Како да му помогнете на детето ако му тече крв од носот?
Предниот дел на носот содржи многу кревки крвни садови кои лесно може да се оштетат. Повеќето крвавења од носот кај децата се јавуваат во оваа област на носот, блиску до ноздрите.
Гастроентероколитот е честа состојба кај децата и претставува воспаление на желудникот и на тенкото и дебелото црево. Најчесто се јавува кај доенчиња и кај мали деца, но може да се појави и кај сите возрасни групи. Иако во повеќето случаи поминува без сериозни последици, навременото препознавање и правилната грижа се важни за да се спречат компликации, особено дехидратација. За тоа на што треба да се обрне внимание и кога да се побара лекарска помош „Мама не си сама“ побара одговори од д-р Маргица Арсовска, специјалист педијатар во Општата болница во Куманово.
Според СЗО, дијaреја е евакуација на најмалку 3 водникави столици во период од 24 часа. Важна e конзистенцијата на столицата, а не нејзината фреквентност. Чести, a oформeни столици не се сметаат за дијареја. Бебињата кои се исклучиво на мајчино млеко често имаат кашеста столица, што, исто така, не е дијареја. Акутната дијареја е најчесто самоограничувачка и трае неколку денови, а под хронична се подразбира ако симптомите траат повеќе од 14 дена – вели педијатарот.
Што е акутна инфективна дијареја?
Доктор Арсовска објаснува дека акутната инфективна дијареја е една од најчестите причини за смрт на доенчињата и малите деца во светот. Секоја година повеќе од 3 милиони деца помали од 5 години умираат како резултат на дехидратација, т.е. губење течности. Наjчесто и во потешка форма се јавува кај децата во првите 3 години (особено во периодот од 6- до 11-месечна возраст, кога се воведува немлечна исхрана и кога доенчето почнува да лази и да допира предмети, додека, пак, нивото на антитела од мајката е намалено). Најчесто се јавува во летниот период и на почеток на есента.
Дијарејата настанува како резулат на забрзаниот цревен транзит (забрзаната перисталтика), поради што е намалена ресорпцијата на вода во дебелото црево. Со чести водникави столици болното дете губи вода и електролити (натриум, хлор, калиум и бикарбонати). Најчеста клиничка форма е акутната дијареја, која трае од 7 до 14 дена, а која се манифестира со чести кашести или водникави столици без видливи траги на крв. Може да се јават и гадење, повраќање, стомачна болка и покачена телесна темпертура – посочува докторката.
Кои се причините?
Педијатарот Маргица Арсовска за „Мама не си сама“ вели дека најчести предизвикувачи на дијареја се вирусите (Norovirus – најчест причинител во светот и во САД, Rotavirus, Enterovirus), бактериите (Е. Coli, Shigella, Salmonella, Yersinia, Campylobacter, Clostridium difficile) и протозоите (Entamoeba histolytica).
До појава на дијареја може да дојде и при труење со храна (поради загадување на храната со бактериски токсини), интолеранција/неподносливост на одреден вид храна (алергија на храна или интолеранција (неподносливост) на глутен или на лактоза), употреба на антибиотска терапија (која ја уништува нормалната бактериска флора), како и при екстраинтестинални инфекции (отитис медија, уринарни инфекции, сепси). Исто така, дијареја се јавува и во случаи на прекумерна употреба на лаксативни средства и на психички стрес – објаснува таа.
Како се пренесува?
Според докторката, инфективните агенси најчесто се пренесуваат преку:
Како да се третира?
Педијатарот посочува дека при третман на акутна дијареја важно е да се спречи развој на дехидратација (да се дава поголема количина на течности од вообичаената и електролитен орален раствор; да се внесува храна со помали, а почести оброци). Да не се прекинува со нормалниот режим на исхрана на детето за време и по престанувањето на дијарејата за да се спречат нутритивните нарушувања.
Треба да се даваат следниве видови течности: орален раствор за рехидрација, вода, сок од јаболко, оризова вода, супа, јогурт (на децата помали од 2 години 50-100 мл, на децата од 2 до 10 години 100-200 мл, а на децата постари од 10 години колку сакаат). Од храна се препорачува кај доенчињата да се продолжи со исхраната со мајчино млеко, како и со другата храна (ориз, компир, морков, немасно месо, банана, печено јаболко, кифла). Да се избегнува храна со висока содржина на шеќери. Храната треба да е добро варена и испасирана или сомлена за да е полесно сварлива. Треба да се нудат помали оброци на секои 3-4 часа – советува д-р Арсовска.

Кога треба да се побара лекарска помош?
Докторката потенцира дека доколку детето не се чувствува подобро, слабо јаде и внесува малку течности, доколку има изразена жед, сонливо е или има нарушена свест, осип, висока температура, голем број водникави столици и упорно повраќање, тогаш задолжително да се побара лекарска помош.
Кога имаме потреба од антибиотик?
Инфекциите најчесто се од вирусна етиологија, па затоа не бараат употреба на антимикробни лекови. Потребна е симптоматска терапија, давање пробиотик и орален раствор на рехидратација и правилен режим на исхрана, вели педијатарот и додава:
Кога станува збор за цревните бактериски инфекции, мора да се спроведе антимикробна терапија. Особено треба да се биде претпазлив кај дечињата под 3-годишна возраст, кои при цревна инфекција може да пројават и клинички и лабораториски знаци на можна бактериска дисеминација (висока температура и покачени индикатори за воспаление: CRP и леукоцитоза со гранулоцитоза), ситуации во кои се препорачува употреба и на антимикробна терапија.
Како да се превенира дијарејата?
Доктор Арсовска препорачува да се внесуваат доволно витамини и минерали, но и да се спроведуваат хигиенски мерки (почесто да се мијат рацете и да се дезинфицираат предметите и површините што се користат секој ден).
Пробиотиците може да се земаат и превентивно во сезоната на стомачни вируси, пред летните одмори, како адјувантанa терапија при вирози, користење антибиотик и кај деца со атoписка конституција и со намален имунитет. Пробиотиците помагаат за одржување добро здравје и за подобрување на имунолошките функции преку одржување на нормалната гастроинтестинална функција – советува педијатарот.
Предниот дел на носот содржи многу кревки крвни садови кои лесно може да се оштетат. Повеќето крвавења од носот кај децата се јавуваат во оваа област на носот, блиску до ноздрите.
Едно од најчестите прашања што си го поставуваат родителите е дали нивното дете расте и се развива нормално во согласност со својата возраст.
Конјунктивитот или розово око е воспаление на обвивката на окото (конјунктивата) што ја покрива внатрешноста на очните капаци и надворешниот дел на очното јаболко.