Грип или РСВ? Најважните разлики што секој родител треба да ги знае

Вирусните инфекции се едни од најчестите причини за заболување кај децата, особено во есенските и во зимските месеци. Тие можат да зафатат различни органски системи, најчесто респираторниот (дишните патишта) и гастроинтестиналниот тракт (желудникот и цревата).

Иако најголем број вирусни инфекции поминуваат без сериозни последици, кај доенчињата, малите деца и децата со хронични заболувања тие можат да предизвикаат потешка клиничка слика и да бараат болничко лекување. За тоа кои вируси најчесто ги напаѓаат децата, во кои периоди од годината доминираат, кои се симптомите, како се третираат и на што да обрнат внимание родителите „Мама не си сама“ побара одговори од педијатарот д-р Драгана Емел-Маркоска од ПЗУ „Јуниор мед“.

 

Респираторните вируси се најчести во зимскиот период

Специјалистот по педијатрија објаснува дека во текот на зимата најчесто циркулираат вируси кои го напаѓаат респираторниот систем. Постојат многу различни видови, меѓу кои:

  • вирусот на грип (инфлуенца),
  • респираторниот синцицијален вирус (РСВ).

Овие вируси можат да предизвикаат инфекции на горните дишни патишта, но и воспаление на белите дробови, особено кај најмалите деца, посочува д-р Маркоска.

Како се пренесуваат вирусите?

Респираторните вируси се пренесуваат преку капките (т.н. Флигеови капки) што се ослободуваат при кашлање, кивање или зборување. Овие ситни капки содржат вирусни честички кои кратко време остануваат во воздухот, а потоа паѓаат на различни површини. Инфекцијата настанува кога вирусот ќе влезе во организмот преку носот, устата или очите. Потоа започнува неговото размножување, а по неколку денови се појавуваат првите симптоми, вели докторката.

Симптоми кои се заеднички за повеќето вирусни инфекции

Според педијатарот Драгана Емел-Маркоска, на почетокот повеќето вирусни инфекции имаат слични симптоми. Тој период се нарекува продромален период и може да вклучува:

  • покачена телесна температура,
  • течење на носот,
  • кивање,
  • кашлица,
  • малаксаност,
  • главоболка,
  • болки во мускулите и во градите,
  • намален апетит.

Интензитетот на симптомите зависи од видот на вирусот, возраста на детето и од неговата општа здравствена состојба, вели таа.

Инфлуенца (грип) – висока температура и изразена малаксаност

Кај грипот, особено кај оној предизвикан од инфлуенца тип А, најкарактеристична е високата температура, која може да достигне од 38,5 до 40 °C и да трае неколку денови.

Освен температура, често се јавуваат:

  • силна малаксаност,
  • болки во мускулите,
  • главоболка,
  • кашлица,
  • течење на носот.

Кај поголем дел од децата болеста се лекува со домашна нега, но кај некои може да се развијат компликации кои бараат лекарски преглед, предупредува докторката.

РСВ – вирус кој е особено опасен за доенчињата

Респираторниот синцицијален вирус (РСВ) е една од најчестите причини за инфекции на долните дишни патишта кај доенчињата.

Најкарактеристичен симптом е упорната надразнителна кашлица. Кај малите бебиња вирусот може да предизвика бронхиолитис, односно воспаление на најмалите дишни патишта, што доведува до отежнато и забрзано дишење и до намалено внесување храна и течности. Во такви случаи се потребни почести педијатриски контроли, а понекогаш и болничко лекување – посочува д-р Драгана Емел-Маркоска.

Кога треба да се јавите на педијатар?

Таа за „Мама не си сама“ посочува дека не бара итен преглед секоја покачена температура. Во најголем број случаи детето може да се лекува дома со:

  • доволно внесување течности,
  • антипиретици по препорака,
  • мирување,
  • следење на општата состојба.

Но, додава дека, сепак, е потребно да се побара лекарска помош ако:

  • температурата е над 39 °C и тешко се намалува;
  • детето изгледа многу исцрпено или состојбата се влошува;
  • има тешкотии со дишењето;
  • кашлицата е постојана и силно го исцрпува детето;
  • детето е невообичаено сонливо, тешко се буди или е многу вознемирено;
  • станува збор за новороденче или бебе помало од три месеци со покачена температура.

Доколку нема алармантни симптоми, кај некомплицираната вирусна инфекција често е доволно детето да се следи дома, а преглед кај педијатар да се направи доколку симптомите траат повеќе денови или доколку состојбата се влошува, советува педијатарот.

 

Како се лекува грипот?

Бидејќи грипот е вирусна инфекција, терапијата најчесто е симптоматска и има цел да му помогне на организмот полесно да ја преброди болеста.

Затоа докторката препорачува:

  • мирување;
  • внесување доволно течности;
  • изолација од други лица за да се намали ширењето на инфекцијата;
  • антипиретици за намалување на температурата, по препорака;
  • електролити кога е потребно;
  • лесна исхрана;
  • природни средства за смирување на кашлицата доколку се соодветни за возраста на детето.

 

Зошто антибиотиците не помагаат при грип?

Една од најчестите заблуди е дека антибиотиците го лекуваат грипот, вели д-р Драгана Емел-Маркоска.

Антибиотиците дејствуваат исклучиво против бактериите, а не против вирусите. Затоа кај некомплицираната вирусна инфекција нивната примена нема да го скрати текот на болеста ниту ќе ги ублажи симптомите. Антибиотик се препишува само ако педијатарот утврди дека, покрај вирусната инфекција, се развила и секундарна бактериска инфекција. Непотребната употреба на антибиотици може да доведе до несакани ефекти – нарушување на нормалната бактериска флора и развој на антибиотска резистенција, што ја намалува ефикасноста на таквите лекови кога се навистина потребни – предупредува таа.

 

Како да се намали ризикот од вирусни инфекции?

Според педијатарот, иако вирусните инфекции не можат целосно да се избегнат, ризикот од нивно ширење може значително да се намали со:

  • редовно миење на рацете;
  • покривање на устата и носот при кашлање и кивање;
  • редовно проветрување на просториите;
  • избегнување близок контакт со болни лица;
  • останување дома кога детето има симптоми на инфекција.
Кога треба да се почне со четкање на забите и да се посети стоматолог?

Кај најголем број бебиња првите запчиња почнуваат да никнуваат на возраст од околу 6-7 месеци.

Респираторниот синцицијален вирус (RSV) кај најмалите – тивок вирус што бара големо внимание!

Респираторниот синцицијален вирус е чест и потенцијално сериозен вирус кај доенчињата и малите деца во текот на зимските месеци.

Од симптоми до лекување – што треба да знаете за долнореспираторните инфекции кај децата?

Главен симптом на инфекцијата на долниот респираторен тракт е кашлицата, која може да биде напорна како за детето така и за родителите, потенцира педијатарот и ги наведува и другите симптоми.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!