долните дишни патишта. Овие заболувања, во најголем број случаи, се резултат на присуството на вирус во организмот, но воспалението, односно компликациите може да бидат предизвикани и од бактерии или од некои микроорганизми, поради што на овие деца им е потребно болничко лекување.
Според педијатарот Елена Ѓиновска-Тасевска, инфекцијата на долниот респираторен тракт е главната причина за хоспитализација кај децата.
- Долниот респираторен тракт започнува од трахејата, а завршува во белите дробови. Трахејата влегува во белите дробови и се дели на два главни бронха. Потоа секој од бронхите понатаму се дели на помали воздушни цевки (секундарни и терциерни бронхи), а тие, пак, на бронхиоли. Овие бронхиоли завршуваат со мали воздушни кесички кои се познати како алвеоли. Инфекцијата на долниот респираторен тракт обично е предизвикана од вирус, но може да биде предизвикана и од бактерии или од други поретки микроорганизми, за „Мама не си сама“ објаснува д-р Елена Ѓиновска-Тасевска, специјалист педијатар во ЈЗУ УК за респираторни заболувања кај децата „Козле“
Педијатарот Ѓиновска-Тасевска посочува дека инфекциите започнуваат од долниот ларинкс и дека можат да ги нападнат бронхите, па дури и целите бели дробови. Честите инфекции на долните дишни патишта вклучуваат бронхитис, пневмонија и бронхиолит.
- Бронхитисот е честа инфекција на долните дишни трактови. Во некои случаи може да биде придружена со стеснување на дишните патишта – опструкција. Главен вирус кој ја предизвикува болеста е истиот оној кој предизвикува и грип.
- Пневмонијата е уште една инфекција на долните дишни патишта. Тоа е инфекција која предизвикува воспаление на воздушните кесички – алвеолите во едното или во двете белодробни крила. Таа е, исто така, предизвикана од вируси, но и од бактерии, како на пример стрептокока.
- Бронхиолитот е, исто така, една од почестите инфекции на долниот респираторен тракт. Оваа состојба е многу честа кај новороденчињата и е предизвикана од неколку вируси, а најчест меѓу нив е респираторниот синцитијален вирус (RSV), вели д-р Елена Ѓиновска-Тасевска, педијатар во Клиниката „Козле“.
Кашлицата е главен симптом
Главен симптом на инфекцијата на долниот респираторен тракт е кашлицата, која може да биде напорна како за детето така и за родителите, потенцира педијатарот и ги наведува и другите симптоми.
- Вашето дете може да има сува или влажна кашлица. Често кашлањето е проследено со искашлување секрет. Наскоро се надоврзуваат и другите знаци и симптоми, како на пример висока температура, вртоглавица, чувство на притисок или на тежина во градите, свиркање од градите, недостиг на воздух или забрзано и отежнато дишење. Исто така, затнатото носе, секретот од носот и зголемениот срцев ритам може да бидат симптоми на инфекција на долните дишни патишта. Целокупната промена на благосостојбата (намалена енергија, намален апетит и намалено внесување течности) е вообичаена кај овие инфекции, објаснува д-р Ѓиновска-Тасевска.

Како се дијагностицира инфекција на долните дишни патишта?
Воспоставувањето дијагноза за инфекција на долниот респираторен тракт опфаќа земање податоци за актуелното и за претходните заболувања на детето, како и преглед на детето, вели педијатарот Елена Ѓиновска-Тасевска.
- Докторот ќе ја прегледа медицинската историја на вашето дете и ќе спроведе целосен физички испит за да ги провери различните знаци, симптоми и физички наоди. Микробилошките испитувања, особено дренажниот секрет (секрет од долните дишни патишта) помагаат во воспоставувањето дијагноза, но и во лекувањето на болеста. Ако се изолира одредена бактерија, се проверува нејзината чувствителност на одредени антибиотици и така и се третира детето. Во микробиолошки иследувања спаѓаат и брзите тестови, кои преку брис од нос служат за докажување на некои вируси (аденовирус, респираторен синцитијален вирус и вирус на инфлуенца – грип). Рендгенска снимка не е секогаш неопходна, но во некои случаи е дел од дијагностицирањето долнореспираторен инфект, како и следењето на состојбата по лекувањето, преку проверка на крвта, односно основна лабораторија, која му помага на докторот да провери одредени параметри кои ќе посочат дали станува збор за вирусна или за бактериска инфекција, вели д-р Ѓиновска-Тасевска.
Како се лекуваат долнореспираторните инфекции?
Според педијатарот Елена Ѓиновска-Тасевска, во однос на третманот, ако вашето дете има долнореспираторна инфекција предизвикана од вирус, лекарот ќе даде препораки за доволно течности и за одмор. Секако, да се контролира покачената температура со Ацетаминофен (Парацетамол) или со нестероидни антивоспалителни лекови (Бруфен) и, секако, по потреба, со антибиотици.
- Многу често овие инфекти побаруваат и инхалаторна терапија со бронходилататори или со кортико препарат. Ако состојбата на вашето дете се влоши, можеби ќе мора да биде хоспитализирано. Многу ретко, но, сепак, во тој случај може да има потреба да биде применета кислородна терапија, што може да му помогне на детето да дише полесно и да ја постигне концентрацијата на кислород која е оптимална, објаснува д-р Ѓиновска-Тасевска од Клиниката „Козле“.
Таа потенцира дека многу важен момент е спречувањето на ширењето на овие долнореспираторни инфекции, па затоа е неопходно пациентот, детето, да избегнува контакт со други луѓе, а особено е важно да не посетува колектив (градинка или училиште). Исто така, земањето лекови против грип на почетокот на болеста, по совет на доктор, може да биде од помош бидејќи може да спречи болеста да се влоши. Вакцинацијата против грип треба да биде обновена за да се спречи вирусот да ве нападне, што особено важи за децата кои спаѓаат во вулнерабилните групи.