Колку треба да спијат децата според возраста и што да направите за да имаат мирен сон?

Кај децата сонот е неопходен исто колку и кај возрасните. Сонот за децата не е само одмор, туку спиењето е време кога нивното тело расте, мозокот се развива, а организмот се обновува. Тие бргу растат и учат секојдневно, што дополнително го исцрпува малиот организам, па затоа улогата на сонот кај децата e уште поважна, во разговор за „Мама не си сама“ вели д-р Симонида Спасевска, специјалист педијатар во клиничката болница „Аџибадем Систина“. Таа споделува совети за тоа колку време треба да спијат децата според возраста, што помага за мирен сон и како да се создаде удобен и безбеден простор за спиење на вашите најмили.

Бебињата сакаат и треба да имаат свое место за одмор и за сон. Иако на почетокот бебето може да спие каде и да го оставите, тоа набргу ќе ви покаже што му се допаѓа, а што не. Новороденчињата треба да спијат во сопствено креветче, на тврд душек, без перница, на чиста и удобна памучна постела. Се плашат од голем и отворен простор, па затоа креветчето треба да го оградите со памучна ткаенина едноставна за одржување. Не препорачуваме присуство на плишни играчки во креветчето поради можноста од задушување (ако случајно некоја му го препокрие лицето). Од истите причини потребно е бебето да спие само во свое креветче (мајката е најчесто преуморна, па може, не сакајќи, да го задуши со цицање или со своето тело или, пак, бебето да падне од креветот), препорачува педијатарот.

Како да го подготвите бебето за да има мирен сон и какви ритуали да применувате?

Според д-р Спасевска, за вашето новородено бебе мирно да спие, треба да се исполнети неколку услови: да е добро нахрането, суво и облечено во памучна облека и покриено со лесна памучна прекривка. За дополнително пријатна средина за одмор и сон ќе придонесат тивката музика која доаѓа од музичка играчка или звукот од телевизорот во соседната соба и пригушената светлина. Додека е во стомакот на мајката, бебето е навикнато на одредени движења и звуци, како што се мајчиниот глас, ритамот на нејзиното срце и мрморењето во стомакот. Затоа, посигурно се чувствува кога во собата има движење и кога не е целосна тишина. Оттука доаѓа и фактот дека бебињата се смируваат при возење во кола, објаснува педијатарот и додава:

  • Бебињата имаат лесен сон, па можат да се разбудат и при најмало движење. Доколку бебето се вознемири и стане плачливо, препорачливо е да го земете в прегратка и повторно да го заспиете со нежни движења и со лулање. Важно е навреме да реагирате за да не дојде до неутешно, хистерично плачење. За новородените и младите доенчиња важно е што побргу да се научат на одреден ритам за сон и на ритуал пред спиење, така што штом се роди бебето, добро е да почнете со ритуали кои ќе ги повторувате секоја вечер, по можност, во исто време (на пример, бањање, мачкање со лосиони и со кремови, пресоблекување, хранење). Вашето бебе бргу ќе ги сфати доследноста и предвидливоста на ритуалите и ќе се чувствува смирено кога знае што следува. Истите ритуали практикувајте ги и кога сте на патување или на одмор надвор од дома. За постарите доенчиња кои може да седат самостојно како ритуал пред спиење може да бидат и ставањето на нокшир, миењето запчиња, музиката или приказната за добра ноќ. Исто така, ритуал може да претставува и одредена физичка активност пред спиење (на пр., скокоткање, смеење, скокање во рацете на родителот). Пожелно е вашето бебе добро да го изморите пред спиење за, едноставно, да се ослободи од вишокот енергија, посочува докторката.

 

Колку време треба да спијат децата според возраста?

  • Новороденото бебе спие околу 16 – 18 часа дневно. Притоа, времетраењето на сонот во текот на денот и ноќта е исто.
  • Младо доенче до 3 месеци спие околу 15 часа, со тоа што му се продолжува ноќното спиење за 2-3 часа повеќе.
  • Бебе од 6 до 9 месеци спие околу 14 часа дневно, ноќниот сон е околу 11 часа, а будењата во текот на ноќта се поретки (исклучок: при излегување на запчињата, топло и ладно, глад...).
  • Над 1 година детето спие околу 13 часа – 10-11 часа во текот на коќта и 2-3 часа преку ден, обично во два периода: претпладне и попладне, дремка пред 18 часот, која обично трае околу 1 час.

Корисно е побргу да го научите вашето бебе да заспива само. Тоа значи дека ако се разбуди во текот на ноќта, нема да плаче, туку само ќе си заспие, советува педијатарот Симонида Спасевска.

Важно за децата е да спијат и преку ден

Освен ноќното спиење, кај децата многу важни се и дневниот одмор и сон. Оваа тема ја истражувале детските психолози и дошле до заклучок дека на детето му се неопходни дневен сон и одмор поради активностите кои следуваат потоа (остатокот од денот), потенцира докторката.

  • Дневните одмори ги режираат денот и расположението на мајката и на детето. За правилен распоред на дневното спиење, важни се бројот на оброците и нивниот распоред. Дете до една година треба барем двапати во текот на денот да одмора. Недостигот од дневен одмор го прави детето преуморно, раздразливо и тешко заспива само. Кога детето природно ќе го намали својот дневен сон, тогаш добро е одморот да биде околу пладне, отприлика 2 часа, а ноќното заспивање да биде околу 20 часот за да не се буди многу рано. Доколку и натаму му е потребно да преспива двапати во текот на денот, тогаш попладневната дремка да не е по 18 часот, а ноќното заспивање да не почнува подоцна од 22 часот, препорачува педијатарот.

 

Лесниот сон е добар за здравјето на детето

Доктор Спасевска, повикувајќи се на голем број истражувања кои го потврдиле ова, за „Мама не си сама“ објаснува дека за добро здравје на детето најдобар е лесниот сон, за да може полесно да се разбуди и да реагира доколку постојат одредени услови кои му го загрозуваат здравјето. При таков лесен сон, протокот на крвта во мозокот се зголемува, а организмот го зголемува производството на протеини битни за мозокот. Мозокот го користи ова време за да ги процесира сите информации кои бебето ги акумулирало додека било будно, ги селектира, ги задржува корисните, а ги отфрла небитните информации. Предвремено родените бебиња поминуваат речиси 90 % во фаза на лесен сон и со тоа го забрзуваат развојот на мозокот. Според одредени студии, токму лесниот сон ја намалува опасноста од ненадејна смрт кај доенчињата или SIDS.

 

Што помага за мирен сон?

За мирен сон неопходно е децата да бидат сити, односно да не ги буди глад во текот на ноќта, потенцира педијатарот.

  • Тоа е особено важно за постарите доенчиња и за децата над 1 година, кои веќе извесен период не се будат за ноќно хранење/цицање. Вечерата треба да е лесна, млечна, обично житарки кои волуменозно го исполнуваат желудникот, но кои содржат и посложени шеќери кои бавно ја отпуштаат гликозата/крвниот шеќер, па така подолг период се супримира чувството на глад, советува д-р Спасевска и порачува дека сонот кај децата е темел на нивниот раст, развој и добро здравје. Без доволно квалитетен сон децата се пораздразливи, имаат помалку енергија и тешко се концентрираат. Родителите можат многу да помогнат преку создавање пријатна атмосфера, редовна рутина и многу трпеливост. Мирниот сон не е добар само за децата туку и за целото семејство, заклучува педијатарот.
Совети од педијатар за одвикнување на детето од пелени

Одвикнувањето од пелени кај децата предизвикува страв од непознато и откажување од безбедноста која ја чувствувале претходно со пелените.

Како да препознаете дали вашето дете има инфекција на очите (конјунктивит)?

Конјунктивитот или розово око е воспаление на обвивката на окото (конјунктивата) што ја покрива внатрешноста на очните капаци и надворешниот дел на очното јаболко.

Што треба да има во вашата патна аптека кога одите на летување со дете?

Одморот со дете може да биде прекрасно искуство ако сте добро подготвени. Со правилно спакувани лекови, консултација со стручно лице и со заштита од сонце ќе имате помалку грижи, а повеќе уживање

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!