Кандидијазата кај децата, предизвикана од габата кандида, не е секогаш опасна, но може да биде непријатна и да бара третман, особено ако се јави кај бебиња и кај деца со ослабен имунитет. Како да се препознаат симптомите, на што треба да обрнат внимание родителите и кога да побараат лекарска помош за „Мама не си сама“ објаснува педијатарот д-р Драгана Емел Марковска од ПЗУ „Јуниор Мед“.
Кандидијазата е инфекција предизвикана од габата кандида (Candida). Во здравиот гастроинтестинален тракт постои рамнотежа меѓу добрите бактерии (меѓу кои и лактобацилите) и габите. Понекогаш габите или патогените бактерии може да се зголемат до таа мера што ги загрозуваат опстанокот и доброто функционирање на добрите бактерии во цревата и со тоа ја нарушуваат нормалната цревна флора. Таквата состојба се нарекува цревна дизбиоза. Вообичаено, кандидата во човековиот организам може да ја најдеме на кожата, во дигестивниот тракт (по целата негова должина) и во гениталниот тракт. Но, доколку се случи одредена состојба поради која бројот на кандидата екстремно се зголеми, тогаш може да се предизвикаат симптоми на заболувањето кое го нарекуваме кандидијаза. Симптомите ќе зависaт од тоа во кој систем е населена кандидата, вели докторката.
Кои се причините за појава на кандидијаза?
Според педијатарот, причините за настанување на кандидијазата се многубројни, но како најчести се спомнуваат:
- прекумерната употреба на антибиотици,
- прекумерното внесување шеќери,
- прекумерната употреба на кортикостероиди,
- ослабениот имун систем,
- стресот.
Кои се симптомите и каде се појавува инфекцијата?
Кандидијазата може да се појави на различни делови од телото, а симптомите зависат од локацијата, посочува д-р Емел Марковска и детално ги објаснува знаците за инфекција.
- Усна шуплина – се манифестира со белузлави, гроздовидни формации кои може да се видат на јазикот, на букалната слузница и на тврдото непце. Околу гроздовите се гледа црвенило, кое е проследено со болки при голтање, пецкање, чешкање и со вознемиреност. Се гледа кај новороденчињата, постарите луѓе и кај луѓето со намален имунитет.
- Повторувачки генитални и уринарни инфекции – црвенило, чешање, исцедок од урината, непријатен мирис, често уринирање, дизурија
- Дигестивни проблеми – кога цревната флора е во дизбиоза, може да се појават гасови, нагони за повраќање, констипација (запек), надуеност, грчеви во стомакот, дијареја.
- Кожа и нокти – на кожата може да се појави црвенило со белузлава скрама, кое е проследено со чешање и кое создава непријатност и вознемиреност. Ова особено се јавува во пеленската регија кај доенчињата. Може да предизвика и нарушување на формата на ноктите.
- Замор – ова е еден од најчестите симптоми кои се јавуваат при кандидијаза. Точниот механизам на настанување не е познат, но се смета дека поради настанатата дизбиоза има нарушување и во ресорптивната функција на цревата, па може да се појават нутритивни дефицити. На пример, нарушување во ресорпцијата на витаминот Б6, есенцијалните масни киселини и на магнезиумот. Недостигот од овие микронутриенти може да резултира и со замор кај децата.
- Проблеми во однесувањето – ова е еден од најголемите проблеми што се јавуваат кај децата со кандидијаза. Особено е изразен кај децата кои имаат и други проблеми во однесувањето (нарушување на когнитивниот развој или задоцнет развој). Од овие симптоми може да се појават несоодветно смеење, нарушување на сонот, мокрење во кревет, хиперактивност, желба за слатко, потреба за качување по предмети, тешкотии во говорот, отежнато одржување концентрација и сл.
Педијатарот советува дека доколку се забележат некои од овие симптоми кај детето, треба да се консултира педијатарот за натамошни иследувања и терапија. Иследувањата се преку микробиолошки (потврдување на постоењето голем број колонии на Candida во детскиот организам) и преку лабораториски анализи, за да се утврди дали постои одреден дисбаланс во нутриентите и појава на друго заболување.

Како се лекува кандидијазата кај децата?
Педијатарот Драгана Емел Марковска за „Мама не си сама“ објаснува дека лекувањето на инфекцијата се состои во:
- давање антифунгални лекови,
- пробиотици,
- диета без шеќери (многу е важно да биде спроведена во целост и со поддршка од целото семејство),
- кефир,
- кокосово масло,
- ѓумбир,
- лук,
- препарати за зајакнување на имуниот систем доколку се забележи негов пад.
Како заклучок може да кажеме дека постојат повеќе фактори кои придонесуваат за појава на дизбиоза (микробна нерамнотежа) во детскиот организам. Доколку се случи таква состојба, треба да се отстрани причината за нејзиното настанување и да се започне со соодветен третман. За третманот да биде успешен, на родителите треба да им се објаснат придобивките од истрајноста во лекувањето на кандидијазата, препорачува матичниот педијатар и советува:
Инфекцијата со кандида е честа, но контролирана и излечива, особено кај децата и бебињата. Со добра хигиена, навремено препознавање и со правилна терапија децата бргу закрепнуваат. Родителите треба да бидат смирени, внимателни и да не користат кремови или лекови на своја рака, без консултација со лекар. Балансираната исхрана, здравата средина и грижата за кожата се најдобрата заштита од повторни инфекции!