Дехидратација кај децата: симптоми што родителите не смеат да ги игнорираат

Дехидратацијата е една од најчестите состојби во педијатријата и претставува потенцијално сериозен здравствен проблем. Децата, особено новороденчињата и доенчињата, многу побргу губат течности и електролити отколку возрасните. Поради тоа, кај нив дехидратацијата може да се развие за кратко време и да доведе до сериозни компликации доколку не се препознае и не се лекува навреме. За оваа честа состојба кај децата Мама не си сама разговараше со д-р Радица Маџоска, специјалист педијатар во  ПЗУ „Д-р Радица Маџоска“.

Што претставува дехидратацијата?

Дехидратацијата е состојба во која организмот губи повеќе течности отколку што внесува. Освен вода, при овие загуби се губат и важни електролити како што се натриумот, калиумот и хлоридите, кои имаат клучна улога во нормалното функционирање на организмот, вели педијатарот.

Најчести причини за дехидратација кај децата

Докторката посочува дека дехидратацијата најчесто настанува поради:

  • гастроентеритис (повраќање и дијареја);
  • висока телесна температура;
  • намалено внесување течности;
  • прекумерно потење;
  • дијабетес, особено при дијабетична кетоацидоза;
  • изгореници;
  • сепса.

 

Видови дехидратација според нивото на натриум во крвта

Еден од најважните показатели при проценка на дехидратацијата е нивото на натриум во крвта, вели д-р Маџоска и објаснува какви видови дехидратација постојат.

Изоосмоларна (изонатремична) дехидратација

  • Ова е најчестиот тип на дехидратација. Се карактеризира со еднакво губење на вода и сол, а нивото на натриум во крвта останува во нормални граници (130 – 150 mmol/L).

Најчесто се јавува при:

  • повраќање,
  • лесна до умерена дијареја,
  • прекумерно потење.

 

Хипоосмоларна (хипонатремична) дехидратација

Кај овој тип се губи повеќе сол отколку вода, поради што нивото на натриум во крвта е под 130 mmol/L.

Најчести причини се:

  • гастроентеритис со обилна дијареја;
  • бубрежни заболувања;
  • ендокрини нарушувања;
  • прекумерно губење сол преку потење (висока температура, топлотен удар);
  • муковисцидоза (цистична фиброза), при која има зголемени загуби на сол.

 

Хиперосмоларна (хипернатремична) дехидратација

Кај оваа форма организмот губи повеќе вода отколку сол, а нивото на натриум во крвта е над 150 mmol/L.

Најчесто се среќава кај:

  • дијабетес инсипидус,
  • дијабетес мелитус,
  • други состојби поврзани со значителни загуби на вода.

 

Овој тип на дехидратација бара особено внимателна корекција бидејќи пребрзата рехидратација може да доведе до мозочен едем и до сериозни невролошки компликации, вклучително и кома, предупредува докторката.

Степени на дехидратација

Во зависност од процентот на изгубена телесна тежина, дехидратацијата се дели на три степени.

1. Блага дехидратација (до 5 % загуба на телесната тежина)

Симптомите вклучуваат:

  • лесна жед,
  • суви усни,
  • нормален пулс,
  • нормално мокрење

 

2. Умерена дехидратација (5 – 10 %)

Карактеристично за неа е следново:

  • изразена жед,
  • суви слузници,
  • вдлабнати очи,
  • намалено мокрење,
  • забрзан пулс,
  • намален тургор на кожата.

 

3. Тешка дехидратација (над 10 %)

Ова претставува итна медицинска состојба.

Се јавува:

  • летаргија или губење на свеста;
  • тахикардија (забрзана срцева работа);
  • продолжен капиларен рефил (повеќе од 3 секунди);
  • студени екстремитети;
  • хипотензија (низок крвен притисок);
  • длабока метаболна ацидоза.

 

Како се проценува степенот на дехидратација?

Според д-р Маџоска, најпрецизна клиничка проценка се добива со споредување на моменталната телесна тежина со тежината што ја имало детето кога било здраво. Доколку оваа информација е достапна, загубата на телесната тежина претставува најдобар показател за количината на изгубена течност.

Покрај тоа, лекарот ги проценува и клиничките знаци: изгледот на кожата и на слузниците, пулсот, крвниот притисок и количината на урина.

Лекување на дехидратацијата

Третманот зависи од степенот на дехидратација и од општата состојба на детето, потенцира педијатарот Маџоска и додава дека Светската здравствена организација (СЗО) и Европското здружение за детска гастроентерологија, хепатологија и исхрана (ESPGHAN) препорачуваат два основни пристапи.

- Орална рехидратациска терапија (прв избор)

Оралниот рехидратациски раствор (ОРС) е терапија од прв избор при блага и умерена дехидратација, доколку детето може да внесува течности преку устата.

Препорачани количини се:

  • 50 ml/kg во текот на 4 часа при блага дехидратација;
  • 75 ml/kg во текот на 4 часа при умерена дехидратација.

Дополнително се даваат:

  • 10 ml/kg по секоја епизода на дијареја или повраќање.

Предност на оралната рехидратација е тоа што е безбедна, ефикасна, достапна и што помага да се спречи развојот на метаболна ацидоза.

- Интравенска терапија

Интравенската рехидратација се спроведува исклучиво во болнички услови, а индикации за неа се:

  • тешка дехидратација,
  • хиповолемичен шок,
  • неможност детето да пие течности,
  • неконтролирано повраќање.

При хиповолемичен шок најчесто се применува:

  • 0,9 % натриум хлорид (физиолошки раствор),
  • Ringer Lactate.

Вообичаено, се дава болус од 20 ml/kg во времетраење од околу 20 минути, со повторување доколку е потребно, сè до стабилизација на виталните параметри.

Понатаму, во болнички услови се врши корекција на метаболната ацидоза и на електролитните нарушувања, особено хипокалиемија, како и надоместување на недостигот од течности и на дневните потреби според клиничката состојба на детето, објаснува докторката.

Кога треба родителите веднаш да побараат лекарска помош?

Итна лекарска проценка е потребна ако детето:

  • не може да ги задржи течностите поради постојано повраќање;
  • мокри многу ретко или воопшто не мокри;
  • сонливо е, тешко се буди или е безволно;
  • има студени раце и нозе;
  • има забрзано дишење или забрзана срцева работа;
  • покажува знаци на нарушена свест.

Затоа, педијатарот посочува дека дехидратацијата кај децата е состојба која бара брзо препознавање и навремено лекување. Во најголем број случаи благата и умерената дехидратација успешно се третираат со орални рехидратациски раствори. Сепак, при појава на знаци на тешка дехидратација, неопходна е итна болничка проценка и интравенска терапија за да се спречат сериозни компликации.

Мали играчки, парички, бонбони – кои страни тела најчесто ги вдишуваат децата?

Она што секој родител треба да го знае е како да му даде помош на сопственото дете додека не стигне до лекарска помош

Убоди од инсекти кај децата: кога се безопасни, а кога опасни?

Убодите и каснувањата од инсекти се чест проблем кај децата, особено во топлите месеци, кога тие поминуваат повеќе време надвор.

Екранизмот го менува детството: како влијаат екраните врз говорот и комуникацијата кај децата?

Феноменот познат како екранизам сè повеќе го привлекува вниманието на стручната јавност поради неговото влијание врз говорот, комуникацијата и социјалните вештини кај децата.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!