Квалитетната исхрана е суштинска за правилен физички и ментален развој, особено кај децата во првите три години од животот. Исхраната во детството, покрај тоа што влијае врз здравиот раст и развој на детето, може да биде важен фактор кој го намалува ризикот од развој на разни болести во зрелата возраст. Затоа, исхраната е многу важна уште од самото раѓање. Дете кое се храни здраво е здраво дете.
За тоа зошто е важен здравиот раст и развој на детето и како може преку квалитетна исхрана и суплементација да придонесеме за него „Мама не си сама“ побара одговори од педијатарот д-р Светлана Смугреска од ПЗУ „д-р Светлана Смугреска“.
Кои се придобивките од здравата исхрана во детската возраст?
Здравата исхрана помага за одржување на имунитетот, што би значело помалку настинки во текот на зимските месеци. Понатаму, со здрава исхрана може да придонесеме за правилен развој на здрави коски и заби. Исхраната игра значајна улога за оптимален развој на мозокот и на нервниот систем, како и за подобри когнитивни достигнувања. Децата кои се хранат со храна богата со омега 3 покажуваат подобра координација на рацете, социјални вештини и зголемена концентрација. Масните киселини омега 3 се од суштинско значење за подобар вид и функција на очите. Присуството на омега 3 во крвта ја зголемува способноста на детето да учи, ги подобрува читањето и меморијата и претставува поддршка на имуниот систем. Токму овие придобивки се значајни за децата што одат во училиште заради постигнување оптимални резултати.
Што треба да знаете за масните киселини омега 3?
Масните киселини омега 3 се есенцијални масни киселини и се неопходни за раст и развој на многу системи на органи, особено на нервниот и на кардиоваскуларниот систем. Постојат неколку видови масни киселини омега 3, како што се ЕПА (еикосапентеноична киселина) и ДХА (докосахексаноична киселина), кои се единствени состојки на рибата и на рибните масла. Оттука, внесувањето свежа риба и морски плодови, кои изобилуваат со витамините А, Д и со омега, влијае врз когнитивниот развој на детето, неговиот имунолошки систем, како и врз добрата структура на кожата. Во денешно време децата витаминот Д и омега ги земаат најчесто во вид на перли, капки и сируп, вели д-р Смугреска.
_1741871536.jpg)
Зошто е важно да се користи суплементација со масните киселини омега 3 уште од најрана возраст?
Суплементацијата со масните киселини омега 3 уште од најрана возраст и во првите години од животот може да има многу предности за здравјето на детето, посочува педијатарот д-р Светлана Смугреска. Таа објаснува зошто се препорачуваат во исхраната на децата.
- Развој на мозокот: масните киселини омега 3, особено ДХА, играат клучна улога во развојот на мозокот, особено во првите години од животот (од првата до третата година). Тие помагаат во формирањето на невроните и можат да влијаат врз когнитивните функции, односно овозможуваат нормален раст и развој на мозокот и на неговите функции. Меѓу другото, придонесуваат побргу да се формира говорниот речник кај детето и почесто (на секои два часа) да се внесува по еден нов збор. Од друга страна, поради нејзин недостиг се јавуваат менталнокогнитивни недостатоци – детето подоцна проодува и прозборува, слабо се социјализира и не го примаат во групата на деца во која треба да биде инкорпорирано.
- Поддршка на имунолошкиот систем: масните киселини омега 3 имаат антиинфламаторно дејство, што може да помогне во зајакнувањето на имунолошкиот систем и во намалувањето на ризикот од разни заболувања.
- Здравје на срцето: масните киселини омега 3 можат да помогнат и во превенцијата од кардиоваскуларни заболувања, почнувајќи уште од детската возраст.
- Подобрување на расположението: постои поврзаност меѓу омега 3 и подобрувањето на психолошкото здравје, вклучувајќи намалување на симптомите на анксиозност и депресија. Исто така, масните киселини омега 3 помагаат и во подобрувањето на времетраењето и на квалитетот на сонот.
- Развој на видот: ДХА е важна за развој на ретината, што, пак, е значајно за визуелната функција кај детето.
Масните киселини омега 3 можат да помогнат и во борбата со автоимуните болести, а, исто така, придонесуваат и за превенција од развој на дијабетес и на астма, вели д-р Смугреска и потенцира дека суплементацијата со омега 3 може навистина да биде корисна, но секогаш е добро да се консултираме со педијатар пред да започнеме со каква било форма на суплементација, особено кај децата