Зошто многу деца се заразуваат со коксаки-вирусот?

Коксаки-вирусот е чест вирус од групата ентеровируси, кој најчесто ги погодува децата до 10-годишна возраст, особено во летниот и во есенскиот период. Иако името може да звучи застрашувачки, инфекцијата најчесто не е опасна, но може да биде непријатна и заразна. Обично поминува за неколку денови, без компликации, но бара внимание и грижа. За тоа кои се симптомите, како се пренесува, какви компликации може да предизвика овој вирус, кога родителите треба да побараат лекарска помош и колку е честа оваа инфекција Мама не си сама побара одговори од д-р Сашко Николовски, специјалист по педијатрија во ПЗУ „Реоника“.

Коксаки-вирусот е многу чест кај децата, а особено се шири во градинките, училиштата и на игралиштата, и тоа  налето, кога полесно се шири поради влажноста и поради контактот со заразена вода, како и кај децата со послаб имунитет. Повеќето деца барем еднаш го поминуваат овој вирус до 10-тата година, вели педијатарот.

Како се пренесува коксаки-вирусот?

Според д-р Николовски, овој вирус се пренесува лесно и брзо преку:

  • допир со заразено дете или со заразени предмети (играчки, прибор, крпи);
  • преку капки од кашлање или од кивање;
  • преку заразени раце или столица (орално-фекален пат);
  • преку водата во базените (ако не е соодветно очистена).

Децата се најзаразни во првите 7 дена од појавата на симптомите, но вирусот може да се шири и по исчезнувањето на симптомите, преку столицата, дури неколку недели.

Кои се симптомите?

Најпозната форма на инфекцијата е рака–стапало–уста (Hand-Foot-Mouth Disease), но може да се појави и како обична настинка или воспалено грло, за „Мама не си сама“ објаснува педијатарот и ги посочува најчестите симптоми:

  • покачена температура (често прв симптом);
  • црвен осип или меурчиња на дланките, стапалата и во/околу устата;
  • рани или чирчиња во усната шуплина – болни и непријатни при џвакање и пиење;
  • намален апетит и раздразливост;
  • главоболка, болки во грлото и замор.

 

Кај некои деца се јавуваат и:

  • чешање,
  • болки во стомакот,
  • мали осипчиња на задникот, нозете или на грбот.

 

Дали е инфекцијата опасна?

Во најголем број од случаите не е опасна. Сепак, вирусот може да предизвика непријатност кај детето, особено поради болните ранички во устата и високата температура, вели д-р Николовски и додава дека се можни ретки компликации (кај многу мал процент), како што се:

  • воспаление на мозочната обвивка (менингитис);
  • воспаление на срцевиот мускул (миокардитис);
  • хепатит;
  • гастроенеритис (воспаление на гастроинтестиналниот тракт);
  • лупење на кожата или на ноктите неколку недели по оздравувањето (без трајни последици).

Иако во најголем дел од случаите инфекцијата е самолимитирачка, па симптомите за неколку дена почнуваат да се повлекуваат, родителите треба да бидат внимателни. Доколку симптомите се потенцираат, т. е. доколку не почнат да се повлекуваат за неколку дена, треба да се обратат на лекар поради можните компликации што ги споменавме, кои, иако се многу ретки, не се за занемарување, потенцира специјалистот по педијатрија.

 

Кога треба да се посети лекар?

Доктор Николовски ги советува родителите да се консултираат со педијатар ако детето:

  • има температура над 38,5 °C која трае повеќе од 3 дена;
  • одбива да јаде и да пие поради болката во устата;
  • има знаци на дехидрација (суви усни, ретко мокрење, сонливост);
  • има необични симптоми или нивно влошување.

Лекарот/педијатарот обично по прегледот на детето ја поставува дијагнозата според симптомите, без потреба од лабораториски анализи.

 

Како се лекува коксаки-вирусот?

Бидејќи се работи за вирусна инфекција, не постои специфичен лек, па антибиотици не се потребни (освен ако не се појави секундарна бактериска инфекција), објаснува педијатарот и додава дека терапијата е симптоматска:

  • Парацетамол или Ибупрофен – за температура и за болка
  • Мека студена храна – јогурт, сладолед, супи
  • Повеќе течности – вода, чај, цеден сок
  • Антисептички раствори за устата (по препорака од лекар)

Важно е детето да се одмора и да се изолира додека има симптоми, потенцира д-р Николовски.

 

Како да се спречи инфекцијата?

Превенцијата е важна, особено ако имате повеќе деца или ако детето оди во градинка, вели специјалистот по педијатрија и споделува совети за родителите:

  • Често миење на рацете со сапун
  • Дезинфекција на играчките и на површините
  • Не споделувајте чаши, шишиња, прибор
  • Изолација на заразеното дете најмалку 5 – 7 дена
  • Избегнување небезбедни базени
  • Проветрување на просториите

Доктор Николовски потенцира дека превенцијата, хигиената и навремената посета на лекар се најдобрите алатки за родителите доколку се сомневаат во инфекција со коксаки-вирусот кај сопственото дете.

Кои алергени предизвикуваат воспаление на слузницата на носот кај децата?

Кои причини доведуваат до оваа состојба, кои се симптомите и како се дијагностицира и се лекува алергискиот ринитис

Мал чекор во училиштето, голем чекор во животот: како да го подготвите првачето

Првиот училишен ден е посебен момент и значајна пресвртница во животот на секое дете. Тоа е првиот чекор во светот на учењето, новите другарства, обврските, прифаќањето одговорности и приспособувањето на нова средина.

Совети од педијатар за варичела во детската возраст

Варичела, позната кај народот и како овчи сипаници, претставува болест која е предизвикана од вирусот варичела зостер (херпес-вируси).

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!