Што предизвикува воспаление на грлото или на крајниците кај децата?

 

Воспаление на грлото, крајниците, синусите или на слузницата на носот предизвикано од вируси или од бактерии е дел од инфекциите на горните дишни патишта. Возрасен човек во просек се разболува 3- до 5-пати годишно, но децата почесто, односно 4- до 7-пати просечно во текот на годината, а оние со престој во колектив (градинки или училиште) уште почесто – до 10-пати годишно.
За „Мама не си сама“ педијатарот д-р Елена Ѓиновска-Тасевска посочува дека акутните респираторни инфекции се најчестите инфекции на современиот човек бидејќи тие сочинуваат две третини од сите инфекции. Освен за причините, таа зборува и за симптомите, но и за третманот на овие инфекции.

 

Според докторката, инфекции на горните дишни патишта се:
  • ринитис (воспаление на носната слузница)
  • аденоидитис (воспаление на третиот крајник)
  • синузит (воспаление на синусите)
  • тонзилитис или ангина (воспаление на крајниците)
  • фарингит (воспаление на грлото)
  • ларингит (воспаление на гласните жици) 
  • отитис медиум (воспаление на средното уво).
 
Што предизвикува инфекција на горните дишни патишта?
 
Педијатарот Ѓиновска-Тасевска објаснува дека факторите кои влијаат врз појавата на инфекции на горните дишни патишта можат да се поделат на две групи. Во ендогени фактори спаѓаат нецелосно развиените и потесните дишни патишта, како и вродените аномалии. Во егзогени фактори, пак, се вклучени социјално-економските услови на живеење, загадувањето на воздухот и, се разбира, микроорганизмите. Околу 90 % од акутните респираторни инфекции се од вирусна етиологија. Се проценува дека инфекциите на горните дишни патишта се предизвикани од преку 200 различни видови вируси. Најчести се риновирусите, но неретко како причинители се јавуваат и аденовирусите, коронавирусите, параинфлуенца вирусите и ентеровирусите. Покрај вирусите, бактериите, исто така, се јавуваат како можен предизвикувачки агенс. Но, само околу 15 % од случаите на овие инфекции се предизвикани од бактерии, и тоа најчесто од стрептококи, стафилококи и од пневмококи, вели д-р Елена Ѓиновска-Тасевска, специјалист педијатар во ЈЗУ УК за респираторни заболувања кај децата „Козле“.
 
Кои деца почесто се разболуваат од респираторни инфекции?
 
Педијатарот ги посочува следните фактори поврзани со децата: 
  • возраст – децата на помала возраст се почесто болни (во првите три години респираторните инфекции се најчести);
  • пол – момчињата на возраст под шест години имаат поголема веројатност да страдаат од овие инфекции;
  • нутрициски статус – пополните деца имаат поголема веројатност да се разболат; 
  • атопија – децата со атопија (тенденција кон алергии) имаат поголема веројатност да се разболат.

Кои се симптомите?
 
Знаците на болест се оние кои родителите сами ги воочуваат, вели д-р Ѓиновска-Тасевска.
  • На почетокот на болеста родителите прво забележуваат дека детето спие полошо или е вознемирено и дека има послаб апетит. Потоа, постои секреција од носот која првично е чиста и водена, а подоцна е погуста и обоена (жолта или зелена). Ова не значи дека се случила бактериска инфекција, туку само развој на втората фаза од носната секреција. Исто така, набргу се јавува сува и надразнителна кашлица предизвикана од слевањето на секретот низ задниот ѕид на фаринксот. Обично се јавува покачена телесна температура, што е само знак за одбранбена реакција на телото и не треба да се спушта ако не ја надминува границата од 38,5  ̊C бидејќи ја нарушува природната одбрана на телото. Треба да се има предвид дека вирусните инфекции траат во просек од 7 до 10 дена, а покачената телесна температура се одржува 5 до 6 дена. Во првите три дена може да биде многу висока, над 39  ̊C. Може да се јават отежнато дишење преку нос, особено изразено кај помалите деца, главоболки во пределот на параназалните синуси, болки во грлото, зарипнатост, болки во увото со намален слух и вртоглавици (лабиринтитис) кај постарите деца, објаснува д-р Елена Ѓиновска-Тасевска, специјалист педијатар во Клиниката „Козле“.
 
Како се лекуваат инфекциите на горните дишни патишта?
 
Бидејќи нема соодветни антивирусни лекови, третманот на овие инфекции е симптоматски, потенцира педијатарот.
  • Запушениот нос се чисти со физиолошки раствор неколкупати дневно, а може да се користат и капки за нос, но не подолго од неколку дена. Покачената телесна температура се намалува со употребата на антипиретици. Се разбира, ако болеста трае три до четири дена, а ако во овој период детето е послабо, поисцрпено и ако температурата не се спушта до применетата мерка, треба да се појави сомнеж за постоење бактериска инфекција, па неопходно е да се направат дополнителни испитувања и, евентуално, да се вклучи антибиотик. Повеќе од 30 % од соевите на Streptococcus pneumoniae (пневмокок) се умерено отпорни на пеницилин и на макролиди. Важно е да се напомене дека нема отпорност на бетахемолитичен стрептокок (предизвикувачкиот агенс на ангина) на пеницилин, советува д-р Елена Ѓиновска-Тасевска, специјалист педијатар.
Совети од педијатар: што да направите за детето побргу да се приспособи во градинка?

Пред тргнувањето во градинка детето треба да има приближно ист ритам на спиење како тој во градинка, а истиот совет важи и за усогласувањето на ритамот на оброците во домот и на тие во градинка.

Која храна предизвикува алергии кај децата?

Исхраната е многу важна за правилен раст и развој на детето. Храната треба да биде приспособена на возраста за да се избегнат алергиски реакции и болести.

Дали при течење на носот треба да му се земе брис на детето?

Најчестата бактерија во грлото од која детето треба да се лекува е стрептококус пиогенес.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!