Делови од играчки, копчиња, метални парички, ѓерданчиња, бонбони, пуканки, кикиритки, лешници... ова се само дел од работите кои малите деца често при игра знаат да ги стават во уста и да ги вдишат, а со тоа да си предизвикаат сериозни здравствени проблеми.
Педијатарот Елена Ѓиновска-Тасевска за „Мама не си сама“ посочува дека туѓо тело во дишните патишта е една од најдраматичните состојби за секој родител, но и за самото дете.
- Влегувањето на предметите во респираторниот тракт кога со неочекувано длабок здив се голтаат мали делови, кои потоа заглавуваат, се нарекува аспирација. Покрај тоа, децата често се задавуваат за време на оброците бидејќи сѐ уште не научиле да голтаат до совршенство. Туѓите тела го попречуваат пристапот на кислородот до белите дробови. Ова доведува до задушување и до губење свеста, а на крајот, нe често, нo, сепак, може да доведе и до смрт. Долгорочното присуство на туѓо тело во белите дробови може да доведе до воспаление, вели д-р Елена Ѓиновска-Тасевска, специјалист педијатар во ЈЗУ УК за респираторни заболувања кај децата „Козле“.
Таа објаснува дека туѓи тела најчесто аспирираат децата под 5-годишна возраст (93 %), од кои до 3 години 68 %. Ситните предмети од играчки и јаткастите плодови се убедливо најчестите причинители за оваа состојба. Според литературата, органските причинители сочинуваат до 80 %, а неорганските до 20 %.
Каде најчесто застанува туѓото тело?
Според педијатарот, локализацијата на страното тело во дишните патишта кај децата е: во бронхиите – 65 %, во трахејата – 22 % и во ларинксот – 13 %. Доминацијата на туѓите тела е во десниот главен бронх (60 %) и се должи на анатомските и на физиолошките карактеристики на респираторниот систем на децата (десниот бронх е поширок и се протега под помал агол).
- Малите деца не можат да ни кажат што се случило, па важно е навреме да се препознаат симптомите и да се обезбеди помош. Аспирацијата се манифестира со појава на ненадејна силна кашлица. Лицето на детето може да стане бело и да посини. При дишењето може да се слушне свиркање од градите, но се случува и тешко, краткотрајно дишење. Ако туѓото тело влезе во трахејата, се слуша непријатен звук кога детето вреска и кашла. Детето може да се жали на непријатност при голтање и на болка во ушите. Во ретки случаи, при целосно затворање на дишните патишта, детето не може да земе воздух, па се случува асфиксија и губење на свеста, потенцира д-р Елена Ѓиновска-Тасевска, педијатар во Клиниката „Козле“.
Како родителите да му дадат прва помош на детето?
Она што секој родител треба да го знае е како да му даде помош на сопственото дете додека не стигне до лекарска помош, потенцира педијатарот Ѓиновска-Тасевска.
- Кај децата помали од 1 година најпрвин треба да се види дали има остатоци од храна во устата, па со прст да се помине во внатрешноста на усната празнина и, доколку има, да се извади остатокот. Потоа бебето треба да се постави на подлактицата со лицето и со стомакот надолу. Градите на бебето се држат со рака, а во исто време со прстите се држи и вилицата. Главата треба да е на пониско ниво од телото. Потоа со дланката се прават 5 брзи удари помеѓу рамената на бебето. Доколку ова не помогне, бебето се врти нагоре со лицето, во истата позиција (на бут или на подлактица), при што истовремено би ја држеле главата, и се ставаат 2 прста на средината на неговата градна коска, веднаш под брадавиците. Потоа се прават 5 брзи притискања надолу за да ги притиснете градите за околу ½ од нормалната длабочина. Кај децата постари од една година треба да направете 5 притискања (компресии) во горниот дел на стомакот. Детето се става исправено, а родителот треба да застанете или да клекне зад детето. Се ставаат двете раце околу горниот дел на стомакот. Потоа раката во тупаница се поставува помеѓу папокот и градите, се фаќа со другата рака и петпати цврсто се повлекува навнатре и нагоре, советува д-р Елена Ѓиновска-Тасевска, специјалист педијатар.
Како се отстранува туѓото тело од дишните патишта?
Дијагноза на оваа состојба се поставува врз основа на анамнеза (хетероанамнеза и податоци од родителот), клиничка слика, аускулаторен наод на белите дробови и на рендгенолошки наоди, а се потврдува со бронхоскопија, објаснува докторката.
- Третманот на туѓо тело во дишните патишта кај децата подразбира бронхоскопско отстранување на страното тело. Бронхоскопијата е процедура преку која со флексибилен или со ригиден бронхоскоп се навлегува во дишните патишта и со негова помош се отстранува туѓото тело. Хируршки третман е индициран во случаи кога не е можно туѓото тело да се отстрани со бронхоскопија или кога е тоа подолго време во дишните патишта и кога е создадено фиброзно ткиво, како и при компликации (крвавење, пневмоторакс), вели педијатарот Елена Ѓиновска-Тасевска.
Според неа, сепак, најдобар начин за да се спречи сето ова е да се преземат превентивни мерки за да не дојде до ваква ситуација.
- Еве неколку едноставни превентивни мерки: на деца помали од 5 години да не им се дава цврста храна (пуканки, кикирики, бонбони, лижавчиња, семки), да не им се дозволува на децата да трчаат или да лежат додека јадат и, секако, секогаш да се купуваат играчки за соодветната возраст, односно да се избегнуваат ситни играчки за мали деца, апелира педијатарот.