Ако забележите црвенило на лицето кај вашето бебе и ако поради тоа постојано се чеша, треба да помислите дека можеби станува збор за атописки дерматит, односно за долготрајно хронично воспаление на кожата. За каква здравствена состојба станува збор, зошто се јавува црвенилото, кога да се консултирате со дерматолог или со педијатар, како се лекува, какви компликации може да предизвика и дали се повторува, Мама не си сама побара стручни совети од проф. д-р Катерина Дамевска, специјалист дерматовенеролог на Универзитетската клиника за дерматологија – Скопје.
Атопискиот дерматит, често нарекуван и атописка егзема, е долготрајно хронично воспаление на кожата, кое обично започнува во периодот на доење. Состојбата е честа и засега околу 10 % од детската популација. Овие деца имаат зголемен ризик од астма и од алергиски реакции, вклучително и од алергии на храна. Основен проблем е нарушената структура на епидермот (површниот слој на кожата), која резултира со сувост, што води кон чешање и воспаление. Воспалението предизвикува ново чешање, поради што се создава еден затворен круг, вели професорката Дамевска.
Причини за појава на атописки дерматит (воспаление на кожата)
Дерматологот Катерина Дамевска посочува три главни причини зошто се јавува ова долготрајно хронично воспаление на кожата:
- Генетските фактори имаат одредена улога. Откриен е генот одговорен за оштетување на површниот слој на кожата. Често овие деца имаат родители со алергиски ринитис и со астма.
- Нарушувања на имуниот систем, кој реагира со бурно воспаление. Имено, имунолошките реакции се неумерени и несоодветни на причината.
- Фактори од околината кои додатно ја сушат или ја иритираат кожата (силни сапуни, шампони, детергенти, прекумерно капење, груба облека), како и изложеност на чад од цигари, аерозагадување или на парфеми.
Како изгледа атопискиот дерматит?
Кожата која е засегната е црвена и воспалена од силниот јадеж, поради кој детето постојано се чеша. Во акутните фази се јавува секреција на бистра течност и влажење, а во хроничниот стадиум кожата е сува, распукана и покриена со лушпи. Кај повеќето деца состојбата има епизоди на влошување и на делумно или на целосно заздравување, вели професорката Катерина Дамевска и потенцира дека местата на воспаление се менуваат со возраста.
Во првите две години најзасегнати регии се лицето и скалпот. Пеленската регија речиси никогаш не е зафатена. Од втората година до пубертетот најзасегнати се кубиталните јами на рацете (лакотни јами) и јамите зад колената. Кожата е сува, груба и разгребана. Можни се епизоди на влошување во кои се повторува влажнењето. На оваа возраст често голем проблем се зафаќањето на кожата околу очите и склоноста кон конјунктивит. Иако кај најголем број пациенти состојбата се подобрува или целосно исчезнува до пубертетот, кај некои лица симптомите продолжуваат и во подоцнежната доба, објаснува дерматологот.
Како се лекува?
Според професорката Дамевска, лесните форми може да се подобрат со правилна нега, а кај потешките форми или во фазите на влошување неопходни се лекарски надзор и препораки за терапија. Целта на терапијата е да се олеснат симптомите, да се намалат јадежот и разгребувањето и да се обезбеди мирен сон.
Какви препарати за бањање и за миење да се користат?
Секој препарат за миење (шампон, купка, сапун) треба да е означен од производителот како хипоалерген, без парфеми (fragrance free), со неутрален или со низок pH.
За атописка кожа пријатни се средствата за капење со додадени минерални масла (маслени купки).
За миење раце особено се препорачуваат синтетските сапуни (означени со syndet), поради погодниот pH, посочува докторката.
Препарати за нега (навлажнувачи и емолиенти)
Дерматологот Дамевска вели дека ксерозата (сувоста) на кожата е основниот проблем и дека таа треба да се решава прва. Препаратите за нега треба да обезбедат намрсување и да спречат загуба на вода од површината на кожата.
Тоа се постигнува со нанесување средства со состојки како на пример гликол, глицерил стеарат, стероли од соја, минерални масла, петролеј (вазелин) и диметикон. Само во стадиумите кога кожата е сува и распукана (никако во активната фаза на влажнење) може да се нанесуваат препарати со уреа и со млечна киселина. Нанесувањето емолиент треба да е секојдневно, а во зимскиот период и по неколкупати на ден. Емолиентот се нанесува на чиста и сува кожа, најдобро веднаш по капење (правилото на 5 минути), кога кожата е хидрирана. Се нанесува количина која е доволна за да се почувствува дека кожата е мрсна и мазна. Средството се нанесува повторно во текот на денот ако зоната се исушила, објаснува професорката Катерина Дамевска од Клиниката за кожни болести.

Кога да се побара лекарска помош?
Дерматологот Дамевска советува да се консултирате со дерматолог или со педијатар доколку:
- промените на кожата се опсежни (над 10 % од површината на кожата);
- има интензивно влажнење и појава на гноен секрет;
- детето има нарушен сон и нарушена исхрана поради промените на кожата;
- на променетата кожа се јават промени од нов вид (рани, меури со вода или гној);
- има придружна температура.
Други причини за сувост и за црвенило на кожата
Втора причина за воспаление на кожата кај децата е иритацискиот контактен дерматит. Поретки причини се себороичниот дерматит и алергискиот контактен дерматит. Поради големиот број состојби кои имитираат атописки дерматит, дијагнозата треба да биде поставена од дерматолог или од педијатар, вели професорката од Клиниката за дерматологија.
Чести заблуди и грешки
Дерматологот проф. д-р Катерина Дамевска за Мама не си сама посочува кои грешки најчесто ги прават родителите и советува на што треба да обрнат внимание:
- Секоја сувост на кожата не е атописки дерматит. Кај секое дете во зима кожата е посува.
- Атопискиот дерматит не е заразен и не се пренесува на другите деца.
- Атописката кожа лесно може се инфицира (херпес, молуски, стафилококни и стрептококни инфекции).
- Не користете кортикостероидни кремови или масти без препорака од лекар.
- Не користете препарати со непознат состав. Кај нас во оптек се „природни“препарати од надрилекари, кои содржат кортикостероиди во високи концентрации.
- Не користете препарати со растителни екстракти кои можат да причинат алергиска реакција (невен, кантарион, прополис).
- Ноктите на детето да се кратки за да не се гребе. Кај малите деца во текот на спиењето да се ставаат памучни ракавички, препорачува професорката Дамевска.