Зошто многу новороденчиња добиваат жолтица и кога е опасна?

Неонаталната жолтица, или бебешка жолтица, е состојба која се јавува кај многу новороденчиња, кога кожата и белките на очите добиваат жолта нијанса. Ова е честа појава и најчесто не е причина за сериозна загриженост, за „Мама не си сама“ посочува д-р Станка Танчева-Крстевска, специјалист по педијатрија во клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Жолтата боја на кожата најчесто се забележува неколку дена по раѓањето, најчесто помеѓу вториот и петтиот ден од животот на бебето. Прво се забележува на лицето и на главата, а потоа може да се прошири и на остатокот од телото, вели докторката.

 

Зошто кожата кај бебето станува жолта?

Жолтата боја се јавува поради зголемената количина на билирубин во крвта, објаснува педијатарот и додава дека билирубинот е жолтеникав пигмент кој се создава при разградувањето на старите црвени крвни зрнца. Новороденчињата имаат незрел црн дроб, кој не може бргу да го отстрани билирубинот од телото, па тој се акумулира во крвта и на кожата.

 

Колку е честа неонаталната жолтица?

Според д-р Танчева-Крстевска, оваа состојба е многу честа и се јавува кај околу 60 % од здравите доенчиња и кај 80 % од претходно недоносените бебиња. Обично жолтицата се јавува во првите неколку дена по раѓањето и најчесто исчезнува сама, без да предизвика проблем.

 

Кои се ризик-факторите за неонатална жолтица?

Педијатарот за „Мама не си сама“ посочува дека следните фактори можат да го зголемат ризикот од жолтица кај бебето:

  • Недоносеност (раѓање предвреме)
  • Тежина на бебето под просекот
  • Проблеми со доењето (пример, недоволно јадење или слаб апетит)
  • Крвта не се совпаѓа (крвни групи на мајката и бебето кои не се компатибилни). Во тој случај настанува побрз и поголем распад на еритроцитите и поизразено пожолтување на новороденото. Тука би ја спомнале и лактациската жолтица, која се јавува кај голем процент од здравите новородени.
  • Инфекции или други здравствени проблеми кај бебето

 

Дали жолтицата е опасна за бебето?

Повеќето случаи на неонатална жолтица се благи и не претставуваат опасност. Доколку е поизразена, може да предизвика сонливост кај бебето, објаснува докторката и укажува на тоа дека постојат случаи кога жолтицата е силна и трае подолго, што може да биде знак за посериозни здравствени проблеми.

- Жолтицата се класифицира според нивото на билирубин и според траењето:

- Физиолошка жолтица – нормална, блага, која исчезнува сама

Патолошка жолтица – повисоко ниво на билирубин, која може да бара лекување, вели педијатарот.

 

Како се дијагностицира жолтицата?

Според д-р Танчева-Крстевска, лекарот ја гледа бојата на кожата и на очите, а за прецизна дијагноза се прави анализа на крвта заради мерење на билирубинот. Понекогаш може да се користат и специјални инструменти кои со светло го мерат билирубинот на кожата.

Дополнително, се проверува дали бебето добро јаде и дали има други симптоми како летаргија или слаба активност, потенцира докторката.

 

Како се третира неонаталната жолтица?

Во повеќето случаи се препорачува повеќе доење бидејќи тоа помага за побрзо излачување на билирубинот, советува докторката.

Третманот на физиолошката жолтица е со соодветно внесување храна и течности, што помага за отстранување на билирубинот и за негова елиминација од организмот на бебето. При повисоки вредности на билирубинот во крвта, се спроведува и фототерапија или изложување на кожата на новороденото на УВ-зраци, кои помагаат за разградување на билирубинот во кожата на метаболити, кои се враќаат во циркулацијата и се елиминираат од циркулацијата на новороденото, за „Мама не си сама“ објаснува педијатарот.

 

Дали жолтицата може да предизвика долготрајни последици?

Ако жолтицата се лекува навреме, обично не остава никакви последици. Но, ако нивото на билирубин стане премногу високо и ако не се третира, може да дојде до оштетување на мозокот, што е сериозна состојба која бара итна медицинска помош, предупредува д-р Станка Танчева-Крстевска и советува дека е важно да се обрне внимание на симптомите и да се побара лекарска помош кога жолтицата е силна или долготрајна.

 

 

Дали секоја сува кожа кај децата значи и атописки дерматит?

Ако забележите црвенило на лицето кај вашето бебе и ако поради тоа постојано се чеша, треба да помислите дека можеби станува збор за атописки дерматит, односно за долготрајно хронично воспаление на кожата.

Кои се придобивките од мајчиното млеко за бебето?

Мајчиното млеко го подобрува имунитетот на детето и ја намалува можноста за развој на болести подоцна во животот – алергии, астма, разни видови инфекции, дијабетес, прекумерна тежина...

Зошто треба да го масирате вашето бебе?

Масажата на бебињата дава голем број физиолошки, развојни и емоционални придобивки.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!