Првите две години се клучни: совети од педијатар за следење на доцна прематурните деца

Доцна прематурни новороденчиња се новороденчињата родени помеѓу 34. и 36. гестациска недела од бременоста. Тие сочинуваат околу 70 – 74 % од сите предвремено родени.

Иако често изгледаат слично како терминските бебиња, нивните органи и системи сè уште не се целосно созреани. Поради тоа, тие имаат значително поголем ризик од здравствени проблеми во првите месеци, но и подоцна во животот.  Со какви сѐ предизвици се соочуваат тие деца и на што да обрнат внимание родителите за „Мама не си сама“ објаснува д-р Александра Христова, специјалист по педијатарија во ЈЗУ Општа болница Куманово.

 

Со какви здравствени предизвици се соочуваат?

Според педијатарот, кај доцна прематурните новороденчиња почесто се јавуваат:

  • тешкотии со хранењето,
  • недоволно напредување во телесната тежина,
  • пролонгирана жолтица,
  • дехидратација,
  • респираторни проблеми,
  • почести повторени хоспитализации.

Во споредба со доносените новороденчиња, тие имаат и поголем ризик од инфекции, особено инфекции на дишните патишта, во текот на првата година од животот, посочува д-р Христова и додава дека, дополнително, кај дел од тие деца постои зголемен ризик од нарушувања во невроразвојот, како што се:

  • доцнење во психомоторниот развој,
  • интелектуални тешкотии,
  • церебрална парализа,
  • нарушувања во однесувањето и во емоционалниот развој,
  • нарушувања од аутистичниот спектар или нарушување на вниманието кај одредени деца.

Докторката посочува дека врз невролошкиот развој влијаат повеќе фактори, меѓу кои генетските предиспозиции, но и фактори од типот на растење надвор од матката, недоволно доење и неповолни социоекономски услови.

Исхраната е клучна за здрав раст и развој

Најважен фактор во грижата за доцна прематурното новороденче е правилната исхрана, а мајчиното млеко претставува најдобар избор, потенцира педијатарот и додава дека, сепак, тие бебиња често се сонливи, имаат намалена мускулна сила и тешкотии со координацијата на цицањето и голтањето. Поради тоа внесуваат помалку млеко отколку што им е потребно, а недоволното внесување калории може да доведе до:

  • губење на телесната тежина,
  • дехидратација,
  • жолтица,
  • нарушување на растот,
  • неповратни последици врз развојот на централниот нервен систем.

Од друга страна, и пребрзото зголемување на телесната тежина во доенечката возраст може да биде поврзано со појава на метаболички синдром во подоцнежниот живот. Затоа е неопходно внимателно следење на растот, вели д-р Христова.

Респираторните инфекции се почести

Кај предвремено родените бебиња респираторните компликации се јавуваат значително почесто отколку кај терминските новороденчиња.

Ризикот од хоспитализација поради респираторна инфекција во текот на првата година од животот е неколкупати поголем конкретно кај предвремено родените деца, а појавата на респираторни компликации процентуално е 10,5 % од сите предвремено родени бебиња, во споредба со 1,13 % од доносените бебиња. Исто така, кај тие деца постои и повисок ризик од синдром на ненадејна смрт кај доенчињата (SIDS), односно 1,37 на 1000 предвремено родени деца, во споредба со стапката од 0,69 смртни случаи кај доносените бебиња, што дополнително ја нагласува потребата од редовно следење и од едукација на родителите – објаснува докторката.

Како изгледа следењето на доцна прематурно дете?

Педијатарот Александра Христова за Мама не си сама посочува дека следењето на тие бебиња започнува веднаш по отпуштањето од родилиштето.

Првата контрола треба да се направи 24 – 48 часа по отпустот, а потоа:

  • еднаш неделно во текот на првиот месец;
  • на возраст од 2, 4, 6, 12, 15 и 24 месеци.

Во периодот од 3 до 14 години се препорачуваат контроли на:

- 3-4 години,

- 5-6 години,

- 9 години,

- 12 години,

- 14 години.

На секој преглед се следат:

  • растот и телесната тежина,
  • исхраната,
  • обемот на главата,
  • психомоторниот развој,
  • вакцинацијата,
  • односот родител–дете и евентуалните ризик-фактори во семејството.

 

Рано откривање на невроразвојните тешкотии

Уште пред отпуштањето од болница потребно е да се процени ризикот од можни невроразвојни нарушувања, потенцира педијатарот и додава дека посебно внимание бараат новороденчињата кои имале:

  • респираторен дистрес,
  • интраутерин застој во растот,
  • симптоматска хипогликемија,
  • тешка жолтица која барала фототерапија,
  • недостиг од кислород,
  • интравентрикуларно крвавење,
  • перивентрикуларна леукомалација.

Кај тие деца се препорачува спроведување развојни скрининг-тестови, а по потреба и прашалници за аутизам и за нарушување на вниманието (ADHD).

Доколку се утврди отстапување во развојот, детето треба што порано да биде вклучено во програма за рана интервенција.

Кај училишните деца е важно навремено да се препознаат тешкотиите со вниманието, меморијата, говорот или со однесувањето преку соработка меѓу педијатарот, семејството и училиштето, советува д-р Христова.

Препораки за исхраната

Според педијатарот, мајчиното млеко треба да биде единствена исхрана во првите шест месеци од животот, доколку е тоа можно.

Родителите, а особено мајките прворотки треба навреме да добијат едукација за:

  • правилната техника на доење,
  • препознавање на знаците на недоволно хранење,
  • препознавање на жолтицата и дехидратацијата.

Доколку и покрај правилната техника на доење детето не напредува со телесната тежина (помалку од околу 20 грама дневно), се препорачува измолзување на мајчиното млеко и хранење на детето со измолзено млеко.

Формула за предвремено родени бебиња се воведува само кога не може да се обезбеди доволна исхрана со мајчиното млеко.

Дополнителната мешовита исхрана не треба да започне пред навршени шест месеци и само кога детето покажува соодветна развојна зрелост, советува д-р Христова.

Следење на растот и додатоци во исхраната

Првата педијатриска контрола треба да се направи по 24 – 48 часа од отпуштањето, а натаму се прават неделни контроли до 40 г. н. од постменструалната возраст или додека не се воспостави соодветно успешно доење кое подразбира и успешно хранење, објаснува докторката и додава дека на секоја контрола се мерат:

  • телесната тежина,
  • должината,
  • обемот на главата.

Овие резултати се внесуваат во графикони за раст.

Од осмиот ден од животот се препорачува:

  • витамин Д3,
  • масни киселини омега 3,
  • витамин К до третиот месец кај доенчињата кои се хранат исклучиво со мајчино млеко,
  • препарати со железо најчесто од втората недела до 12-месечна возраст.

 

Превенција на респираторните заболувања

Кај бремените жени со ризик за предвремено породување, помеѓу 34. и 36. гестациска недела, примената на пренатални кортикостероиди може да го намали ризикот од респираторни проблеми кај новороденчето.

По раѓањето се препорачува следење од мултидисциплинарен тим составен од неонатолог, педијатар и пулмолог кога е тоа потребно, препорачува д-р Христова.

Како да се намали ризикот од инфекции?

Предвремено родените бебиња се почувствителни на инфекции, па затоа родителите треба да бидат добро информирани за мерките на превенција.

Се препорачува:

  • доење што е можно подолго,
  • носење маска од лицата кои имаат симптоми на респираторна инфекција,
  • избегнување контакт со заболени лица,
  • редовна хигиена на рацете,
  • навремена вакцинација според националниот календар.

Кај одредени високоризични деца може да биде индицирана и заштита со паливизумаб против инфекцијата RSV, објаснува педијатарот.

Превенција на синдромот на ненадејна смрт кај доенчињата

Родителите треба да добијат детални насоки за безбедно спиење на новороденчето и за сите мерки што го намалуваат ризикот од синдром на ненадејна смрт.

Едукацијата уште пред отпуштањето од болница е важен дел од грижата за доцна прематурното бебе, вели докторката.

Улогата на примарната здравствена заштита

Според педијатарот Александра Христова, континуираното следење на доцна прематурните деца бара добра координација меѓу породилиштето, матичниот педијатар и специјалистите.

Потребни се:

  • континуирана едукација на педијатрите;
  • прецизно водење на медицинската документација;
  • евидентирање на вакцините, како и на резултатите од неонаталниот метаболен скрининг и од скринингот на слухот;
  • јасен план за сите контролни прегледи по отпуштањето од болница.

Со навремено следење, правилна исхрана и со рано препознавање на евентуалните тешкотии, најголем дел од доцна прематурните деца имаат можност за здрав раст и за оптимален развој, смета докторката.

 

Што треба да знаете за предвремено родените деца?

Многу родители не се подготвени за предвремено породување. И тогаш наместо да се радуваат на здравиот плач на бебето кое им ја исполнува куќата

Жолтица кај новороденчињата: што треба да знае секој родител?

Неонаталната жолтица е честа појава кај новороденчињата, а се манифестира со жолтеникава боја на кожата и на белките на очите.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!