Што е клучно за здраво детство без дебелина?

Што претставува дебелината во детската возраст и какво е нејзиното влијание?

Детската дебелина претставува нутритивно-метаболно нарушување, кое се карактеризира со прекумерна акумулација на масно ткиво, што ги надминува вредностите за полот и за возраста.

Дебелината кај децата претставува сè поголем јавноздравствен предизвик низ светот, вклучително и кај нас. Таа не се појавува одеднаш, туку е резултат на долгорочни навики поврзани со исхраната, физичката активност и со начинот на живот. Здравата и избалансирана исхрана во детството е еден од клучните фактори за правилен раст и развој, но и за превенција на дебелината и на здравствените проблеми во подоцнежниот живот. За тоа каква е состојбата со дебелината кај децата во Македонија, кога и како да им се помогне на најмалите за да го намалат вишокот килограми, но и каква исхрана се препорачува Мама не си сама разговараше со д-р Александра Ѓорѓевиќ, специјалист педијатар на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје.

Дебелината кај децата води до долгорочни последици врз здравјето на децата, но и во подоцнежната возраст. Се смета дека во Македонија 31 % од децата на возраст од 6 до 9 години се со зголемена телесна тежина, а 18 % живеат со дебелина.

Дебелината во детската возраст не е само естетски или нутритивен проблем, туку е поврзана и со развојот на голем број коморбидитети, како што се инсулинската резистенција, дијабетесот тип 2, покачениот притисок и кардиоваскуларните заболувања. Таа ја намалува и самодовербата кај децата, а неретко води и кон социјална изолација.

Кои се причините кои водат до детска дебелина?

Мултифакторијална е етиологијата на детската дебелина, па многу генетски, нутритивни, еколошки и бихејвиорални фактори се одговорни за настанувањето на овој проблем. Сепак, клучна улога имаат неправилните навики во исхраната и намалената физичка активност предупредува д-р Ѓорѓевиќ.

Во кој период од животот постои најголем ризик за настанување на дебелината?

Тоа зависи од етиолошкиот фактор, но, генерално, раното детство, па дури и неонаталниот период, кога се поставуваат основите на метаболното програмирање, се периоди со значителен ризик.

Докторката посочува дека исхраната на новородените е една од причините за настанување на дебелината кај децата и предизвиците кои стојат пред родителите во овој период.

Правилната исхрана во новороденечкиот период има клучна улога во нормалниот раст и развој, но и во превенцијата од прејадување и последователно од прекумерна телесна тежина. Ексклузивното доење се смета за златен стандард. Тоа е оптимален начин на исхрана кој овозможува физиолошка саморегулација во исхраната, т. е. новороденото внесува млеко само според сопствените потреби, што го намалува ризикот од прејадување. При исхрана со адаптирана млечна формула неопходно е строго придржување до препорачаната концентрација и количина на млеко, како и до интервалите на хранење, за да се избегне прекумерното калориско внесување.

На што треба да внимаваат родителите?

Особено е значајно препознавањето на раните сигнали на ситост: прекинување на цицањето, одвраќање на главата, намален интерес за храна, избегнување присилно хранење, често дополнително хранење или, пак, користење на храната како средство за смирување.

Докторката посочува дека редовните контроли кај матичните педијатри, на кои се следат растот и развојот на новороденото, се многу значајни за паровите кои за првпат се остваруваат како родители. Брзиот catch up раст може да го зголеми ризикот за подоцнежна дебелина, наспроти умерениот балансиран раст.

На овој начин се развиваат нормални механизми за регулација на апетитот (рамнотежа меѓу хормоните лептин / грелин), инсулинската сензитивност и на складирањето масно ткиво и се поставува основата за здрави нутритивни навики во натамошниот живот.

Сумирано обезитетот во детската возраст е комплексна состојба, а нејзиниот третман бара мултидисциплинарен пристап од педијатри, нутриционисти и од семејството како клучен фактор.

Превенцијата на дебелината кај децата започнува уште во најраниот период од животот преку правилната исхрана и развојот на здрави животни навики. Ексклузивното доење, контролираното внесување млечна формула, како и правилното воведување дохрана играат клучна улога во постигнувањето енергетски баланс кај децата. Едукацијата на родителите и создавањето здраво семејно опкружување се од суштинско значење за долгорочно здравје на детето.

Стилови на родителство

Родителството е комплицирана и многу благородна улога, а во исто време одговорна и пожртвувана.

Како да ги подготвите поголемите деца за доаѓањето на нов член во семејството?

Доаѓањето на нов член во семејството е проследено со радост, возбуда, среќа, но и со предизвик, неизвесност и со загриженост како ќе го прифати бебето поголемото дете.

Кои се симптомите и како се лекуваат уринарните инфекции кај децата?

Во детската возраст симптомите на уринарна инфекција зависат од јачината на инфекцијата и од возраста на пациентот.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!