Доењето емоционално ги поврзува мајката и бебето и создава посебна меѓусебна блискост, а мајчиното млеко ги задоволува потребите на доенчето, лесно е сварливо и го штити од инфекции и од болести подоцна во животот. Ова се само дел од предностите на овој природен процес. Кои се другите придобивки, како правилно да го зачувате вашето млеко и дали доењето боли, за Мама не си сама објаснува д-р мед. науки Снежана Палчевска-Коцевска, специјалист педијатар неонатолог во клиничката болница „Аџибадем систина“.
- Придобивките од мајчиното млеко се многубројни. Мајчиното млеко денес се дефинира како биолошки систем, а не само како храна и се смета за медицински ресурс, категорична е д-р Палчевска-Коцевска.
Кои се придобивките од мајчиното млеко?
Уникатниот состав на мајчиното млеко има незаменливо место во процесот на програмирање здрав човечки вид, посочува педијатарот.
- Мајчиното млеко го подобрува имунитетот на детето и ја намалува можноста за развој на болести подоцна во животот – алергии, астма, разни видови инфекции, дијабетес, прекумерна тежина... Децата кои се доени имаат помал ризик од развој на дебелина, но и помала потреба од протези бидејќи нивните вилици се развиваат подобро, па и забите подобро растат подоцна.
Постојат некои студии кои покажуваат дека постои значајна разлика дури и меѓу коефициентот на интелигенција кај децата кои биле доени и кај оние кои не биле доени. Ако доите подолго од четири месеци, ја намалувате шансата бебето да добие инфекција на увото. Бебињата кои се доени повеќе од шест месеци имаат намален ризик од развој на алергии, вели педијатарот.
Доењето создава посебна блискост меѓу мајката и бебето!
Според педијатарот, доењето воспоставува и развива врска меѓу вас и вашето бебе.
- За време на доењето, хормонот окситоцин, познат како хормон на љубовта, се ослободува и кај бебето и кај мајката, што им помага на луѓето да се чувствуваат сакано. Окситоцинот промовира чувство на алтруизам и ѝ помага на жената не само физички, туку и емоционално во процесот на транзиција кон мајчинството. Пролактинот во комбинација со окситоцинот, кој се јавува бргу по породувањето и за време на доењето, промовира еуфорија и несебична посветеност на детето, а со тоа придонесува за задоволството на мајката, за процесот на приврзаност и за физичката и емоционалната благосостојба на бебето, објаснува д-р Палчевска-Коцевска од клиничката болница „Аџибадем систина“.
Како да обезбедите оброк за бебе?
Педијатарот Снежана Палчевска-Коцевска за Мама не си сама споделува неколку корисни информации како да го зачувате вашето млеко и да го користите кога е потребно.
- Складирањето започнува со процесот на разгорување – рачно или со пумпа (рачно или електрична). Се препорачуваат пумпи за експресирање бидејќи млекото директно се собира во стерилното шише кое оди со пумпата, така што нема контаминација од надворешната средина. Во такви шишиња може да се чува и до оброкот.
- Секогаш мијте се со чисти раце! Измијте ги садовите за складирање млеко со детергент и со топла вода, а потоа добро исплакнете.
- Исцеденото млеко може да го замрзнете. По молзењето истурете го млекото во кесичка на која ќе биде испишан датумот на молзење. Вака подготвеното млеко може да го искористите за приготвување каша кога ќе дојде време.
- Правилното складирање на млекото е исклучително важно за да се зачуваат хранливите и антиинфективните својства на мајчиното млеко и за да се спречи бактериска контаминација од надворешната средина.
- Млекото може да се користи само ако е правилно складирано!
Зошто мајчиното млеко е најдобрата храна за бебето?
Мајчиното млеко содржи сѐ што му е потребно на бебето во првите шест месеци од животот – хранливи материи, минерали, витамини, вода, антитела – буквално сè, потенцира неонатологот Палчевска-Коцевска.
- Мајчиното млеко го подобрува имунитетот на детето и ја намалува можноста за развој на болести подоцна во животот – алергии, астма, разни видови инфекции, дијабетес, прекумерна тежина... Децата кои се доени имаат помал ризик од развој на дебелина, но и помала потреба од протези бидејќи нивните вилици се развиваат подобро, па и забите подобро растат подоцна.
- Постојат некои студии кои покажуваат дека постои значајна разлика дури и меѓу коефициентот на интелигенција кај децата кои биле доени и кај оние кои не биле доени. Ако доите подолго од четири месеци, ја намалувате шансата бебето да добие инфекција на увото. Бебињата кои се доени повеќе од шест месеци имаат намален ризик од развој на алергии, вели педијатарот.
Дали сите хранливи материи во мајчиното млеко му се потребни на бебето?
Неонатологот Палчевска-Коцевска е категорична дека мајчиното млеко содржи сѐ што е потребно за развој на детето до шест месеци – содржи идеален сооднос на протеини, јаглени хидрати, масти, витамини и минерали и нема потреба да се додаваат други состојки, па ни вода бидејќи има доволно во мајчиното млеко.
Каква корист има мајката од доењето?
Доењето не е корисно само за бебето, туку и за мајката, објаснува педијатарот и додава дека веднаш по породувањето доењето помага да се врати матката во првобитната големина, а постпородилното крвавење е помало.
- Жените кои дојат бргу ја враќаат својата тежина, а некои резултати покажуваат дека имаат помал ризик подоцна да развијат рак на дојката или на јајниците. Покрај тоа, доењето е многу поедноставен начин за хранење на бебето – без шишиња, стерилизатори, четки за миење шишиња и кади за загревање млеко. Многу е полесно да се дои бебето навечер, отколку да се приготвува, меша, загрева и да се лади храната. Доењето е бесплатно, а фабричката храна за бебиња е прилично скапа, потенцира д-р Палчевска-Коцевска.

Дали доењето боли?
Ако се дои правилно, не треба да боли, вели педијатарот.
- Можно е градите да бидат почувствителни во текот на првите неколку дена кога млекото сè уште доаѓа, а бебето не добива доволно млеко. Ако болката продолжи, најверојатно, бебето не ја прифаќа правилно брадавката и треба повторно да се обидете да го научите да цица правилно. Може да боли ако имате рани на брадавките. Ако забележите рани кои крвават на вашите брадавки, задолжително контактирајте со вашиот лекар или со медицинска сестра, советува д-р Палчевска-Коцевска.
Што е колострум?
Вистинското млеко почнува да се создава два до четири дена по породувањето. Пред тоа, млекото што се создава се нарекува колострум, објаснува педијатарот.
- Колострумот е бледожолтеникав исцедок од градите што се јавува во првите денови по породувањето. Тоа е идеална храна за вашето бебе во првите денови и се разликува од млекото по тоа што е многу густо и лепливо. Тоа е еден вид концентрирано млеко, бебето лесно го вари и не предизвикува колика. Се состои од вода, протеини и минерали во пропорции неопходни за исхрана на бебето. Најважна состојка на колострумот се антителата, кои ќе го заштитат бебето од инфекции. Колострумот е и еден вид лаксатив и помага во чистењето на цревата на бебето од мекониумот, првата столица на бебето, вели д-р Палчевска-Коцевска и посочува дека два до четири дена по породувањето, во зависност од тоа дали вашето бебе е прво или второ, како и од тоа како сте се породиле, вистинското млеко почнува да тече. Додека имате само колострум, градите не ви се особено големи или напнати, а кога ќе почувствувате дека наеднаш отекуваат, тоа е знак дека престанува лачењето на колострумот и дека доаѓа млекото.
Како влијае доењето врз здравјето на бебето?
Педијатарот д-р Снежана Палчевска-Коцевска за Мама не си сама посочува која е користа од доењето за здравјето на бебето.
- Доењето, првенствено, го штити бебето од дијареја, воспаление и инфекција на дишните органи, инфекција на средното уво, од дијабетес. Доените бебиња помалку страдаат од астма, алергии, егзема и од инфекции на уринарниот тракт, имаат помалку проблеми со забите и подобар вид. Исто така, со доењето се спречуваат срцевите заболувања, вели таа.