Витамин Д – сончев пријател на детското здравје

Витаминот Д е еден од најважните витамини за човековото тело. Често го нарекуваат сончев витамин затоа што телото го создава кога кожата е изложена на сончева светлина. Тој, всушност, не е типичен витамин – тоа е хормон што влијае врз многу функции во организмот. Иако телото може да го произведе само, понекогаш тоа не е доволно, особено кај децата кои не поминуваат многу време на сонце или кои живеат во подрачја каде што има малку сончеви денови. За улогата на витаминот Д во детската возраст Мама не си сама разговараше со д-р Македонка Глигорова, специјалист по педијатрија во ПЗУ „Педијатрика Бамби“.       

Витаминот Д претставува липосолубилен витамин, односно витамин што се раствара во масти. Овие витамини се скаладираат во телото на човекот и создаваат резерви, за разлика од хидросолубилните витамини, кои се раствoрливи во вода и не се складираат во човековиот организам, туку се исфрлаат преку урината. Тој е потребен во организмот од раѓањето. Бидејќи неговата количина кај новороденото е многу мала, и во мајчиното млеко е задолжителна супституцијата. Овој витамин е значаен за искористување на калциумот од храната (млекото) и за негова правилна распределба во коските на бебето. Главната цел на давањето витамин Д кај бебињата е превенција од рахитис (болест на меките коски), поточно правилна минерализација на коските и раст и развој на коскеното ткиво. Витаминот Д, исто така, учествува во градењето здрав имунолошки систем кај децата бидејќи рецепторите за витаминот се присутни во повеќето клетки од нашето тело, вклучувајќи ги и клетките на природниот имунолошки систем. Супституцијата на витаминот Д е потребна во текот на првите години од животот на детето (според новите препораки, континуирано во првите три години од животот), а потоа задолжително да се зема во зимскиот период во текот на целото детство, советува педијатарот д-р Глигорова.

 

Кои се изворите на витамин Д?

Дел од витаминот Д се добива преку изложеноста на сончевите зраци и преку исхраната, но најдоброто и најсигурно внесување на витаминот е преку негова супституција (земање во вид на капки или таблети), објаснува педијатарот.

Последните истражувања покажуваат дека постои чест недостиг од витамин Д кај малите деца. Тоа се должи, пред сѐ, на недоволната изложеност на сонце (УВ-светлина). Кога ултравиолетовата светлина од сонцето продира во кожата на детето, се предизвикува хемиска реакција при која се генерира витамин Д. Тој е т.н. ендоген витамин Д, кој човековото тело е способно само да го произведе од холестеролот со помош на УВ-зрачењето. Овие форми треба да се активираат преку два степена на хидроксилација во црниот дроб и во бубрезите, каде што најпосле се добива активната форма 1,25-дихидроксихолекалциферол.

Во летниот период потребни ни се околу 10 до 15 минути изложеност на сончева светлина за да се задоволат дневните потреби. Но, овде во обзир треба да се земат и кремовите со заштитен фактор кои се ставаат на лицето и на телото на детето, а кои обично имат висока заштита од УВ-зраците, како и облеката на детето, така што самите зраци тешко продираат до кожата и не се искористуваат целосно.

Во зимскиот период потребни се најмалку 2 часа изложеност директно на сонце за да се добие потребната дневна доза, посочува специјалистот по педијатрија д-р Македонка Глигорова.

Која храна содржи витамин Д?

Според педијатарот, следните намирници се богати со витамин Д:

- рибино масло, масни риби (лосос, туна, сардина, скуша...);

- жолчка од јајце, масло од црниот дроб на бакаларот, а, исто така, во мали количини го има и во говедскиот црн дроб;

- добар извор на ергокалцифероли се и печурките (шитаке, шампињони, лисичаки) и квасецот.

Денес токму овие две форми се додаваат во млекото и во млечните производи, кои природно имаат многу малку витамин Д. Но, сепак, најдобра и најсигурна супституција на витамин Д од најраната возраст е давањето витамин Д во вид на капки или на таблети, потенцира д-р Глигорова.

Кoлку витамин Д им треба на децата?

Европската асоцијација составена од педијатри, гастроентеролози, хепатолози и од нутриционисти препорачува употреба на витамин Д3 во доза од 400 IE од 8. ден по раѓањето и, според новите препораки, во текот на првите три години, а натаму супституцијата да продолжи во зимскиот период (од октомври до март). Сепак, колку треба и дали треба да се зголеми дозата се одредува посебно за секое дете, во зависност од неговиот раст, развој како и од неговата исхрана. Тоа го следи и го одредува педијатарот на детето, за „Мама не си сама“ советува педијатарот Македонка Глигорова.

Совети за родителите

  • Обезбедете редовна дневна доза на витамин Д за вашето дете според возраста.
  • Доколку е детето ретко на сонце, прашајте педијатар дали му е потребен додаток.
  • Следете ги препораките за дозирање – повеќе не значи подобро.
  • Изложувајте ги децата на умерено сонце, особено во раните утрински часови.
  • Внимавајте на исхраната – вклучете намирници со витамин Д.
  • Доколку детето има некои хронични состојби или доколку зема други лекови, проверете дали има потреба од специјален режим.

Педијатрите советуваат дека со правилна грижа и со внимание можете да му помогнете на вашето дете да расте здраво, силно и отпорно, а токму витаминот Д игра важна улога во тоа!

 

 

 

Како да препознаете дали вашето дете има инфекција на увото?

Медицинските истражувања покажуваат дека на повеќе од 80 проценти од децата пред да наполнат три години најмалку еднаш ќе им биде дијагностицирано акутно воспаление на средното уво или стручно наречено акутет отитис медија.

Зошто микробиомот е клучен за доброто здравје?

Микробиомот е заедница на микроорганизми (бактерии, габи и други мали невидливи суштества) кои природно живеат во нашето тело и врз него. Секој човек има свој уникатен микробиом, кој се формира уште од раѓање и кој се менува низ животот.

Зошто многу деца се заразуваат со коксаки-вирусот?

Коксаки-вирусот е чест вирус од групата ентеровируси, кој најчесто ги погодува децата до 10-годишна возраст, особено во летниот и во есенскиот период.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!