Колку вирусни инфекции во текот на годината е нормално да прележат децата?
Од сите причинители најчести се вирусните инфекции, кои предизвикуваат 80-90 % од инфекциите во детската возраст.
За варичелата, најчестите сипаници во детската возраст, како се третираат, дали сите деца треба да се заштитат и кои се ризичните групи кај кои се можни компликации и кои потешко ја поминуваат болеста „Мама не си сама“ побара одговори од д-р Светлана Смугреска, специјалист педијатар.
Варичела, позната кај народот и како овчи сипаници, претставува болест која е предизвикана од вирусот варичела зостер (херпес-вируси). Таа претставува една од најчестите заразни болести кај децата од 1 до 7 години. Болеста не е опасна, но во некои случаи може да дојде до компликации. Она што е важно е дека повеќето деца заздравуваат во период од 10 дена до две недели.
Како се пренесуваат сипаниците?
Овој вирус најчесто се пренесува по пат на капки и на допир, што значи дека се пренесува преку ситните капки што ги исфрла заразениот со варичела во воздухот преку кашлање, кивање или зборување. Токму од оваа причина сипаниците најлесно се пренесуваат во градинките и во училиштата, каде што децата се во директен контакт, играат заедно и допираат веќе инфицирани играчки, посочува педијатарот.
Како да препознаете варичела?
Црвенило, осип и меурчиња се најкарактеристичните симптоми на варичелата. Но, може да се појават и покачена температура, општа слабост и замор, главоболка, болка во мускулите и во зглобовите, губење на апетитот, чешање, кашлица и течење на носот, објаснува д-р Смугреска.
Според педијатарот, оваа болест се одвива во три фази: сѐ започнува со чешање и со црвенило (макула), потоа се појавуваат меурчиња (везикула), а на крајот се формираат красти (круста), кои се сушат.
Првата фаза се нарекува период на инкубација, трае од 2 до 3 недели и го опфаќа периодот од моментот на изложеност на вирусот до појавата на првите карактеристични симптоми како што се чешањето и црвенилото.
Докторката Смугреска подетално ја објаснува клиничката слика на сипаниците.
Можни компликации од варичелата
Бидејќи вирусот го ослабнува имунитетот на детето, може да дојде до компликации како што се појава на секундарни бактериски инфекции, воспаление на средното уво, бронхитис, пневмонија и енцефалит, кои се лекуваат со антибиотици, а понекогаш е потребно и болничко лекување, посочува педијатарот Светлана Смугреска.
Препораки за лекување
Не постои лек кој се користи за директно лечење на варичелата, но се спроведува терапија во зависност од симптомите. На пример, доколку се појави покачена телесна температура, се ординира антипиретик, лек за снижување на температурата, чешањето кое е предизвикано од сипаниците се третира со специјални средства кои се наменети за ублажување на чешањето и непријатноста (течна пудра, пена и премивки со калиум хиперманган). Доктор Смугреска посочува дека е многу важно да се спречи чешањето бидејки постои можност да останат трајни лузни токму на местата каде што децата имале осип.
Дали треба превенција од варичела за здрави деца?
Педијатарот Светлана Смугреска советува дека не е потребна превенција од варичела кај здрави деца зашто е пожелно секое дете да ги прележи овие сипаници, бидејќи повозрасните лица имаат повеќе компликации и потешко поминуваат. Токму поради тоа и многу родители намерно ги мешаат помалите деца со веќе заболени за што порано да ги поминат сипаниците.
Но, д-р Смугреска препорачува изолација (заштита) на новородените, кои, исто така, потешко може да ја прележат болеста, децата кои се со хронични болести, како и на децата кои се на терапија со кортикостероиди или со цитостатици.
Докторката потенцира дека родителите треба да ја одложат вакцинацијата на детето според календарот најмалку два месеци по прележувањето варичела.
Вакцина за заштита од варичела кај ризичните групи
Во Македонија вакцината против варичела не е во редовниот календар за имунизација, но таа е достапна и се користи во многу земји, вели д-р Смугреска и додава дека оваа вакцина е по избор, а се аплицира кај здрави деца во две дози:
- првата на возраст од 12 до 15 месеци;
- втората помеѓу 4 и 6 години.
Според педијатарот, вакцината против варичела е жива атенуирана вакцина која значително го намалува ризикот од болеста и од компликациите, особено кај ризичните групи како што се:
- женски лица кои планираат бременост;
- деца во шесто одделение од основното училиште;
- контакти на лице кое боледува од варичела во рок од три, а најдоцна пет дена од изложувањето на изворот на инфекцијата;
- домашни контакти на лица кои се изложени на висок ризик од тешки форми на варичела (на пр. контакти на предвремено родени деца (за време на програмата за третман), деца со леукемија или со цврсти тумори итн.);
- лица кај кои се планира трансплантација на ткиво или на орган (со исклучок на трансплантација на хематопоетски матични клетки);
- лица со мултипла склероза кои ја започнуваат процедурата за лекување со одреден лек;
- лица кои страдаат од атопичен дерматитис, егзема, невродерматитис и сл.
Од сите причинители најчести се вирусните инфекции, кои предизвикуваат 80-90 % од инфекциите во детската возраст.
Воспаление на грлото, крајниците, синусите или на слузницата на носот предизвикано од вируси или од бактерии е дел од инфекциите на горните дишни патишта
Кои причини доведуваат до оваа состојба, кои се симптомите и како се дијагностицира и се лекува алергискиот ринитис