Што претставува родителството, кога да се почне со воспитувањето, како да се воспитуваат децата, дали треба да бидеме строги и авторитативни или попустливи, како да тргне детето по вистинскиот пат низ животот и да биде успешно? Овие прашања си ги поставува секој родител, а „Мама не си сама“ побара одговори од психологот Адмир Косоврасти.
Што се подразбира под родителство?
Психологот Косоврасти преку две метафори објаснува што претставува родителството:
- Родителството е како музиката – некои ноти се високи, а некои ниски, но секогаш е присутна мелодијата на среќата.
- Детето треба да се едуцира 20 години пред да биде родено.
- Од првата метафора сакам да кажам дека родителството се соочува со предизвици во кои превладуваат убави и помалку убави моменти, а моментот да се стане родител е можеби една од најбитните одлуки кои ги носиме во животот. Понекогаш партнерите не гледаат во самата суштина, па затоа би било многу корисно да се зборува со партнерот за планирањето семејство пред да се одлучат на тој чекор. Втората метафора е насочена кон самото воспитување на родителот и кон неговата подготвеност, пред сѐ, како личност на индивидуално ниво и кон функционирањето на самостојното градиво за подготвеноста и за вклученоста за добивање на блaгородната титула која се нарекува родител, објаснува м-р Адмир Косоврасти, лиценциран психолог и специјалист по медицинска психологија.
Тој потенцира дека родител се станува со раѓањето на детето. Според него, тоа претставува голем настан во животот на возрасниот човек. За многумина да се стане родител и да се има дете е смислата на животот.
- Партнерите кои ќе одлучат да станат родители имаат одговорност во креирањето заедница која е безбедна за воспитување и за развој на детето и која е основа на неговиот живот. Родителите секојдневно градат компетенции сѐ со цел да се биде добар и успешен родител. Улогата на родителите подразбира постојана грижа за детето и прифаќање на должностите и на обврските поврзани со неговиот развој. Детето учи преку набљудување на своите родители, а нивниот однос го привлекува неговото внимание, па на тој начин го прифаќа однесувањето и гради свои социјални ставови. Родителството е многу повеќе од воспитување дете. Тоа не е лесна и едноставна улога. Непредвидлива е, но и убава и благородна и се состои од повеќе задачи, процеси и правила кои ги остваруваат родителите во контакт со своето дете. Одговорност на родителот е да се грижи за детето и да го негува неговиот физички и психолошки развој. Најсилното влијание на родителите е во периодот на детството, што не значи дека тоа понатаму запира, туку дека се придружуваат и други воспитнообразовни влијанија, вклучително и средината, вели психологот Косоврасти.

РАЗВОЈОТ НА РОДИТЕЛОТ ВО РАЗЛИЧНИТЕ ФАЗИ НА РОДИТЕЛСТВОТО
Психологот Адмир Косоврасти посочува неколку фази на родителството и додава дека однесувањето на родителите зависи од возраста на детето.
Новороденче и доенче
- Подготовка за влeгувањето на новиот член во семејството, решавање на конфликтите меѓу личните цели и потребите на детето, промена на сликата за себе – од дете на вашите родители во родител на вашето дете, физички и емоционално давање од себе, намалување на емоционалната и на временската посветеност спрема партнерот, воспоставување нови релации со сопствените родители, како и поттикнување на нивниот однос со внуците, но не и потпирање на нив до степен на посвојување.
За дете од предучилишна возраст
- Промена на вашето однесување во согласност со развојот на детето (на пример, дозволување поголема независност на детето); одржување блиски односи со партнерот без разлика на времето и на енергијата што се потребни; продолжување на деловната кариера со повеќе енергија штом детето ќе почне да поминува повеќе време надвор од домот (на пример, во градинка); учење како да се консултирате со книги, медиуми и со експерти за деца, а не да станете премногу зависни од нив, но и да си простете што не сте совршени родители.
Училишно дете
- Создавање реален поглед на способностите на детето; одвојување на вашите цели за постигнување на целите на детето; прифаќање на детето какво што е, не барајќи од него да се однесува во согласност со родителските фантазии дека малиот е генијалец или исклучителен спортист. Научете го детето да биде чувствително на емоционалните потреби на другите луѓе; научете го да учествува во училишниот и во воннаставниот живот за да придонесе во благосостојбата на заедницата; научете да ги гледате работите низ очите на детето, но и да размислите за сопственото детство, за да му го овозможите на детето она што вие сте го немале.
Адолесцент
- Преиспитување на сопствените вредности за да се одговори на прашањата на детето и на неговите тестирања на родителските граници и учење како да се биде флексибилен и како да се биде силен во поставувањето на нужно неопходните граници во однесувањето на детето; гледање на адолесцентот како на почеток на возрасен човек кој има свои интереси и кој не е само огледална слика на родителите и остварување на сопствената деловна кариера без занемарување на потребите на детето.