Кога ноќното мокрење е нормален дел од растењето, а кога е потребна лекарска помош?

Ноќното мокрење, познато и како енуреза, е чест проблем во детската возраст и претставува причина за загриженост кај многу родители. Иако често се доживува како нешто срамно или невообичаено, во најголем број случаи станува збор за нормална фаза во развојот на детето. Со правилни информации, трпение и поддршка овој проблем може успешно да се надмине. За тоа зошто многу деца имаат проблем со ноќното мокрење и како да им помогнете Мама не си сама побара одговори од д-р Наташа Симоновска, специјалист по семејна медицина во ПЗУ „Д-р Наташа Симоновска“.

Ноќното мокрење се карактеризира со неволно испуштање урина во текот на спиењето. Целосната контрола врз мокрењето се развива на возраст од 5 до 6 години. Всушност, едно од пет деца на предучилишна возраст и околу 5 % од децата на 10-годишна возраст ги навлажнуваат своите кревети во текот на ноќта – вели докторката.

Кои се причините за ноќно мокрење?

Според д-р Симоновска, најголеми причини се: генетските фактори, цврстиот сон, зголеменото создавање урина во текот на сонот и релативно малиот капацитет на мочниот меур. Доколку двајцата родители имале проблем со ноќно мокрење, веројатноста нивните деца да го имаат истото е дури 75 %. Неретко причината за ноќното мокрење е од емоционален карактер – преголем стрес кој е резултат на настани како што се развод на родителите, загуба на блиска личност, преселување во нов дом, започнување на училиште, ново братче или сестриче. Сето ова може да предизвика неконтролирано мокрење во текот на ноќта – објаснува таа.

Како можете да му помогнете на детето?

Доктор Симоновска потенцира дека најлоша тактика за справување со проблемот е казнување на детето по ноќниот инцидент. Викањето, засилувањето на чувството на срам и казнувањето можат само да го влошат проблемот. При појава на ноќно мокрење вo кревет задача на секој родител е да покаже смиреност и трпение. Таа за „Мама не си сама“ споделува и неколку корисни совети како да му помогнете на детето побргу да го надмине проблемот:

  • Охрабрете го да пие повеќе течности во текот на денот, а помалку навечер. Ограничете ја количината на сокови и на вода која детето ја пие неколку часа пред спиење, но не сведувајте ја на минимум доколку е детето вклучено во спортски активности во доцните попладневни часови. Околу 80 % од течностите детето треба да ги прима до 17 часот.
  • Ограничете го кофеинот во исхраната. Кофеинот ја зголемува потребата од мокрење, па затоа избегнувајте да му давате пијалаци и храна кои содржат кофеин (газирани сокови, чоколадо, одредени чаеви).
  • Потсетувајте го да го посети тоалетот пред спиење. Исто како и миење заби, уринирањето пред спиење треба да биде една од навиките на вашето дете за тоа да ја започнува ноќта со празен мочен меур. Некои деца се нетрпеливи да излезат од тоалетот и најчесто не ја исфрлаат целата урина. Ако го забележите тоа, охрабрете го да го посетува тоалетот двапати пред спиење. Еднаш пред да започне да се подготвува за спиење и уште еднаш непосредно пред да легне вo кревет.
  • Ставете мала ламба за вашето дете полесно и побезбедно да го пронајде патот до тоалетот. Многу мали деца навечер се плашат да одат до тоалет поради стравот од темнина. За да го охрабрите вашето малечко да стане од креветот за да измокри, осветлете му го патот до тоалетот.
  • Обрнете внимание дали детето страда од запек. Запекот може да биде причина за ноќното мокрење бидејќи полните црева вршат притисок врз мочниот меур.
  • Заштитете го душекот ставајќи најлонски прекривач помеѓу него и чаршафот. За да си го олесните процесот на промена на постелнината, снабдете си чаршаф кој не пропушта вода или ставете најлонски прекривач под чаршафот. Исто така, ставете чисти пижами до креветот на детето за тоа да може веднаш да се пресоблече.
  • Објаснете му на детето дека тоа што му се случува е краткотраен проблем
  • Не дозволувајте никој да се шегува со детето за мокрењето. Многу е важно да се минимизира засраменоста кај детето, а тоа нема да се случи ако неговото братче или сестриче се шегува за постојниот проблем.
  • Останете смирени и никогаш не обвинувајте го детето за инцидентите. Детето треба да е убедено дека неволното мокрење не е по негова вина. Објаснете му дека причина за мокрењето може да е неговиот мал мочен меур или длабокиот сон. Иако менувањето на чаршафите и на пижамите во текот на ноќта не е пријатна задача, мора да останете смирени и по секоја цена да го избегнете покажувањето лутина.

Кога е потребно да се побара лекарска помош?

Консултација со лекар или со детски нефролог се препорачува ако:

  • ноќното мокрење се појави нагло по долг период без проблеми;
  • детето има болка при мокрење или чести инфекции;
  • постојат и дневни проблеми со мокрењето;
  • детето покажува голема вознемиреност или пад на самодовербата.

 

За да се надмине проблемот, важна е поддршката од семејството

Семејната поддршка е клучна во вакви ситуации. Детето треба да се чувствува сигурно и разбрано. Отворениот разговор и позитивниот пристап значително го намалуваат стресот и го олеснуваат решавањето на проблемот, бидејќи ноќното мокрење во детската возраст е чест, но минлив проблем. Со правилни информации, трпение и со соодветна стручна помош кога е потребно децата успешно ја надминуваат оваа фаза и продолжуваат да се развиваат здраво и самоуверено.

Какви компликации можат да предизвикаат вирусните инфекции кај децата?

Голем дел од децата инфекциите ги поминуваат лесно, но кај некои тие можат да предизвикаат и посериозни компликации и децата да завршат во болница.

Кандидијаза кај децата – како да ја препознаете и да ја лекувате

Кандидијазата кај децата, предизвикана од габата кандида, не е секогаш опасна, но може да биде непријатна и да бара третман, особено ако се јави кај бебиња и кај деца со ослабен имунитет.

Фимоза кај децата: кога е нормално, а кога е време за лекар?

Кај секое машко дете со нормален развој на гениталиите постои препуциум, односно кожичка која целосно ја прекрива главата на пенисот.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!