Зошто микробиомот е клучен за доброто здравје?

Микробиомот е заедница на микроорганизми (бактерии, габи и други мали невидливи суштества) кои природно живеат во нашето тело и врз него. Најголем дел од нив се наоѓаат во цревата, но ги има и на кожата, во устата и во другите делови од телото. Секој човек има свој уникатен микробиом, кој се формира уште од раѓање и кој се менува низ животот. Зошто е важен микробиомот за „Мама не си сама“ објаснува д-р Јасна Јермилова, специјалист педијатар во ПЗУ „Медика МиМ“.

Во текот на еволуцијата од повеќе милиони години, човечкиот род и микроорганизмите меѓусебно создавале една симбиоза препознатлива како микробиом. Иако бактериите најчесто се спомнуваат во негативен контекст, како причинители на болест, важно е да се знае дека постојат и т.н. добри бактерии, кои се од огромна важност за нашиот имунитет и за општото здравје. Секој поединец носи одреден микробиом кој е единствен и специфичен само за него, подеднакво како и отисокот на неговиот прст. Токму оваа специфичност оди во прилог на тоа зошто некои луѓе се склони кон одреден тип на болести, односно имаат различен одговор на одредена терапија. Овој т.н. бактериски потпис овозможува превенција и тераписки пристап преку влијанието на интестиналниот микробиом, кој е директно поврзан со имунолошкиот систем во текот на целиот животен век, посочува докторката.

Што влијае врз микробиомот?

Според педијатарот, факторите кои влијаат врз составот и врз разновидноста на микробиомот се повеќебројни и зависат од времетраењето на бременоста и начинот на раѓање (природен пат или царски рез), доењето, генетските фактори, од околината и животните навики, стресот, исхраната, употребата на лекови (антибиотици) и од возраста.

Типови на микробиом

Доктор Јермилова за „Мама не си сама“ подетално ги објаснува типовите на микробиом и какви состојби и заболувања можат да бидат предизвикани од недостигот на некои бактерии:

Интестиналниот микробиом претставува клучен за одржување на доброто здравје. Се состои од над 1000 микроорганизми кои нашиот организам научил да ги толерира. Неговата улога е заштитна, имунолошка, овозможува синтеза на витамините (К и Б), ги разградува токсините и штити од колонизација со патогени бактерии. Формирањето на микробиомот започнува со чинот на раѓање, а целосно се оформува до третата година. Микробиомот сиромашен со бифидобактерија (млечнокиселинска бактерија) во овој период од детството често е во корелација со појавата на обезитет (дебелина) во адолесценцијата, како и на атопичен дерматит. Повеќе фактори се причина за нарушена рамнотежа на микробиомот во цревата. Најчесто спомнувани се честите инфекции и употребата на лекови, неправилната исхрана, стресните состојби, намалениот имунитет, како и влијанијата од надворешната средина.

Вагиналниот микробиом кај жената е составен претежно од типот на бактериите лактобацилус и истиот е со основна заштитна улога. Лактобацилусните бактерии ја колонизираат вагината преоѓајќи од ректумот, притоа формирајќи своевиден биофилм со имунолошка и со заштитна улога. Вагиналниот микробиом е подложен на хормонален ефект од естрогените и зависи од возраста на жената. Во детството него го сочинуваат бактерии од кожата и ректумот, а во пубертетот настапува постепена колонизација со лактобацилус. Менопаузата и отсуството на естрогени бара надворешна супституција со култури на лактобацилус, со цел спречување инфекции на урогениталниот тракт.

Орофарингеалниот микробиом го сочинуваат повеќе од 700 различни бактерии, вируси, габи и протозои. Составот е хетероген и зависи од животните навики, исхраната, количината на плунка и од возраста. Нарушената рамнотежа на микробиомот во устата е предуслов за продор на патогени бактерии во усната празнина, кои заедно со медијаторите на воспалението го поттикнуваат неговиот развој. Присуството на кариес на забите, парадентозата и лошиот здив се во корелација со нарушената рамнотежа на микробиомот.

Микробиомот на кожата е најнестабилен во однос на другите и се менува во зависност од условите на околината, полот и возраста на единката. Со своето локално дејство претставува еден вид бариера од надворешните влијанија. Неговата нарушена рамнотежа често е причина за појава на атопија, алергија и на автоимуни заболувања.

Докторката посочува дека иследувањата укажале на постоењето честа интеракција меѓу ЦНС (централниот нервен систем) и дигестивните органи, што подразбира директна поврзаност на микробиомната дисбиоза со појавата на невролошки и психолошки заболувања.

Зошто ни е важен нашиот микробиом и како да го одржиме стабилен?

Според д-р Јермилова, нашиот микробиом е од огромно значење за нашето здравје, па токму затоа е и потребата од негова превенција и одржување. Во тој контекст се и препораките за превенција со пробиотски култури. Пребиотиците, пак, претставуваат несварливи состојки на храната, кои по метаболната обработка од бактериите во дигестивниот тракт влијаат позитивно врз микробиомот во цревата.

Здравиот начин на живот и на исхрана, заедно со избегнувањето стресни состојби и со престојот во здрава околина, во коалиција со пробиотиците, претставува извесна гаранција за зачувување на нашиот микробиом стабилен, што воедно значи и квалитетен и долг животен век – советува педијатарот.

 

 

 

 

 

Што предизвикува воспаление на грлото или на крајниците кај децата?

Воспаление на грлото, крајниците, синусите или на слузницата на носот предизвикано од вируси или од бактерии е дел од инфекциите на горните дишни патишта

Кои алергени предизвикуваат воспаление на слузницата на носот кај децата?

Кои причини доведуваат до оваа состојба, кои се симптомите и како се дијагностицира и се лекува алергискиот ринитис

Како да препознаете дали вашето дете има инфекција на увото?

Медицинските истражувања покажуваат дека на повеќе од 80 проценти од децата пред да наполнат три години најмалку еднаш ќе им биде дијагностицирано акутно воспаление на средното уво или стручно наречено акутет отитис медија.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!