Зошто некои деца имаат крв во урината?
Крв во урината кај децата, позната и како хематурија, е состојба која предизвикува загриженост, страв и паника кај родителите.
Анемијата, или пошироко позната како слабокрвност, е нарушување што се карактеризира со намален број на црвени крвни зрнца (еритроцити), односно со недостиг на крвен пигмент (хемоглобин). Хемоглобинот, кој е составен дел од еритроцитите, по состав е протеин кој го пренесува кислородот од белите дробови до ткивата. За нормална функција на човековиот организам неопходно е квалитетно снабдување со кислород на органите и на ткивата. При анемија страдаат сите органи поради недостиг на кислород. Се јавуваат општа слабост, чувство на хроничен замор, намален апетит и вртоглавица, за „Мама не си сама“ објаснува прим. д-р Јадранка Живковиќ, педијатар во „Ре-Медика“.
Постојат повеќе видови анемија. Најзастапен тип е анемијата која се јавува поради недостиг на железо – сидеропениска анемија. Железото е неопходно за создавање на хемоглобинот. Оваа анемија најчесто се јавува како резултат на несоодветна исхрана. Друг вид е мегалобластната анемија или пернициозната анемија. Кај хемолитичната анемија еритроцитите имаат генетски дефект кој предизвикува нивно предвремено распаѓање. Некои анемии се наследни, а некои се стекнуваат во текот на животот. Српестата анемија е наследно заболување кај кое еритроцитите имаат форма на полумесечина или на срп, наместо вообичаената овална форма. Таквите црвени крвни зрнца немаат доволно хемоглобин, а поради својата абнормална форма може да ги затнат тенките капилари и да го загрозат животот, вели д-р Живковиќ. Според неа, пернициозната анемија се јавува поради недостиг на витамин Б12 и најчесто е резултат на неспособноста на организмот да го ресорбира витаминот преку тенкото црево, иако тој доволно се внесува преку исхраната. Главно се јавува кај постарата популација.
Кај бебињата најчеста е физиолошката анемија
Педијатарот Јадранка Живковиќ посочува дека кај новороденото и кај малото доенче анемијата може да е физиолошка, нормална појава поради зголеменото разградување на вишокот еритроцити со кои се раѓа детето. Најчеста е во вториот или во третиот месец од животот бидејќи еритроцитите настанати во феталниот период живеат само 60-70 дена (нормално е 120), волуменот на крвта бргу се зголемува бидејќи детето бргу расте, а новите еритроцити побавно се произведуваат. Кај доносените деца кои се хранат со мајчино млеко не е потребна посебна терапија. Употреба на препарати со железо доаѓа предвид само ако претпоставуваме дека кај детето резервите со железо се мали, на пример, поради јака анемија кај мајката во текот на бременоста. Кај предвремено родените деца, без оглед на квалитетот на исхраната, главно, треба да се започне со терапија со железо по првиот месец од животот. Кај нив бројот на еритроцитите и количеството на хемоглобинот се намалуваат побргу отколку кај терминските деца, обично веќе 5 од 3 до 6 недели од животот. Според докторката, оваа терапија се дава и кај деца со мала родилна тежина, близнаци, деца од повеќеплодна бременост, како и кај доенчиња кои имале перинатално губење крв.
Поради недостиг на железо во детската возраст најчеста е сидропениската анемија
Во разговор за „Мама не си сама“ педијатарот објаснува дека оваа анемија, која се јавува поради недостиг на железо, е најчеста во детската возраст. Најчеста причина за нејзината појава е недоволното внесување железо преку храната, но може да се јави и при скриено или видливо крвавење. Не треба да се занемарат и хроничните инфекции, особено уринарните предизвикани од бактеријата ешерихија коли, која го користи железото за својот метаболизам. Во текот на првите шест месеци од животот детето се храни со млеко, мајчино или адаптирано, богато со многубројни хранливи материи од основна важност за неговиот развој, но многу сиромашно со железо. До овој период потребите од железо се покриени со резервите во црниот дроб, кои се создаваат во последната фаза од бременоста. Ова значи дека кога резервите ќе почнат да слабеат, во исхраната на детето треба да се воведе храна богата со железо. Кај предвремено родените деца резервите на железо се помали бидејќи немале време да ги создадат. Кај нив веројатноста за појава на анемија е поголема, па обично педијатарот одредува терапија, вели д-р Живковиќ.
Како да превенирате анемија кај вашето дете и како се лекува слабокрвноста?
Превенцијата на анемијата треба да почне уште во текот на бременоста. Идната мајка треба да има добра крвна слика, здраво да се храни и да внесува доволно количество на витамини неопходни и за неа и за детето. Ова ќе овозможи создавање добри резерви на железо кај детето во првите 5-6 месеци од животот, појаснува докторката. Доењето е вистинскиот начин за да се спречи оваа анемија. Таа е поретка, а се јавува подоцна кај децата кои цицаат во однос на оние кои се на исхрана со кравјо млеко. Превентивното давање препарати за железо кај ризичните групи (недоносени деца, близнаци, деца со мала родилна тежина, деца од мајки со анемија во текот на бременоста) го намалува ризикот од појава на анемија, посочува д-р Живковиќ. Нашата соговорничка советува да се јаде разновидна храна и во исхраната да се внесуваат намирници богати со железо, како и оние кои ја помагаат неговата апсорпција. Главни природни извори на железо во храната се месото, рибата, црниот дроб, жолчката од јајцето, зелениот лиснат зеленчук (особено богат со железо е листот од магдонос), мешунките и свежото овошје. Таа објаснува дека железото од сите видови меса, како хем-железо, значително подобро се искористува од нехем-железото, кое се наоѓа во зеленчукот. Дневните оброци треба да содржат доволно количество на свежо овошје и зеленчук. Тие содржат витамин Ц, кој ја подобрува апсорпцијата на железо. Кафе, чај, какао, кока-кола и пијалаци кои содржат кофеин, теобромин и танин треба да се пијат 1-2 часа пред или по оброкот, бидејќи тие материи ја отежнуваат апсорпцијата на железото. Ресорпцијата ја отежнува и храната богата со растителни влакна, како што се житарките, а и млекото. Значи, со месо треба да се пие сок, а да се избегнува комбинацијата од месо со житарки и млеко, советува педијатарот и препорачува, ако не е можно да се внесат доволни количества на железо преку исхраната, да се користат препарати на железо за превенција или за терапија на анемијата. Се користат разни препарати на железо. Иако резултатите од лечењето доаѓаат до израз релативно бргу (по 2 седмици), терапијата треба да продолжи уште 1 месец по нормализирањето на крвната слика за да се наполнат резервите на железо во организмот. Сидеропениската анемија е многу почесто заболување кај нашата популација отколку што се мисли. Причина за високиот процент на анемии кај нас, секако, се лошите навики во исхраната на општата популација, вели докторката.
Како да препознаете анемично дете?
Според педијатарот, кај малите деца анемијата најчесто се открива случајно, по пат на земање крв за анализи, бидејќи тие не знаат да ги објаснат проблемите што ги чувствуваат. Бледото лице не мора да биде знак за анемија. Бојата на кожата зависи од нејзината дебелина, пигментацијата и од прокрвеноста. Ако, освен лицето, бледи се и усните и кожата под ноктите, би можело да се работи за анемија. Тука има и други симптоми: работата на мозокот и на мускулите е побавна зашто примаат помалку кислород, па се јавуваат замор, раздразливост, слаб апетит и незаинтересираност за игра. Поголемите деца, пак, при појака анемија се жалат на вртоглавица, зуење во ушите, главоболка, срцебиење, а неретко кај нив се забележува и заостанување во растот и склоност кон инфекции, бидејќи некои деца ставаат во уста материи кои не се за јадење (земја, песок, хартија), посочува д-р Живковиќ.
Улогата на железото во организмот
За „Мама не си сама“ докторката објаснува дека железото е елемент кој е неопходен во човековиот организам и кој има големо влијание врз неговото здравје. Во телото се наоѓа во повеќе форми, составен дел е на многу ензими, учествува во метаболизмот на сите живи клетки, а во најголем процент се наоѓа во еритроцитите, како дел од хемоглобинот, најважното соединение кое го врзува и го пренесува кислородот. Воедно, тоа е и најважната улога на железото во организмот. Освен пред раѓањето, организмот го прима железото исклучиво однадвор, преку храната или преку препаратите со железо. Се вградува во хемоглобинот и во ензимите, а се складира во мускулите и во црниот дроб, каде што се наоѓаат резервите на железо. Не се излачува од организмот, освен минимално преку столицата, а до губење доаѓа единствено преку крвавење. Во текот на животот потребите од железо се менуваат во зависност од брзината на растот, односно од посебните состојби. Така, во периодот на доење и во периодот на пубертетски раст кај здравите деца потребите од железо се најголеми, а зголемени потреби имаат и девојките и жените во репродуктивниот период, особено во текот на бременоста и при доењето. Момчињата по завршувањето на растот и мажите подоцна во животот немаат зголемена потреба од железо, ако се здрави, бидејќи губењето од организмот е минимално и занемарливо, така што нормалната исхрана сосема ги задоволува сите потреби. Во состојби на зголемена потреба од железо често е потребно негово давање во форма на препарат, вели д-р Јадранка Живковиќ.
Извори на железо
Организмот може да го земе железото од храната или во форма на лек. Новороденото дете железото го добива од мајчиното млеко. Во него концентрацијата на железо е мала, но затоа, пак, искористувањето е максимално (49 проценти наспроти 10 проценти од кравјото млеко). Затоа, адаптираните млека секогаш се збогатуваат со железо, потенцира педијатарот.
Кај здравите новороденчиња, по нормално траење на бременоста, резервите на железо од мајката се доволни за нормален раст и развој некаде до 5. или до 6. месец од животот (зависи од брзината на зголемување на телесната маса). По овој период железото треба да се внесува преку исхраната, кога и се започнува со немлечно хранење, советува д-р Живковиќ.
Крв во урината кај децата, позната и како хематурија, е состојба која предизвикува загриженост, страв и паника кај родителите.
Кандидијазата кај децата, предизвикана од габата кандида, не е секогаш опасна, но може да биде непријатна и да бара третман, особено ако се јави кај бебиња и кај деца со ослабен имунитет.
Кај најголем број бебиња првите запчиња почнуваат да никнуваат на возраст од околу 6-7 месеци.