Трпение, рутина и поддршка: кој е клучот за успешно одвикнување од пелени?

Одвикнувањето од пелени е една од најважните пресвртници во растот и развојот на детето. За многу родители ова е период исполнет со прашања, дилеми и со неизвесност бидејќи секое дете има свое темпо на развој. Иако процесот понекогаш изгледа долго и предизвикувачки, со правилен пристап, трпение и поддршка може да стане позитивно искуство и за детето и за родителите, за „Мама не си сама“ објаснува д-р Розина Стојковска, специјалист по педијатрија во ПЗУ „Га-Ма медикус“.

Најважно е родителите да не вршат притисок. Детето треба да има можност да се приспособи на свој начин бидејќи форсирањето може да предизвика отпор, страв и да го продолжи процесот – советува докторката.

Кога е најдобро да се започне?

Според педијатарот, не постои точно определена возраст кога треба детето да се одвикне од пелени. Најчесто тоа се случува помеѓу првата и третата година од животот, но најважен показател не е возраста, туку подготвеноста на детето.

Пред да се започне со одвикнување, потребно е детето да покаже одредени развојни знаци.

Како да препознаете дека детето е подготвено?

Доктор Розина Стојковска посочува дека добар момент за започнување со одвикнување од пелени е кога детето:

  • самостојно седи и оди;
  • покажува интерес да биде големо и сака да седи на нокшир;
  • разбира и извршува едноставни инструкции;
  • може да покаже или да каже дека има потреба да мокри или да врши голема нужда;
  • сака да носи гаќички наместо пелени;
  • останува суво најмалку два часа во текот на денот или се буди со сува пелена по ноќното спиење.

Овие знаци покажуваат дека детето постепено развива контрола врз мокрењето и врз празнењето на цревата, потенцира педијатарот.

Избор на соодветен нокшир

Според докторката, нокширот треба да биде стабилен, удобен и приспособен на големината на детето.

Денес постојат различни модели – од едноставни нокшири до модели кои личат на тоалетна школка или имаат звучни и светлосни ефекти. Иако интересниот дизајн може да го мотивира детето, најважно е да се чувствува удобно и безбедно додека седи на него – вели д-р Стојковска.

Како да започне процесот?

Одвикнувањето треба да биде постепено и без притисок. На почетокот детето може да седнува на нокширот облечено и преку игра и разговор да се запознае со него. Кога ќе го прифати, постепено може да се обидува да седи без пелената, објаснува педијатарот и посочува дека во текот на целиот процес важно е:

  • детето да се пофалува и да се охрабрува за секој успех;
  • да не се казнува доколку се случи незгода;
  • процесот да биде претставен како нешто природно и позитивно;
  • да се користат сликовници, приказни или цртани филмови кои на едноставен начин го објаснуваат користењето на нокширот.

Ова е така затоа што многу деца полесно учат преку игра, имитација и секојдневна рутина.

Зошто летото е погоден период?

Летните месеци често се сметаат за најповолни за одвикнување од пелени. Поради високите температури, децата полесно прифаќаат да бидат без пелени, носат полесна облека и евентуалните незгоди полесно се решаваат.

Облеката треба да биде удобна и лесна за соблекување за детето постепено да стекнува поголема самостојност, препорачува педијатарот.

Дневна и ноќна контрола

Според д-р Стојковска, кога детето ќе почне успешно да го користи нокширот во текот на денот, постепено може да се започне и со одвикнување од ноќната пелена. Сепак, важно е родителите да знаат дека кај многу деца ноќната контрола се воспоставува подоцна од дневната и тоа е сосема нормално.

Пред спиење се препорачува:

  • детето да го испразни мочниот меур;
  • да се избегнува прекумерно внесување течности непосредно пред легнување;
  • да се користи заштита за душекот додека процесот не стане сигурен.

Постепено треба да се создаде рутина детето да оди во тоалет или на нокшир пред и по спиење, како и по оброк или по внесување поголема количина на течности, препорачува таа.

Трпението е клучот за успех

Одвикнувањето од пелени е природен процес кој не може да се забрза. Успехот зависи од психолошката подготвеност на детето, но и од трпението, доследноста и разбирањето на родителите.

Карањето, казнувањето или покажувањето разочарување кога ќе се случи незгода може да создадат чувство на страв и на несигурност и да го отежнат процесот. Наместо тоа, секој мал успех треба да биде пофален, а неуспесите да се прифатат како нормален дел од учењето – советува педијатарот.

Секое дете има свое темпо

Доктор Стојковска потенцира дека не постои универзален начин што е успешен за сите деца. Родителите треба внимателно да ги следат сигналите што ги испраќа детето и да му пристапат со љубов, поддршка и со охрабрување.

Со доволно трпение, позитивен пристап и доследна рутина, детето постепено ќе стекне самодоверба, самостојност и сигурност, а одвикнувањето од пелени ќе стане уште еден успешно совладан чекор во неговиот развој, објаснува педијатарот за „Мама не си сама“.

 

 

Летна храна, летен ризик – како да ги заштитите децата од труење?

Труењето со храна е чест здравствен проблем кај децата, особено во лето. Се појавува ненадејно и најчесто е проследено со повраќање, дијареја и со болки во стомакот

Топлотен удар или сончаница – како да ги препознаете кај вашето дете

Сончаницата и топлотниот удар се сериозни состојби кои во лето можат да се појават многу бргу, особено кај децата. Иако понекогаш звучат слично, тие се различни според начинот на настанување, симптомите и третманот.

Совети од педијатар како да му помогнете на бебето додека му никнуваат заби

Кај најголем број бебиња првите запчиња почнуваат да никнуваат на возраст од околу 6-7 месеци.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!