Како да препознаеме задоцнување во развојот кај децата?

Раното детство е период на најинтензивен раст и развој. Во првите години од животот се поставуваат темелите за говорот, движењето, социјалните вештини, емоционалната стабилност и за учењето. Токму затоа раното препознавање на евентуалното задоцнување во развојот и навремената интервенција се од исклучително значење не само за детето, туку и за целото семејство.

Според насоките на Светската здравствена организација, раната детекција и раната интервенција значително ги подобруваат долгорочните исходи кај децата со развојни тешкотии. И УНИЦЕФ континуирано укажува на тоа дека инвестирањето во раното детство има најголема социјална и економска придобивка за заедницата.

Но што значи точно изразот рано препознавање? Кои се знаците што родителите не треба да ги игнорираат? Кога и каде да се обратат за стручна помош? Како изгледа процесот на рана интервенција? На овие прашања „Мама не си сама“ побара одговори од Стефанија Трајческа, м-р по специјална едукација и рехабилитација во областа на интелектуалната попреченост и аутизмот во „Тим А“, центар за рана интервенција и стимулација на деца и возрасни.

Што подразбираме под изразот задоцнување во развојот?

Задоцнување во развојот значи дека детето не ги достигнува очекуваните развојни пресвртници на одредена возраст, било да станува збор за моторен, говорно-јазичен, когнитивен, социјален или емоционален развој, односно дека отстапува од неговата календарска возраст. Важно е родителите да знаат дека секое дете се развива со свое темпо, но постојат јасно дефинирани ориентири. Ако детето значително отстапува од нив, тоа е сигнал дека треба да се направи стручна проценка, а не дека станува збор за одредена дијагноза, советува Трајческа.

Кои се раните знаци што треба да ги следат родителите?

Специјалниот едукатор и рехабилитатор објаснува дека во првата година родителите треба да обрнат внимание дали детето воспоставува контакт со очите, дали реагира на звук и на своето име, дали се насмевнува и дали покажува интерес за околината. Ако до 12 месеци изостанува показниот гест или ако детето не реагира на повик, тоа се сигнали кои бараат консултација или проценка.

Во втората и во третата година дополнителни индикатори може да бидат:

  • немањето говор или ограничениот говор;
  • губењето на веќе стекнатите вештини;
  • избегнувањето контакт со други деца;
  • повторувачките движења или активности;
  • тешкотиите во разбирањето едноставни инструкции.

Важно е родителите да не се плашат и веднаш да побараат помош доколку забележат каква било симптоматологија кај своето дете. Родителската интуиција е многу важна. Ако родителот чувствува дека нешто не е во ред, подобро е да побара стручно мислење отколку да чека, советува Трајческа.

Зошто раната интервенција е толку важна?

Првите години од животот се период на најинтензивен развој на мозокот. Во овој период мозокот има исклучителна пластичност, што значи дека најдобро реагира на соодветната стимулација. Ако интервенираме рано, можеме значително да ги подобриме вештините на детето и да спречиме дополнителни тешкотии со учењето и со социјалното приспособување. Раната интервенција не е само работа со детето. Таа подразбира и активно вклучување на семејството, советување, поддршка и насоки за секојдневни активности кои го поттикнуваат развојот, објаснува специјалниот едукатор.

Каде треба да се обратат родителите ако имаат сомнеж?

Трајческа за „Мама не си сама“ посочува дека првиот чекор е разговор со матичниот педијатар. Доколку постои сомнеж, детето се упатува на дополнителна проценка кај тим од стручни лица – специјален едукатор и рехабилитатор, психолог, логопед, физијатар или друг профил – во зависност од потребите. Проценката е сеопфатна и има цел да ги утврди силните страни и предизвиците на детето. Целта не е да се етикетира детето, туку да се утврди во кој сегмент му е потребна поддршка и да се изработи индивидуален план за работа, а по 3-6 месеци повторно да се направи евалуација на развојот, вели специјалниот едукатор и рехабилитатор.

Колку е важна улогата на родителите во процесот?

Родителите се клучни партнери во раната интервенција. Ниту една терапија од неколку часа неделно не може да го замени секојдневното поттикнување дома. Ние ги обучуваме родителите на кој начин преку игра, рутина и комуникација да го стимулираат развојот, вели специјалниот едукатор и рехабилитатор Стефанија Трајческа и потенцира дека поддршката треба да биде без осуда и без вина. Никој родител не е виновен за развојното задоцнување. Наместо барање вина, потребна е насоченост кон решенија и кон обука за тоа како да работат во домашни услови, порачува таа.

Што конкретно опфаќа раната интервенција?

Раната интервенција претставува организиран и структуриран процес на поддршка, кој може да вклучува индивидуални третмани, развојни игри, советување на родителите и работа во природна средина – дом или градинка. Целта не е само детето да се здобие со нови вештини, туку и семејството да добие насоки како секојдневно да го поттикнува развојот, објаснува Трајческа.

Која е Вашата порака до родителите кои се двоумат дали да побараат стручна помош?

Доколку имате сомнеж, реагирајте. Подобро е да направите проценка и да добиете уверување дека е сè во ред, отколку да чекате и да изгубите драгоцено време. Раното препознавање не значи ставање етикета, туку отворање можност за поддршка. Колку порано започнеме толку поголеми се шансите детето да го достигне својот целосен потенцијал. Раната реакција не значи дека е проблемот сериозен, туку дека родителот постапува одговорно, порачува специјалниот едукатор и рехабилитатор и додава дека раното препознавање на развојните отстапувања не е причина за страв, туку повик за навремена акција. Информираноста, соработката со стручните лица и активната улога на родителите се темелите врз кои се гради успешната рана интервенција.

Секое дете заслужува шанса за оптимален развој. А таа шанса започнува со внимателно набљудување, отворен разговор и со навремена поддршка. Благодарение на современите пристапи и на мултидисциплинарната соработка, многу деца со развојни задоцнувања постигнуваат значителен напредок, за „Мама не си сама“ потенцира Трајческа.

Витамин Д – сончев пријател на детското здравје

Витаминот Д е еден од најважните витамини за човековото тело. Често го нарекуваат сончев витамин затоа што телото го создава кога кожата е изложена на сончева светлина

Зошто многу деца се заразуваат со коксаки-вирусот?

Коксаки-вирусот е чест вирус од групата ентеровируси, кој најчесто ги погодува децата до 10-годишна возраст, особено во летниот и во есенскиот период.

Која храна предизвикува алергии кај децата?

Исхраната е многу важна за правилен раст и развој на детето. Храната треба да биде приспособена на возраста за да се избегнат алергиски реакции и болести.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!