Ларингитис кај децата: ноќна кашлица што ги плаши родителите

Ларингитисот е воспаление на гркланот (ларинксот) и на гласните жици, кое кај децата најчесто се јавува во лесна форма и поминува во рок од неколку дена до една недела. Сепак, поради специфичната анатомија на децата, понекогаш може да предизвика загрижувачки симптоми, особено во текот на ноќта, за „Мама не си сама“ посочува д-р Гордана Думаловска-Златеска, специјалист по педијатрија во ПЗУ „АЕ-Медика“.

Што го предизвикува ларингитисот?

Педијатарот објаснува дека најчеста причина за ларингитис кај децата се вирусните инфекции како што се:

  • вирусот на грип,
  • аденовирусот,
  • респираторниот синцицијален вирус.

 

Затоа ова заболување почесто се јавува во постудените месеци, кога циркулацијата на респираторни вируси е поголема. Сепак, не се исклучува можноста да се појави во кој било период од годината. Поретко ларингитисот може да биде предизвикан од бактерии. Во такви случаи симптомите се потешки и може да се работи за суперинфекција, која бара посериозен третман, вели д-р Думаловска-Златеска.

Како се манифестира?

Ларингитисот најчесто започнува нагло, обично во текот на ноќта, кај претходно здраво дете. Според специјалистот по педијатрија, најкарактеристични симптоми се:

  • засипнат глас,
  • сува, лаежлива кашлица;
  • отежнато дишење;
  • пискав звук при вдишување (стридор);
  • вознемиреност и чувство на гушење.

 

Кај најчестата форма – акутен катарален ларингитис – симптомите може да започнат постепено со:

  • затнат нос,
  • носна секреција,
  • болно грло,
  • лесна кашлица.

Со проширувањето на воспалението доаѓа до стеснување на дишните патишта, што доведува до карактеристичната силна кашлица и до отежнато дишење, предупредува педијатарот Думаловска-Златеска.

Кога станува збор за потешка форма?

Докторката за „Мама не си сама“ посочува дека кај бактерискиот ларингитис симптомите се поизразени и вклучуваат:

  • висока температура;
  • изразена малаксаност;
  • густа или гнојна носна секреција;
  • тешка, засипната кашлица;
  • значително отежнато дишење.

Овие состојби бараат задолжителна лекарска проценка, советува д-р Думаловска-Златеска.

Како се поставува дијагнозата?

Според педијатарот, дијагнозата најчесто се поставува врз основа на разговор со родителите (анамнеза) и клинички преглед. Лекарот може да забележи карактеристичен инспираторен стридор (пискав звук при вдишување), кашлица и оток во пределот на гркланот.

Што може да направите дома?

Кај полесните случаи родителите можат да помогнат со:

  • вдишување влажен воздух (инхалации со физиолошки раствор),
  • престој во просторија со зголемена влажност,
  • создавање пареа во бањата (со топла вода),
  • одржување проодност на носот,
  • давање течности.

Доколку детето има покачена температура, може да се дадат антипиретици со препорака, вели докторката.

Како се лекува?

Бидејќи најчесто причината е вирусна, третманот е симптоматски. Тоа значи дека се третираат симптомите, а не причината. Антибиотици не се потребни, освен ако лекар не утврди бактериска инфекција, објаснува педијатарот Думаловска-Златеска.

Кога да побарате лекарска помош?

Таа советува веднаш да се обратите кај лекар ако детето има:

  • тешко или забрзано дишење,
  • изразен стридор во мирување,
  • сонливост или исцрпеност,
  • висока температура која не се намалува,
  • сина боја на усните или на лицето.
Морбили (мали сипаници) кај децата

Вирусот останува активен во воздухот или на заразените површини и до 2 часа.

Која храна предизвикува алергии кај децата?

Исхраната е многу важна за правилен раст и развој на детето. Храната треба да биде приспособена на возраста за да се избегнат алергиски реакции и болести.

Што предизвикува воспаление на грлото или на крајниците кај децата?

Воспаление на грлото, крајниците, синусите или на слузницата на носот предизвикано од вируси или од бактерии е дел од инфекциите на горните дишни патишта

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!