Инфекција на увото кај бебињата и кај малите деца е многу честа појава проследена со многу непријатна болка. Медицинските истражувања покажуваат дека на повеќе од 80 проценти од децата пред да наполнат три години најмалку еднаш ќе им биде дијагностицирано акутно воспаление на средното уво или стручно наречено акутет отитис медија. Ваквата инфекција, која, меѓу другото, се карактеризира и со истекување течност од ушите, најчесто е предизвикана од вируси и од бактерии.
За „Мама не си сама“ отоларингологот д-р Веска Митровска-Јосифова подетално ја објаснува оваа здравствена состојба, која, покрај непријатна болка кај децата, предизвикува и голема вознемираност кај родителите.
- Акутен отитис медија е инфекција на средното уво, обично придружена со инфекција на горниот респираторен тракт. Може да се појави на која било возраст, но најчесто се забележува кај децата на возраст од 6 до 24 месеци поради незрелоста на евстахиевата (слушната) туба. Вирусните инфекции често се комплицираат со секундарна бактериска инфекција. Најчести бактерии кои предизвикуваат воспаление на средното уво се Streptococcus pneumoniae, Haemophilus influenzae и Moraxella catarrhalis. Најчестите вирусни инфекции се предизвикани од респираторниот синцицијален вирус (RSV), вирусната инфлуенца (грип), од параинфлуенца-вирусот, риновирусот и од аденовирусот, вели д-р Веска Митровска-Јосифова, специјалист за уво, нос и грло.
Според отоларингологот, треба да се обрне внимание и на следните ризик-фактори:
- генетска предиспозиција;
- семејна историја на повторување на инфекцијата на увото кај родителите или кај браќата и сестрите;
- анатомски абнормалности на непцето (расцеп на мекото непце);
- цилијарна дисфункција (заболување кое асоцира на чести инфекции на горните дишни патишта);
- недостиг од витамин А;
- алергии;
- недостиг од доење;
- пасивна изложеност на чад;
- присуство во дневен престој во градинки;
- понизок социоекономски статус во семејството.
На кои симптоми да обрнат внимание родителите?
Отоларингологот д-р Веска Митровска - Јосифова ги посочува следните најчести симптоми на воспаление на средното уво:
- болка во увото, невообичаена раздразливост на детето, ноќен немир, влечење на едното или на двете уши, треска (особено кај доенчиња и кај помали деца), истекување течност од ушите, дијареја, покачена температура, ослабен слух...
Докторката потенцира дека симптомите на воспаление на средното уво може да личат и на други состојби или медицински проблеми.
Како се дијагностицира инфекција на увото?
Инфекција на увото, односно отитис медија клинички се дијагностицира преку објективни наоди на физичкиот преглед (отоскопија) во комбинација со историјата на пациентот и со презентирање на знаците и на симптомите, вели д-р Митровска-Јосифова.

- Достапни се неколку дијагностички алатки како што се отоскопијата, пневматската отоскопија и тимпанометријата за да се дијагностицира отитис медија (инфекција на увото). Со анамнестичкиот податок добиен од родителите се открива дали детето било настинато неколку дена, дали му течело носето и дали се пожалило на болка во едното или во двете уши. За да се постави точна дијагноза, потребен е клинички преглед. Се прави отоскопски преглед, кој е целосно безболен, и се визуализираат ушниот канал и ушното тапанче. Ако се работи за блага хиперемија и за сериозен секрет во носот, најверојатно, станува збор за вирусно воспаление. Силна хиперемија на ушното тапанче, заедно со погуст, жолт или жолтозелен секрет во носот, асоцира на бактериска инфекција, вели д-р Веска Митровска-Јосифова, специјалист отоларинголог.
Третманот зависи од тоа дали вирус или бактерија е причина за инфекција на средното уво.
Третманот зависи од локалниот наод и од клиничката слика. Вирусното воспаление, главно, се третира симптоматски. За лекување на бактериските инфекции се ординира антибиотска терапија во период од 7 до 10 дена, како и капки за нос, кои се даваат од 5 до 7 дена. Основно е да се обезбеди проодносот на носот за да може да се постигне нормална вентилација и дренажа на средното уво. Се дава и аналгетик за болка. Потребен е контролен отоскопски преглед за да се види успешноста на терапијата. Ефектот од терапијата е по 2-3 дена, вели за „Мама не си сама“ отоларингологот Веска Митровска - Јосифова.

Како да ги заштитите децата од инфекција на увото?
Рутинската детска вакцинација против пневмококи, бактеријата хемофилус инфлуенца и против инфлуенца (грип) ја намалува инциденцата на акутен отитис медија (инфекција на увото), потенцира д-р Митровска - Јосифова.
- Доенчињата не треба да спијат со шише, а елиминацијата на пушењето во домаќинството може да ја намали инциденцата. Не се препорачуваат профилактички антибиотици за деца кои имаат повторливи епизоди на акутен отитис медија. Пациентите кои доживеале четири или повеќе епизоди на АОМ во изминатите дванаесет месеци треба да се сметаат за кандидати за миринготомија преку поставување вентилациски цевчиња на ушното тапанче. Поставувањето цевчиња овозможува вентилација на средното уво и одржување нормален слух, објаснува д-р Веска Митровска - Јосифова, ОРЛ-специјалист.