Топлотен удар или сончаница – како да ги препознаете кај вашето дете

Сончаницата и топлотниот удар се сериозни состојби кои во лето можат да се појават многу бргу, особено кај децата. Иако понекогаш звучат слично, тие се различни според начинот на настанување, симптомите и третманот. За тоа кои се разликите, на кои знаци да обрнете внимание и како да го заштитите своето дете „Мама не си сама“ побара одговори од д-р Магдалена Јовчевска-Петкоска, специјалист по семејна медицина во  ПЗУ „Смокоски“.

Во текот на летните месеци децата често се изложени на високи температури и на директна сончева светлина. Иако играта на отворено е важна за нивниот развој, преголемата изложеност на сонце и топлина може да доведе до сериозни здравствени состојби како што се сончаницата и топлотниот удар. Овие две состојби често се мешаат бидејќи и двете настануваат како резултат на изложеноста на високи температури, но тие се различни патолошки состојби, со различни механизми на настанување и клинички манифестации, вели докторката и подетално ги објаснува двете состојби.

Како настанува сончаницата и кои се симптомите?

Сончаницата настанува како резултат на долготрајното изложување на директна сончева светлина (особено на главата и вратот). Најчесто се случува кога детето е без соодветна заштита (капа, кремови, облека).

Главни симптоми се: главоболка, малаксаност, вртоглавица, гадење, повраќање, мускулна болка; телесната температура е најчесто во границите на нормалата, но може да биде и лесно покачена од 37,5 до 38,5; кожата е црвена и топла со болна чувствителност и со нормална влажност, вели д-р Јовчевска-Петкоска.

Што да се направи веднаш при сомнеж за сончаница?

Лекувањето на сончаницата најчесто е во домашни услови, посочува специјалистот по семејна медицина.

Одведете го детето на ладно и сенчесто место и направете хидратација со млака вода или со орален раствор за рехидратација (ORS) или со млаки или ладни компреси на челото и на вратот. Можете да дадете и лекови против болки (антиинфламаторни, на пример Ибупрофен или Парацетамол), кои можат да се користат за ублажување на главоболката и на болката во мускулите. Набљудувајте го детето и ако симптомите не се подобрат за кратко време, посетете лекар. Сончаницата, вообичаено, не претставува животозагрозувачка состојба ако се третира навремено, објаснува докторката.

Што е топлотен удар и како настанува?

Топлотниот удар (или системската хипертермија) се јавува кога телесната температура на детето се зголемува над 40 °C и кога не може да се регулира преку нормалните терморегулаторни механизми (потење и дилатација на крвните садови). Тоа доведува до нарушување на физиолошките функции и до повреда на органите и претставува животозагрозувачка состојба, која ако не се третира навремено, може да заврши и со летален исход, предупредува д-р Јовчевска-Петкоска и додава дека децата се загреваат 3-5-пати побргу од возрасните. Според неа, тоа се должи на:

Незрелиот терморегулаторен систем, помалата способност за потење поради помалиот број потни жлезди, поголемата апсорпција на топлина, поголемата површина на кожата во однос на телесната маса, што значи дека апсорбираат повеќе топлина од околината, и поради тоа што детското тело содржи поголем процент на вода, но и побргу ја губи при жештина и при физичка активност, а и најчесто децата не кажуваат дека се жедни и забораваат да се напијат вода, што води и до брза дехидратација.

Типичен пример за топлотен удар е дете оставено во автомобил!

Температурата во затворено возило на сонце, без климатизација и без струење на воздухот, за 10 минути се зголемува за 10 степени, според Американската асоцијација на педијатри. Тоа значи дека доколку температурата надвор е 30 ˚C, за 10 минути температурата во автомобилот ќе се искачи на 40 ˚C, а во наредните 10 минути температуата ќе достигне 50 ˚C. Детето е само и беспомошно и не може да излезе од автомобилот и да побара помош, а ризикот од топлотен удар е огромен. Исто така, многу чест пример за топлотен удар е и кога родителите целосно го покриваат транспортерот или количката на бебето со тетра-пелена, при што повторно немаме струење и циркулација на воздух и создаваме еден вид затворена кутија во која температурата драстично расте, предупредува докторката.

Кои се симптомите на топлотен удар?

Првични симптоми на топлотен удар се вртоглавица, главоболка, замор, раздразливост и промена во однесувањето, прекумерна жед и сува уста, тахипнеја и тахикардија, а потоа доаѓа до терморегулаторна дисфункција, односно до неуспех на телото да ги вклучи механизмите за ладење, многу висока телесна температура (над 39,5/40 °C), сува и топла кожа (прекин на потењето), сомноленција, сопор, па и кома, посочува д-р Јовчевска-Петкоска.

Што да се направи веднаш при сомнеж за топлотен удар?

Според специјалистот по семејна медицина Јовчевска-Петковска, третманот на дете со топлотен удар мора да биде итен и агресивен, бидејќи оваа состојба може да предизвика оштетување на органите, па дури и да заврши фатално ако не се третира навреме.

Веднаш да се повика итна медицинска помош. Детето да се префрли  под сенка или во климатизирана просторија, да се расоблече и да се започне со ладење на телото со влажни или со студени облоги во пределот на главата, вратот и на аксилите (пазувите) и во ингвиналниот предел (препоните). Доколку сте во можност, ставете го детето во млака бања (но не премногу ладна – да не се користи мраз директно на телото). Целта е да се намали телесната температура под 38,5 °C што е можно побргу. Доколку детето е свесно, да се понудат течности преку уста, како на пример вода или раствори за рехидрација, препорачува таа.

Колку деца умираат од топлотен удар?

Во 2024 година од топлотен удар починале 39 деца оставени во автомобил, што е за 35 % повеќе од 2023 година. Во 2018 и во 2019 година имаше рекорден број на смртност на деца од топлотен удар во автомобил во последните 25 години – по 53 деца за секоја година одделно. Според noheatstroke.org, повеќе од 1120 деца починале од топлотен удар во последните 25 години затоа што биле оставени во автомобил.

Како да превенирате сончаница и топлотен удар кај вашето дете?

За да ги превенираме овие две состојби, потребно е детето да носи бела светла облека од природен материјал; главата на детето да биде заштитена со капа со широк обрач и со очила за сонце, но и да се избегнува изложувањето на сонце во периодот од 11 до 17 часот. За да ја заштитиме кожата на децата, задолжителни се редовното аплицирање на кремови за сончање најмалку 20-ина минути пред изложувањето на сонце и ренанесувањето на секои два до три часа. За кожата и за здравјето на децата од исклучителна важност е и правилната хидратација. А, пак, кога станува збор за континуираното изложување на сонце, треба да се внимава и на долгорочните несакани ефекти од кумулативната ексозиција на сонце низ годините, што води кон натамошни хронични заболувања на кожата, вклучувајќи го и меланомот на кожа, за „Мама не си сама“ советува д-р Магдалена Јовчевска-Петкоска, специјалист по семејна медицина.

 

 

 

 

 

Кај кои деца почесто се јавува воспаление на крајниците?

Групирањето на децата во затворени простории (училници, занимални, игротеки, клубови...) влијаат врз зголемувањето на отпорноста на вируси и на бактерии

Дијареја кај децата: причини, опасности и корисни совети за родителите

Дијарејата, или народски позната како пролив, претставува појава на честа течна или водеста столица.

Дали е неопходен трет крајник кај децата?

Кога детскиот организам, поради слабиот имунитет, не е во состојба да ги совлада микроорганизмите (вирусите и бактериите), доаѓа до воспаление на третиот крајник.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!