Дијареја кај децата: причини, опасности и корисни совети за родителите

Дијарејата, или народски позната како пролив, претставува појава на честа течна или водеста столица. Наместо нормална столица, детето има мека, течна или водена столица неколкупати во текот на денот. Ова е многу честа состојба кај децата, особено во првите години од животот. Иако дијарејата најчесто не е сериозна, таа може да стане опасна ако трае подолго време или ако детето изгуби многу течности. Малите деца, особено бебињата се чувствителни на губење течности и може бргу да дехидрираат. За да зборуваме за дијареја, течната столица треба да е присутна барем трипати во 24 часа – за Мама не си сама“ објаснува д-р Виолета Стојановска, специјалист по семејна медицина од ПЗУ „Целзус про“.

  • Клиничката дијареја означува водникава столица и/или зголемување на нејзиниот волумен и на содржината на вода, а патофизиолошки претставува мала апсорпција на вода и на електролити. Честата, но оформена столица не претставува дијареја. Доенчињата кои се на ексклузивно доење може да имаат столица до 12-пати на ден, а доенчињата на млечна формула до 7-пати на ден – вели докторката и посочува дека дијарејата може да биде акутна и да потрае неколку часа или денови и перзистентна (пролонгирана), т. е. да трае 2 или повеќе недели. Акутниот дијареален синдром се карактеризира со кратка инкубација, неочекуван почеток, кратко траење и со изразени општи и специфични симптоми: гадење, повраќање, покачена телесна температура, стомачна болка со различен интензитет, потенцијална дехидратација и тешки последици од нелекувана дехидратација, вели д-р Стојановска, специјалист по семејна медицина од ПЗУ „Целзус про“.

 

Од што зависи какви симптоми ќе има детето?

Според специјалистот по семејна медицина, клиничката слика на дијарејата зависи од повеќе фактори, како на пример:

  1. видот на предизвикувачот, неговата бројност, вируленцијата, патогеноста, инфекциозноста и својството да произведува егзотоксини или ендотоксини;
  2. состојбата на паднат имунитет, неговата неспецифична природна отпорност, како и од состојбата на клеточниот и на хуморалниот имунитет;
  3. сегментот на гастроинтестиналниот тракт кој е нападнат (акутен гастроентеритис, колитичен синдром, дизентеричен синдром, мешан тип и сл.);
  4. возраста – еден ист предизвикувач дава различна експресија на болеста кај новородено, доенче и кај возрасен.

Секако, највулнерабилна (најчувствителна) возраст се новороденчињата и доенчињата поради потенцијалната опасност од дехидратација, потенцира д-р Стојановска, специјалист по семејна медицина од ПЗУ „Целзус про“.

Што ја предизвикува дијарејата кај децата?

Најчести причини за дијареја, според докторката, се:

  1. Вирусните инфекции предизвикани од Rotavirus, Adenovirus, Astrovirus, Calici virus и други.
  • Ротавирусниот ентерит е сезонски (ноември – април). Најзагрозена е ворасната група од 4 месеци до 2 години. Трансмисијата е фекална / орална, преку ингестија на контаминирана храна и вода и преку контакт со контаминирани површини. Контагиозноста е од 2 дена пред почетокот на болеста до 2 недели. Инкубацијата е 2 дена. Температурата може да се зголеми до 39 °C и е проследена со гадење, повраќање и со стомачна болка. Дијарејата може да трае од 3 до 9 дена и да доведе до дехидратација. Денес во широка употреба е пероралната вакцина RotaTeq, која помага за заштита на бебињата и на малите деца од гастроентеритис предизвикан од ротавирусна инфекција и може да се дава на бебиња на возраст од 6 до 32 недели. Вакцината содржи 5 типа на живи ротавирусни видови. Кога на бебето ќе му се даде вакцината, имунолошкиот систем (природната заштита на телото) ќе создаде антитела против типовите на ротавирусот кои најчесто се јавуваат. Овие антитела помагаат во заштитата од гастроентеритис предизвикан од ваквите типови на ротавирусот, објаснува д-р Стојановска, специјалист по семејна медицина од ПЗУ „Целзус про“.

2. Акутниот дијареален симптом предизвикан од бактерии или од нивни токсини:

  • Salmonela
  • Staphilococcus aureus
  • Steptococcus faecalis
  • Clostridium botulinum
  • Costridium perfringens
  • Eschirichia coli (таа е голем дел од нормалната цревна флора)
  • Шигеолози
  • Кампилобактериози
  • Јерсиниози

3. Акутната дијареја предизвикана од протозои (Entamoeba hystoliticaи Giardia lamblia)

  • Таа има многу помала улога во настанувањето на дијарејата, посочува докторката.

4. Акутната дијареја предизвикана од хелминти:

  • Trichiuris trichiurа
  • Enterobius vermicularis

(според докторката, тие предизвикуваат хронична дијареја)

5. Акутната дијареја предизвикана од габи (Candida albicans)

6. ААД (антибиотик асоцираната дијареја, која е предизвикана од антибиотик)

7. Патничката дијареја

8. Неспецифичната дијареја – може да биде симптом на Pneumonia, Otitis media, воспаление на слепото црево и сл.

9. Дијареја може да се јави и при злоупотреба на антипиретици (Paracetamol, Ibuprofen и сл.) бидејќи тие содржат сахароза и сорбитол.

10. При претерано внесување овошни сокови кои содржат фруктоза, сорбитол и сахароза.

  • Основно за секоја дијареја е што кај неа постои нарушување на метаболизмот на водата и на електролитите. За време на дијареја се губат вода и електролити од организмот преку водникавата столица и повраќањето. Дехидратација се јавува кога загубите не се надоместуваат соодветно. Таа може да биде лесна, умерена и тешка. На почетокот се манифестира со зголемена жед и со вознемиреност; усните и јазикот се суви, детето плаче без солзи, се намалуваат тургорот и еластичноста на кожата, а очите и големата фонтанела се вовлекуваат. Може да се јават и забрзана работа на срцето и забрзано дишење во подоцнежниот стадиум. Урина има малку и таа станува поконцентрирана (потемна). Гласот станува засипнат. При дијареја доаѓа и до електролитен дисбаланс, односно до хипернатремија и хипонатремија, хипокалемија, метаболна ацидоза и до алкалоза. Овде е важно да се спомнат и можните конвулзии (грчеви), објаснува специјалистот по семејна медицина д-р Виолета Стојановска од ПЗУ „Целзус про“

 

Колку е опасна дијарејата?

Опасноста кај дијарејата не потекнува од течната столица, туку од губењето течности и минерали од телото. Ова може да доведе до дехидратација – состојба кога телото нема доволно вода за да функционира нормално. Кај децата дехидратацијата може да се развие многу бргу, за само неколку часа, особено ако дијарејата е проследена со повраќање и со треска, потенцира докторката и укажува на кои симптоми при дехидратација да обрнат внимание родителите:

  • суви усни и јазик,
  • малку или никакво мокрење,
  • плач без солзи,
  • летаргичност (сонливост, слабост),
  • пропаднати очи,
  • студени раце и нозе.

Ако ги забележите овие знаци, веднаш побарајте лекарска помош, советува д-р Виолета Стојановска, специјалист по семејна медицина од ПЗУ „Целзус про“.

Како се лекува дијарејата кај децата?

Според докторката, дијарејата се лекува со надоместување на течностите и на електролитите (рехидратација), спроведување соодветна исхрана и со употреба на пробиотици.

  • Рехидратација (периодот на рехидратација трае 3-6 часа)

Постојат повеќе орални рехидратациски раствори (ОРР). Тие се даваат без ограничување, безбедни се, со нив се постигнува рана рехидратација и се превенира дехидратација. Треба да се даваат во мали количини, но почесто, со лажиче, шприц или со шишенца со цуцла. ОРР не ги менуваат фреквенцијата, волуменот и траењето на дијарејата, ниту, пак, го прекинуваат повраќањето; не се вкусни, имаат ниска калорична вредност и поради тоа не се прифатени од сите мајки. Затоа е неопходно на мајките да им се објаснат техниката и суштината на поењето со ОРР и да им се укаже на тоа дека ефектите доаѓаат подоцна.

  • Соодветна исхрана

Мајчиното млеко е златен стандард во исхраната на новороденото и доенчето. Доењето не се прекинува во никој случај додека трае дијарејата. Бебето цица колку сака и кога сака.

Новороденчињата кои се на млечна формула продолжуваат со неа. Во одредени случаи треба да се даде млечна формула без лактоза.

Најдобри се млечните формули кои содржат пребиотици со пробиотици, т. е. симбиотици.

Хранењето треба да биде на 3 часа, освен во периодот на рехидратација. Ако доенчињата се под 6-месечна возраст, вообичаениот млечен оброк треба да се разредува со вода 1:1 во првите 2 дена.

Раното започнување со исхрана ја подобрува нутрицијата на цревото, што е важно за негово заздравување.

Фазата на реалиментација опфаќа:

  1. Период на безмлечна храна (оброци од ориз/оризова вода, варен морков, пире од јаболка, банана, варен компир). Се смета дека оризовата вода има најдобар ефект – лесно се комбинира со другите оброци и има добар вкус.
  2. Период на млечна храна
  3. Други јадења:  

Ако детето е старо 6 месеци, може да добива житарки (пченица, ориз, овес), заленчук (варени морков и компир) и друга храна помешана со млеко, супи, јогурт. Најдобро е овие видови храна да бидат приготвени како каша или пире. Овошјата што содржат многу шеќер треба да се избегнуваат. Чаеви може да се даваат, но тие немаат електролитни компоненти. На детето треба да му се дава храна колку што ќе посака, а треба да му се нуди на 3-4 часа. Важно е да се спомене дека децата со дијареја немаат апетит и потребна е голема умешност за да се намамат да јадат. По запирањето на дијарејата се продолжува со вообичаената исхрана, со тоа што се додава уште еден дополнителен оброк во следните 2 недели.

 

  • Пробиотици

Во третманот на дијарејата пробиотиците имаат важна улога. Тие се производи со голем број потентни микроорганизми (Lactobacillus RhamnosusGG, Lactobacillus reuteri, Lactobacillus acidophilus, Saccharomyces, Boulardi, Bifidobacterium bifidum). Може да ја изменат микрофлората во гастроинтестиналниот тракт и да дадат корисни ефекти врз здравјето. Директно го спречуваат растот на патогените бактерии, ја подобруваат епителната бариера во цревото и го поттикнуваат имунолошкиот систем за да ја зголеми ефикасноста во уништувањето на патогените бактерии.

Поновите истражувања покажуваат дека пробиотиците можат да помогнат и со алергиите кај децата. Тие имаат примена и при дијарејата која е последица на злоупотребата на антибиотици, посочува д-р Виолета Стојановска, специјалист по семејна медицина од ПЗУ „Целзус про“.

Превенција на дијарејата

Доктор Виолета Стојановска, специјалист по семејна медицина

од ПЗУ „Целзус про“, за „Мама не си сама“ споделува неколку корисни совети како да спречите дијареја кај детето.

1. Доење (златен стандард)

  • Треба да се фаворизира доењето, со рано ставање на новороденчето на града. Казаеинот во мајчиното млеко функционира како пребиотик. Препорачливо е ексклузивно доење во првите 6 месеци.

 

2. Хигиенско приготвување на храната за доенчето

  • Задолжително миење на рацете. Сите агенси што ја шират дијарејата се шират преку валкани раце загадени со фекални материи. Затоа членовите на семејството треба да ги мијат рацете со топла вода и со сапун по дефекација, по бришење на детето, по фрлање на изметот од детето, пред приготвување храна и пред хранење на детето.
  • Водата што се користи за приготвување на храната за доенчињата треба да биде превриена.
  • Храната треба да се приготвува во чисти садови и непосредно пред хранењето.
  • Храната да се чува во фрижидер.
  • Овошјето и зеленчукот да се измијат добро.
  • Детето треба да се храни со чисто лажиче.

Дијарејата е честа појава кај децата, но со соодветна грижа и внимание таа ретко кога е опасна. Најважно е да се спречи дехидратацијата и да се следи состојбата на детето. Со добра хигиена и со правилна исхрана може да се спречат многу од причините за дијареја. Ако имате сомнеж или ако состојбата на детето не се подобрува, секогаш консултирајте се со лекар, советува докторката.                                              

 

 

Исхраната е многу важна за когнитивниот развој на детето

Масните киселини омега 3 се есенцијални масни киселини и се неопходни за раст и развој на многу системи на органи, особено на нервниот и на кардиоваскуларниот систем.

Кои се најчестите компликации од воспаление на синусите кај децата?

Оваа состојба најчесто се јавува во зимските месеци или при температурни разлики и не треба да се игнорира честото и долготрајно течење на носот кај детето.

На која возраст детето треба да се одвикне од пелени?

Статистички се смета дека децата стануваат зрели и способни да ги контролираат своите физиолошки потреби меѓу 18 и 24 месеци.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!