Болно грло или стрептокока? Симптоми што не смеете да ги игнорирате!

Болките во грлото и воспалението на ждрелото и на крајниците (фарингитис и тонзилитис) се чести и вообичаени детски болести, кои можат да бидат предизвикани од различни вируси и бактерии. Голем број вируси може да се јават како предизвикувачи на воспаление на горните респираторни патишта, вклучувајќи ги ждрелото и крајниците. Сепак, 20 % од воспаленијата се предизвикани од бактерии, а една од најчестите причини за појава на фарингитис и тонзилитис е Streptococcus pyogenes gr. A и/или Streptococcus B-haemoliticus од групата А, за „Мама не си сама“ објаснува д-р Елена Манолева Николовска, специјалист по педијатрија во ПЗУ Поликлиника „Манолеви“.

Streptococcus pyogenes, познат и како Streptococcus pyogenes од групата А и како бетахемолитичен стрептокок од групата А, е грам-позитивна бактерија со капсула во својата градба или без неа. Карактеристично за бактеријата е тоа што лачи голем број различни типови на токсини, кои се причина за појава на различни клинички форми на болеста, на различни органи и органски системи (стрептококен фарингитис, ревматска треска, ревматска срцева болест, шарлах, постстрептококен гломерулонефритис). Најчест тип е еритрогениот (Диков токсин), кој е причина за појава на осип по кожата во случај на скарлатина. Понатаму, стрептолизин О-токсин, стрептолизин С, стрептокиназа, хијалоронидаза и други егзотоксини, вели педијатарот.

Како се пренесуваат и кои се симптомите на стрептококните инфекции?

Според д-р Манолева, извор на инфекцијата може да биде дете или возрасен кој боледува од стрептококна инфекција на ждрелото, тонзилите или на кожата, како и здрави бацилоносители кои ја имаат бактеријата во ждрелото, но кои немаат симптоми на болеста.

Се пренесува по капков пат, со кивање, кашлање или плунка од заразен, како и преку контаминирани предмети или раце. Инфекциите се најчести напролет и наесен, а најпогодени се децата на возраст од 2 до 10 години. Инкубацијата на болеста е кратка и трае околу 3-5 дена.

Симптомите на стрептококните инфекции може да варираат во зависност од видот на инфекцијата. Во случај на фарингитис и тонзилитис симптомите обично почнуваат одеднаш и вклучуваат нагла појава на болно грло, покачена телесна температура најчесто над 38,5/40 степени, главоболка, отечени и болни крајници, треска, малаксаност и/или отечени лимфни јазли на вратот. Кај децата, многу често, покрај овие симптоми, може да се појават и други општи симптоми на болеста како на пример гадење, повраќање и абдоминална болка. Во случај на шарлах (скарлатина), покрај горенаведените симптоми, се појавува и карактеристичен осип по телото, првенствено на вратот, трупот и екстремитетите, а најчесто во пределот на аксилите, горниот дел на трупот, долниот дел на абдоменот и од внатрешната страна на бедрата. Осипот е црвен, ситно точкест и густ, а кожата е дифузно зацрвенета и на допир е рапава, со присуство на ситни папули. Под дејство на токсините можна е и појава на ситно точкести крвавења под кожата, појава на првут на кожата на трупот и лицето, како и лупење на кожата најчесто на дланките и стапалата, посочува специјалистот по педијатрија.

Како се лекуваат стрептококните инфекции?

Педијатарот Манолева за „Мама не си сама“ потенцира дека Streptococcus pyogenes од групата А и бетахемолитичниот стрептокок од групата А се бактерии чувствителни на пеницилин. Главната цел на третманот е отстранување на бактеријата од грлото и спречување појава на компликации од инвазијата на бактеријата локално или под дејство на нејзините токсини. Во случај на алергија на пеницилин, бактеријата се лечи со антибиотици од групата на макролиди – вели таа.

Како да се спречи инфекцијата?

Во превенцијата и спречувањето на ширењето на стрептококните инфекции најважни се правилното одржување хигиена на рацете на децата, редовната хигиена на просториите каде што престојуваат децата, дезинфекцијата на предметите со кои си играат децата, како и избегнувањето близок контакт со луѓе кои се болни, вели д-р Манолева.

Превенцијата за одржување на хигиената на предметите и на играчките со кои си играат децата се однесува и на предметите во домот, но уште повеќе на оние во градинките, каде што можноста за пренос на инфекциите е многу поголема и каде што поради лоши хигиенски услови можно е брзо ширење на болеста во колективот и појава на епидемија на стрептококни фарингити и тонзилити, како и појава на шарлах и на други токсични компликации, кои понатаму може да доведат до посериозни последици врз здравјето на децата и идни возрасни индивидуи – предупредува педијатарот.

Колку вирусни инфекции во текот на годината е нормално да прележат децата?

Од сите причинители најчести се вирусните инфекции, кои предизвикуваат 80-90 % од инфекциите во детската возраст.

Витамин Д – сончев пријател на детското здравје

Витаминот Д е еден од најважните витамини за човековото тело. Често го нарекуваат сончев витамин затоа што телото го создава кога кожата е изложена на сончева светлина

Што треба да знаете за мононуклеозата кај децата?

Инфективната мононуклеоза е акутна инфективна болест позната уште и како „моно“ или „болест на бакнежите“.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!