Како да препознаете дали вашето дете има инфекција на очите (конјунктивит)?

Конјунктивитот или инфекција на очите е заразно заболување кое многу често се јавува и кај децата и кај новороденчињата. За тоа кои се причините, како да се препознае, кога да побараат родителите лекарска помош и на што да внимаваат, Мама не си сама побара одговори од д-р мед. науки Снежана Палчевска-Коцевска, специјалист педијатар неонатолог во клиничката болница „Аџибадем Систина“.

 

  • На ниту еден родител не му е сеедно кога првпат ќе види црвено и отечено око кај своето дете, особено кога се во прашање бебињата. Малите деца и бебињата се нервозни, плачливи и ги тријат очите, што дополнително го влошува проблемот. Ако земеме предвид дека одредени видови конјунктивит се многу заразни, неопходно е веднаш да се преземат мерки за негово лекување, вели неонатологот Палчевска-Коцевска.

 

Што е конјунктивит?

Конјунктивитот или розово око е воспаление на обвивката на окото (конјунктивата) што ја покрива внатрешноста на очните капаци и надворешниот дел на очното јаболко. Ова воспаление предизвикува проширување на крвните садови, предизвикувајќи белката, склерата, да стане црвена или розова. Конјунктивитот може да го зафати само едното око или двете, а некои видови може да бидат многу заразни, објаснува педијатарот.

  • Очите погодени од оваа инфекција најчесто се болни, со чувство на топлина, чешање, гребење и на печење и со исцедок од окото. Во текот на ноќта секретите може да се акумулираат на работ на очните капаци и на трепките. Како резултат на тоа постои појава на заслепени очни капаци по будењето. Малите деца понекогаш не можат да ги отворат затворените очни капаци, па затоа зацврстениот секрет треба внимателно да се отстрани со нежно тапкање со памук претходно натопен во солен раствор или со миење со млака вода, советува д-р Палчевска-Коцевска.

 

Причини за конјунктивит кај бебињата и кај децата

 

Причини за конјунктивит може да бидат вирусите, бактериите, алергените или некои надворешни дразби, како на пример смог, хлор или чад, вели педијатарот и посочува:

  • За разлика од алергискиот конјунктивит, кој не е заразен, бактерискиот и вирусниот конјунктивит лесно може да се пренесат на друго лице преку кашлање, кивање или преку други видови контакт со очите. Вирусниот конјунктивит најчесто се јавува кога детето со настинка ќе го допре носот, а потоа очите. Исто така, кога причина за инфекцијата е бактерија во грлото или во носот, таа може да се пренесе на очите на сличен начин, односно со допирање на очите со заразени раце. Конјунктивит може да се појави и во раната неонатална возраст. Кај мајките кои имаат сексуално пренослива болест во текот на породувањето доаѓа до заразување на бебето од секретот на породилниот канал на мајката, објаснува за „Мама не си сама д-р Снежана Палчевска-Коцевска од клиничката болница „Аџибадем Систина“.

 

Симптоми на конјунктивит и на што да се обрне внимание!

 

Најчести симптоми на вирусен конјуктивит кај децата и кај бебињата, според педијатарот, се црвенило на едното или на двете очи, солзење, печење и чешање, како и зголемена продукција на секрет. Ако детето, притоа, има и треска или болка во грлото, можно е да се работи за настинка, аденовирус или за акутен вирусен конјунктивит.

 

  • Вирусниот конјунктивит започнува ненадејно и ги зафаќа двете очи. Тој е придружен со зголемено лачење солзи, црвенило, со печење, пречувствителност на светлина и со чувство на гребење во очите. Очните капаци може да бидат малку до силно отечени, а инфекцијата е придружена со лачење бистар секрет.
  • Симптоми на бактериски конјунктивит се црвени очи, печење и жолт или зелен исцедок од заразеното око. Детето може да се жали и на болка во очите.
  • Бактериската инфекција на очите е често придружена со инфекција на увото. Кога причина за конјунктивитот се алергените, симптомите се црвени и насолзени очи, затнат и растечен нос, отечени очни капаци, како и кивање и чешање на носот, посочува д-р Палчевска-Коцевска.

 

 

Конјунктивит кај новороденчињата

 

Според педијатарот, причина за конјунктивит кај новородените бебиња може да биде и тесен очен канал. Станува збор за несоодветен развој на солзните канали, што е релативно честа појава кај бебињата и обично поминува спонтано до првата година од животот.

 

  • Солзниот канал може целосно да се затвори, поради што солзите не можат да течат низ носот на бебето. Солзите се акумулираат во аголот на окото и создаваат погодна почва за развој на инфекции, односно конјунктивит. Иако стеснетиот солзен канал најчесто се забележува веднаш по раѓањето, проблеми може да се појават и подоцна, кога низ солзниот канал нема да може да истечат солзи додека бебето расте. Стеснетиот солзен канал, како причина за конјуктивит, може да се третира со масажа за да се прошири. Масажата се изведува со кружни движења на прстите во коренот на носот (местото каде што се спојуваат окото и носот) неколкупати на ден. На овој начин солзите што се задржуваат на почетокот на солзниот канал полека се истиснуваат низ каналот, а тој постепено се шири со масажа, објаснува д-р Палчевска-Коцевска и советува дека е многу важно да се води сметка за хигиената и редовно да се прави масажа за да се спречи кумулирање бактерии во окото, како превенција од конјунктивит. Бебињата со стеснети солзни канали често се будат со акумулиран секрет на очните капаци. Окото треба да се исплакне со солен раствор, а педијатарот може да препорача и употреба на специјални кремови, капки и раствори за плакнење.

 

 

Третман на конјунктивит кај децата

 

Педијатарот д-р Палчевска-Коцевска посочува дека вирусниот конјунктивит обично поминува спонтано за неколку дена и не бара посебен третман. Спротивно на тоа, бактерискиот конјунктивит треба да се третира со антибиотски капки локално, во очите. Кога станува збор за алергискиот конјунктивит, лекарот може да препорача и употреба на антихистаминици и на вештачки солзи. 

  • Никогаш не спроведувајте го третманот без консултација со лекар, а особено треба да избегнувате домашни рецепти и препораки за лекување конјунктивит како што е капнувањето мајчино млеко во очите на бебето. Овој метод може да направи повеќе штета отколку корист, односно бактериите од мајчиното млеко може дополнително да ја влошат инфекцијата. Ако вашето дете претходно имало конјунктивит кој се повторил по одреден период, немојте да го лекувате самостојно, односно со истите лекови како во претходната епизода. Причините за инфекцијата може да бидат различни, па затоа третманот треба да се приспособи на видот на инфекцијата, петенцира д-р Снежана Палчевска-Коцевска.

 

 

 

 

Што треба да знаете за вродените аномалии на бубрезите и на уринарниот тракт?

Пациентите со вродена мана на уринарниот тракт треба да се информирани за ризикот од уринарна инфекција и за важноста на профилаксата.

Исхраната е многу важна за когнитивниот развој на детето

Масните киселини омега 3 се есенцијални масни киселини и се неопходни за раст и развој на многу системи на органи, особено на нервниот и на кардиоваскуларниот систем.

На која возраст детето треба да се одвикне од пелени?

Статистички се смета дека децата стануваат зрели и способни да ги контролираат своите физиолошки потреби меѓу 18 и 24 месеци.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!